Најтешко е да пишуваш за човек што го познаваш речиси цел живот, кому му се воодушевуваш, го сакаш и почитуваш. Секое пишување може да забега во патетика или изнесување на личното да стане невкусно. Повод за овој текст ми се родендените на сликарот Миро Масин. Роден е на 17 јануари 1963 и како што самиот вели: „Од мал си правам журка за роденден“. Така е и сега кога е голем 🙂 Секоја година неговиот дом-ателје е место каде што заедно со своите пријатели го слави животот. Пред неколку години Климе Коробар открил дека денот на неговиот роденден, според Роберт Фију (Robert Filliou), француски уметник, припадник на групата Флуксус, претставува и роденден на уметноста. Во 1963 година тој изјавил дека пред 1.000.000 години, точно на 17 јануари е родена уметноста и оттогаш (1963) тој ден се празнува со забави, концерти, изложби и разни собири.
Интересно е што и Роберт Фију е роден на истиот ден, но во 1932 година. Годината откога се слави роденденот на уметноста е годината кога се родил Миро Масин. Како и да е, уметниците сакаат да си ги слават родендените и уметноста.
Токму затоа во последните три години Миро и Асоцијацијата за култура ИКОН организираат изложби специјално подготвени за роденденот на уметноста. Тоа подразбира комплетна посветеност, од идеја до каталог.
Првата година тоа беше изложба на негови дела од циклусот „Птици“ насловена како Бирдеј. „Во слава на уметноста“ беше насловот на минатогодишната, кога беа изложени дела на повеќе автори од колекцијата на Климе Коробар.
Годинава, специјално за овој ден, беше подготвена Акт2Акт – изложба на фотографии на Вацлав Лукиќ (1973) VS дела на Миро Масин.

Во домот на уметникот, приземјето е еднособен долг простор, на едниот долг ѕид беа фотографиите на Лукиќ, а спроти нив, на другиот ѕид, делата на Масин.
За мотивите на изложбата Акт2Акт, Лукиќ ни кажа: „Масин е исклучителен сликар, кој бескрајно го почитувам, целосно посветен на уметноста, па така во нашите чести дружења и разговори добив инспирација да ја реализираме оваа серија фотографии, од кои еден дел се претставени на изложбата. Со Миро сме и блиски пријатели. Она што ме понесе е животот на уметникот посветен на уметноста, целосно искрен и ‘разголен’ во својата работа, борбата во која ќе останеш свој до крај, а сепак да ги исполниш и нужните потреби за егзистенција.“
Мирослав Масин на оваа изложба направил избор на дела од неколку циклуси, во кои централно место зазема женското тело. На неговите размисли за женското тело се „спротивставува“ разголувајќи се целосно и самиот пред објективот на Вацлав Лукиќ.


Замислен. Со виски во рака. Со цигара. Загледан во подот. Со рацете на глава и раширени нозе, во поза на најголемо уживање. Насмеан. Тап поглед. Со Адамов лист.

Соголен во своето ателје, а окото на набљудувачот лови дела на уметникот, на ѕидовите, полиците, штафелаите…

Не можете да престанете да се воодушевувате на неговите дела низ целиот дом. Насликани кутии за пенкала, лампиони, вина со негови етикети, пазлс од негови слики, четка за сликање со ливчиња, машни…


Родендените на Миро се радост и славење на животот и уметноста!
Илинка Делчева

