PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

„Остри предмети“: Како може да те исече семејството

popup by popup
септември 20, 2018
in Филм
0
400
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Можеме ли некогаш вистински да дознаеме какво е едно семејство однатре? Ајде да замислиме дека семејството е огромно огледало пред кое секој стои поединечно со своето сопствено мало огледалце. Одразите во малото огледалце се безброј, колку што се безбројни и променливи тие амбивалентни расположенија на површината на едно семејство. Понекогаш поддршка, понекогаш вина, радост, гнев, фрустрација, очај, гордост… Секакви слики минуваат низ големото огледало што по претпоставка цврсто (би требало да) го држат неколку видови љубов внатре во јадрото на семејните односи. Но, што ако тоа големо огледало го распарчат поединечните „сопствени мали огледалца“ со сета сила фрлени кон него? Колку е тешко одново да се состави и да се добие кристалниот одраз како порано?


Токму со овие прашања за погледот во интимниот простор на едно семејство се занимава минисеријата „Остри предмети“ (Sharp Objects) на HBO, базирана на истоименото дело на Џилијан Флин, а режирана од добропознатиот Жан-Марк Вале (Wild, Big Little Lies). Отсекогаш сме уживале во сценарио со дејство сместено во мал, американски град, во некоја од помалку познатите сојузни држави, каде што навидум се живее мирниот, просечен средноамерикански живот, па oдеднаш дојденецот ја открива неговата мрачна страна. Тој трик успева уште од времето на „Степфордските сопруги“ 🙂

„Остри предмети“ го следи враќањето на новинарката Камил Прикер (Ејми Адамс) во малиот роден град Винд Гап (Мисури, Недојдија) од каде што треба да известува за мистериозните убиства на две тинејџерки. Соочувањето со Винд Гап ја отвора целата лична драма на Камил, која очигледно не може да излезе на крај со алкохолизмот и со силните демони од минатото. Со самиот влез во зоната на цврстиот матријархат, чиј камшик го држи доминантната фигура на мајка ѝ Адора (Патриша Кларксон), за Камил се отвораат портите на еден интимен пекол со територија што се протега многу пошироко од границите на нејзината личност. Постојано на тенката линија меѓу илузијата и стварноста, истрагата на морничавите убиства на девојките е испреплетена со многу чувствително патување низ минатото на нејзиното семејство, односот со починатата сестра (кој е живописно опишан со игрива монтажа и растегнат низ целото дејство), и најважно од сè – oдносот на Камил со мајка ѝ.

Сe чини дека сè што амбициозната и угледна Адора постигнала и не успеала да постигне со Камил и починатата ќерка Мариен, се рефлектира во односот со најмладата од нејзините три ќерки – Ама (Елиза Сканлен). Доаѓањето на Камил означува вшмукување во вителот во кој веќе силно се вртат Адора и Ама. Адора е опседната во креирањето паралелна реалност за Ама и одржувањето на својата видна позиција во градот. А Ама дома е поневина од Дороти од Канзас, уредна и воспитана тинејџерка, која по цел ден си игра со куќичката за кукли, додека надвор вози ролерки облечена во жешки панталончиња и зема екстази.  Низ целата фарса на Винд Гап (о, да, фарсата никаде не се гледа појасно отколку во мало место) се шетаат уништените соништа на Камил, чијшто живот е неповратно оштетен од нељубовта што нејзината мајка не се ни труди да ја скрие и неразјаснетата смрт на сестра ѝ. На моменти се прашувате кој е поголема жртва во малиот град на скршени луѓе со предвидливи навики. Дали серијата ќе „забега“ во правец на паранормални феномени, духови и привиденија? Дали и најужасниот хорор, всушност, не е само сцената на која се поставени сите игри што ги игра човечката психа?

Пред гледачот се одвиткува болен свет на натрупани трауми, неостварени соништа и емоционално потиснување. Сцената во која Камил облечена води љубов со детективот Ричард (Крис Месина) за да го скрие своето тело, ја разоткрива потребата да се пропушти малку светлина во нејзиниот живот лишен од секаква интимност и човечко поврзување. Психолошката загатка на Камил и нејзиното минато, самоповредувањето и депресијата се мајсторски изнесени на површина со умешна и ефектна монтажа, но и со брилијантната глума на Адамс. Дури мислам дека треба внимателно и детално да ја прегледате серијата за да го откриете богатството од скриени пораки и да ги одмотате „визуелните врзопчиња“ со кои искусниот Жан-Марк Вале придонесува за естетското совршенство на целиот продукт наречен „Остри предмети“.

И конечно, „Остри предмети“ не е крими минисерија што е фокусирана и завршува со расчистувањето на убиствата. Убиствата се неверојатно споредни во заплетот на оваа серија. Таа на еден морничаво убав начин се занимава со прашањето: До кој степен може да те уништи семејството? Бидејќи семејството е големото огледало во кое сите се огледуваме со сопствените мали огледалца. И бидејќи сите тие огледала лесно можат да се скршат, а острите парчиња уште полесно да нè исечат.

Previous Post

„Будење“ – завршна изложба на студентите по дизајн

Next Post

„Флора вс Фауна“ – Изложба на уникатен накит од петмина дизајнери

Next Post

„Флора вс Фауна“ - Изложба на уникатен накит од петмина дизајнери

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum