Битолскиот актер и стенд-ап комичар Марјан Георгиевски, кој пред неколку години се стекна со „вирална“ слава преку своите јутјуб-скечови, едноставно нема време да мирува. Работи во Битолскиот театар, постојано има стенд-ап настапи со своите балкански колеги, пишува сценарија за популарното ток-шоу „Еден на еден“… Овој пат, на главниот град му го носи Сатиричниот театар „Носорог“, кој ќе продуцира независни претстави, стенд-ап комедии, кабареа и други перформанси со тон и акцент на општествената критика. Марјан вели дека идејата за името му дошла по веста за угинувањето на последниот северен бел носорог на планетава, а целта на театарот е да впери прст кон живите општествени рогоносци што цветаат како вид. Претставите на театарот „Носорог“ се играат во поранешното „Кино Вардар“ на ул. Македонија и црпат сила од својата независност, се гордеат со својата неинституционалност во вакви институционални времиња за македонската уметност. Замислата е продукциите на „Носорог“ да се занимаваат со суштината на театарот, да се фокусираат на самата актерска игра и на непосредниот контакт со публиката, која ќе може да се дружи со актерите и одблиску да се запознае со нивната работа.

1. Започнавте со претставата „Кокошка“ на Николај Кољада, а потоа продолживте со „Пијани“ на Иван Вирипаев, и двајцата припадници на руското театарско движење, кое е во диогенска потрага по славјанската душа во суровиот капиталистички свет. Тоа е одлична симболика за ваквиот ентузијастички потфат со буџет од нула денари. Во која насока ќе се движи работата на театарот „Носорог“?
Идејата е да се занимаваме со денешницата, со современото живеење, со сè она што ни е наметнато, со сите квазивредности, сакаме да поставуваме современи автори, да бидеме отворени за проекти што имаат свој став, кои имаат да кажат нешто, кои знаат да провоцираат, но на крај најбитно е да комуницираат со нашата публика. Имаме огромен ентузијазам, што во ова шашаво време е повеќе лудост, но нема компромис кога станува збор за пасијата театар.
2. Со „Носорог“ сакате да го урнете конвенционалното во театарската изведба на тој начин што ќе го урнете „четвртиот ѕид“ што ја дели публиката од актерите. Како ќе го изведете тоа?
Денес актерите не се само актери што го изведуваат театарскиот чин, тоа се повеќе перформери што имаат свој став и кои се креатори на претставата, а не само изведувачи на нечија идеја. Ќе играме насекаде, нема потреба сцената да нè заробува, секој простор е предизвик за правење претстава, основната идеја на „Носорог“ е да воспоставуваме комуникација со публиката.

3. Каков ќе биде процесот на поврзување со независните театарски проекти ширум државава и какво место ќе имаат младите македонски драматурзи во Сатиричниот театар „Носорог“?
Обично независните проекти се многу „кревки“, немаат сопствен простор, се појавуваат инцидентно и за кратко време исчезнуваат. „Носорог“ е просторот каде што ќе може публиката да види проекти од театарџии од цела Македонија, а секако ќе има и претстави што ќе гостуваат од нашите соседни земји, ќе го следиме импулсот на „нашето“ театарско време, ќе стимулираме и наши автори, кои ќе имаат шанса да ги реализираат своите идеи.
4. Се потпишувате како режисер на претставите „Пијани“ и „Кокошка“. Што од актерското треба да се задржи, а што да се тргне настрана за да се биде успешен театарски режисер?
Претставата треба да биде работена со актерите, зашто тие се основната енергија, моторот на театарскиот чин, актерската игра е магијата што ден-денес го одржала театарот жив. Кога имаш идеја, кога имаш екипа што знае што сака да прави, сето тоа зачинето со повеќе страст и лудило, стигнуваш до резултатот успешна претстава.

5. Марк Твен вели: „Тајниот извор на самиот хумор не е радоста, туку тагата“. Кај нас сè повеќе отсуствува она природно, искрено смеење од срце. Македонија веќе извесно време се смее горчливо и нервозно, најчесто на гротескните политички случувања во кои е затрупана. Што вистински може да го насмее комичарот Марјан Георгиевски денес?
Се уморивме од сè што ни се случува сите овие години, сè помалку се смееме, зашто живееме во апсурдно време, кое не знаеш дали е за смеење дали за плачење, секојдневно сме шокирани со реалноста и со она со што нè бомбардираат медиумите, баналното нè затрупа до гуша. Мораме да се исчистиме од гнасотилаците што ни ги натоварија на плешки, мораме да излеземе од ова колективно лудило, сме станале малициозни, површни, инстант среќни. Кога ќе успееме сите овие механизми што постепено ни го трујат духот да ги откорнеме од нас, тогаш ќе можеме да гледаме многу чисто и дури тогаш слободно ќе се смееме, а со тоа ќе си ја заработиме и слободата како човечки битија.

