National Geographic предупредува за уништувачките ефекти на пластиката врз планетата Земја со многу остроумна насловна страница за своето јунско издание. Сликата на насловната страница прикажува ледена карпа во форма на пластична ќеса под океанската површина. Повеќе од 8 милиони тони пластика секоја година завршуваат во океанот, а тие се, според англискиот израз „just the tip of the iceberg“ (буквално преведено – врвот на ледениот брег), само видливиот дел од многу подлабок и посложен проблем. Фото-уредникот на National Geographic, Вон Валас, ја сподели сликата на Твитер, предизвикувајќи позитивна бура од реакции кај стотици луѓе, кои го поздравија изнесувањето на оваа важна тема на таков провокативен начин. Сликата е дело на мексиканскиот артист Хорхе Гамбоа.

Во новиот број, National Geographic ја лансира кампањата „Планета или пластика?“ чија цел е намалување на глобалната потрошувачка на пластика за една употреба. Како дел од иницијативата, National Geographic ги замени пластичните обвивки на списанието во САД, Обединетото Кралство и во Индија, со хартиени.
Главниот уредник Сузан Голдберг напиша: „Дали замената на пластичните обвивки на списанието ќе ја спаси планетата? Па, не. Но, тоа претставува пример за релативно лесни мерки што може да ги преземе секоја компанија, секоја влада и секоја личност. Земени како целина, тие мерки ќе доведат до вистинската промена.“
3 факти за пластиката што треба да нè замислат:
-
Истражувачите предвидуваат дека до 2025 година, количината на пластичен отпад во океаните двојно ќе се зголеми доколку не се преземат радикални мерки.
-
Светското производство на пластика се зголеми од 2 милиони тони во 1950 на 380 милиони тони во 2015 година. Половина од тој износ е произведен само во последниве 15 години.
-
Ако продолжи овој тренд, човекот ќе произведе 34 милијарди тони пластика до 2050 година што е стопати поголема тежина од тежината на сите човечки суштества на планетава.












