Manfredi Romano e човекот што својот псевдоним го добива како „инцидент“ од најавите за неговите први настапи на Сицилија во локален тениски клуб, каде што денес ужива реномиран углед и е синоним во електронската музика за врвен музички селектор, извонреден менаџер и секако вешт диџеј, пред сè. Неговата животна приказна и патот до овој статус што го ужива денес е спонтана и најмалку претенциозна, создавајќи нешто како контратежа на музичката сцена и индустрија. Имајќи предвид дека неговото искуство во музиката се темели на активното менаџирање панк-бендови, продуцирање експериментална, филмска па дури и бендовска музика, Dj Tennis правецот во електронската музика го избира како алтернативен стил на сè претходно споменато.

Во 2010 година Dj Tennis се впушта во уште една авантура на која ѝ го дава името „Life and Death“, која во наредните години ќе прерасне како една од најуспешните приказни и издавачки куќи на електронската музичка сцена. Рецептот за успехот на овој лејбл се темели на неговото искуство и добра анализа на моменталната состојба во електронската музика, која во тој момент ја дефинира како задушена и заситена од репетитивноста од страна на артистите и секако диџеите што неа ја презентираат. Визијата за лејблот што го основа заедно со Tale of Us (Matteo Milleri) и Greg Oreck (Thugfu*er) има за цел да им даде ново значење и енергија на веќе застарените музички концепти како што тој ги доживува на тогашната електронската сцена. Првото издание на „Life and Death“ се јавува како потреба да се искаже самостојноста и вербата во сопствениот потенцијал и моќ, па така кога е одбиен од издавачката куќа на Dixon, „Innervisions“, Dj Tennis ги презема сите неопходни работи за да дојде оваа музика во допир со етерот. Како алтернатива и нешто ново на електронската музичка сцена, ова издание што се состои од 4 ленти, од кои три се ремикси на Tale of Us, Argenis Brito и Tomboy, а оригиналот е на Thugfu*er насловен како Disco Gnome, доживува одличен одзив и претставува уникатно музичко остварување во тој период. Како продуцент Dj Tennis на сопствениот лејбл дебитира дури две години подоцна, односно во 2012 година чекајќи го вистинскиот момент за неговото издание што ќе го постави на мапата на електронската сцена.
Целото искуство низ годините и судбината на многуте големи издавачки куќи ќе го диктира текот на работите во „Life and Death“, полека но сигурно да се издаваат музички остварувања што секојпат ќе внесат свежина на сцената и лејблот, но без да го загрозат стандардот и квалитетот што Dj Tennis ги има зацртано. Еклектичниот пристап што го има во поглед на издавањето на музика, го користи и во неговите диџеј-сетови сакајќи секогаш да ја изненади публиката, но пред сè да ја добие нејзината доверба, со цел да раскаже уникатна музичка приказна. Претпочита да има што да ѝ презентира на публиката отколку да биде само уште еден во низата диџеи што се продукт на големата машина од социјални мрежи и медиуми. Од неговото животно искуство во повеќе сфери на музичката сцена има што да се научи и можеме да заклучиме дека единствената постојана и клучна работа е разновидноста и стремежот кон уникатното. 22 февруари е датумот кога ќе настапи во „Станица 26“ и ќе можеме да уживаме во неговиот избор и секако ќе претставува досега едно од поуникатните музички доживувања за сите љубители на електронската музика.

Нино Делиниколов

