Покрај сето ова, за личност што себеси се претставува како интровертна, љубител на домашниот удобен амбиент , Јелена доста патува и се сели. Неодамна се пресели во Њу Ингланд, САД, со своето имагинарно милениче слон и одлучи да им се посвети на своите ангажмани од дома.
Нејзините пенкала и водени бои покрај тоа што се инспирирани од домот и сè што се случува таму, исто така се инспирирани од теми како магија, мистерија и чувството на меланхолија.
Извонредните илустрации на Бриксенкова привлекле познати клиенти, кои се од големо значење за нејзината промоција и кариера. Соработките со „The New York Times“, „Real Simple Magazine“ и „Urban Outfitters“ се едни од најуспешно реализираните.
За разлика од други илустратори или привремено ангажирани уметници, таа ужива во комбинацијата на слобода и на тоа што на барање на клиентите постои временска рамка на која треба да се придржува, затоа што тоа прави таа да биде редовно посветена и максимално креативна во своето творење, но сепак задржувајќи ја професионалната работа најблиску до тоа што таа навистина е, до нејзината природа. Од друга страна, личната работа ѝ бара посебна состојба на нејзиниот ум, до која стигнува преку мистериозна комбинација на околности што се случуваат во некоја непроспиена ноќ или при долга осамена прошетка. Ваквиот спој, односно ваквите чувства се реткост и би било тешко да се преживее ако уметноста би ја создавала само од овие емоционални состојби, раскажува илустраторката што ширум ѝ отвора врата на меланхолијата, а ги вкусува и моментите на длабока носталгија и копнеж по непознатото, а често и по невозможното.
Таа поседува способност да ја пролонгира болката, еден таков пример е нејзината состојба на скршено срце, која ја негуваше подолго отколку што би се очекувало сметајќи дека постоеле недопрени и недоволно испитани делови од таа љубов, кои требало да се исцрпат до последна капка за да се извади вреден материјал при нејзиното креативно создавање. Таа смета дека треба да се смири болката и во мирна состојба да се создаде уметност од тоа, согласувајќи се со Балзак кој рекол – поезијата е емоција создадена во мир. Нејзините лични дела најчесто се создадени токму во ваквите моменти, а не во миговите кога ѝ се распукувало срцето чувствувајќи ја најдлабоката болка, туку подоцна, тогаш кога би успеала да набљудува од некаква дистанца што ја создава времето.
Преку ваквиот процес научила многу, како да ја прегрне тагата и како да ги прифати неочекуваните удари со отворени очи и срце додека гледа во придушената светлина на единствениот прозорец во темната уличка или по дочитаната книга среде ноќ оставајќи ѝ чувство дека останала последната личност на овој универзум. Ништо не ја прави посреќна од тоа да ја пречека тагата и да ја искористи на најдобар начин пред таа сосема да исчезне.
Отсекогаш цртала жени, тоа е нешто што го прави од најрана возраст па сè до денес кога жената ретко има споредна улога во нејзините дела и покрај целиот ликовно-академски филтер преку кој поминала низ годините. Често покрај жената заглавена во нејзината имагинација се наоѓа и домот и сите детали во него кои раскажуваат за тоа која е Бриксенкова, отсликувајќи ја нејзината емоционална состојба, затоа што нејзиното друштво се омилените предмети во домот што молчат, но сведочат за тешките денови кога болката апсорбира.
Некако, очекувано е уметник како Јелена да им се восхитува на делата на импресионистите Матис и Вујард, со оглед дека често сликале жени во своите домови опкружени со фини предмети, книги или цвеќе, гледајќи некаде во далечината, а ова Бриксенкова го доживува како мистерија што ја тера да се запраша, кој би знаел каква бура може да се разбуди од мирната појава на една осамена жена во нејзината соба? Јасно е дека емоционалната состојба на ликовите во нејзините дела е од големо значење и како такви го сочинуваат најголемиот дел. Иако повеќето ликови се разликуваат еден од друг, заедничко им е тоа што се емоционални автопортрети. Ретко кој знае храбро да ја задржи тагата за да од неа впие екстракти што ѝ помагаат да раствори прекрасни дела полни емоции.
Вули Абази