Од наш агол, на изложбата „Од мој агол“ видовме само љубов, надеж и прифаќање што ги отвораат душите и ги топлат срцата. Изложбата „Од мој агол“, која е поставена во Чифте амам и е во организација на Националната галерија на Македонија, претставува дел од проектот „Уметност за сите“, поддржан од Холандската амбасада во Република Македонија.
Тенденцијата на пораст на аутизмот во глобални рамки е своевиден факт и токму затоа овој проект се стреми да ја подигне јавната свест за овие лица. Во овој дел од проектот беше организирано фотографирање на повеќе локации низ градот Скопје, при што децата со аутизам низ нивна призма и од нивен агол ја раскажаа својата приказна. Изложбата претставува презентирање на најдобрите фотографии што децата со аутизам ги изработија во текот на фотографирањето. На отворањето настапија и професионалните танчари со Даунов синдром од студиото „Dancers United“.