Илустрациите на Јеф Естберг најчесто претставуваат пејзажи и обични секојдневни сценарија, каде што секогаш се истакнуваат ликови со одличен моден стил, нацртани во весели, меки линии и обоени во кремасти тонови, успешно создавајќи една суптилна длабочина.

Тоа што израснал во мало гратче во Северна Шведска ги зголемило мечтите на Јеф за живот на некое друго место, замислувајќи се себеси и тоа што би го опкружувало, со голема желба истото да го нацрта. Овие желби и мечти почнуваат да се реализираат во 2008 година кога се сели во Стокхолм и започнува да студира визуелни уметности на Konstfack University of Arts. Афинитетите кон уметничко изразување и естетика несомнено се протегаат уште од најмала возраст со оглед дека израснува опколен со текстилни материјали и модни креации затоа што неговата мајка е текстилен дизајнер и на директен или индиректен начин ќе му го пренесе чувството за истенчен естетски вкус, особено кога се работи за модата. Баш поради таа причина многу малку недостигало да се одлучи да студира мода наместо графички дизајн и илустрација.
Процесот на креирање се менувал низ годините, како во однос на техниката така и во однос на темата. Ако на почетокот цртал чудовишта со футуристички оружја, денес црта инспириран од музиката, модата, патувањата и луѓето што го опкружуваат додека го шета своето куче, се вози во метро или на велосипед, а притоа се фокусира на растрчаните граѓани со одличен стил, зумирајќи ги дури и најинтересните мали детали за кои пишува белешки, па подоцна ги визуализира. Убеден е дека често убавината се наоѓа во малите нешта што постојано нè одминуваат, а ние сме толку опседнати со своите животи, па не можеме да ги забележиме.


За него е важно неговата уметност да опфаќа диверзитет во однос на ликовите, без разлика на нивниот социјален статус, пол или раса, а во исто време да почувствуваме поврзаност или дека ги познаваме и покрај тоа што се сосем различни од нас. Омилените музички жанрови како џез, афро-бит, хип-хоп, диско и ар-ен-би претставуваат луѓе од различни култури и без таа музика не би можел да ги разбере луѓето и различностите, а ниту да ги нацрта. Секогаш пушта одличен музички микс, коj се вклопува со неговото расположение кога црта, a во тоа може да се уверите преку видеата што ги објавува на својот профил на „Инстаграм“.

Јеф Естберг објаснува дека тоа што го црта најверојатно е рефлексија на слободната вибрација од музиката што ја слуша, која, покрај од музиката, несомнено ја добива и од модата. Голема инспирација му се уличната мода и аутфитот, при што детално ги црта патиките „њу баланс“ на случајниот минувач, кошулата со принт од испржени јајца на око или подвитканите фармерки „acid wash“ до над глужд. Со исто внимание ги запазува и модните додатоци како капи, торби и марами, воодушевен колку аутфитот кажува за човекот. Особено им се восхитува на постарите лица што уредно се грижат за својот изглед и стил. Посакува во подоцнежни години да ги поседува истата енергија и желба за одржување на својот стил.


Откако дипломирал, одреден период се посветил на музичката продукција, но, за жал, поради тоа што останува без пари, принуден е да се вработи во некаква продавница, која му дозволува доволно време да вложи во подготвување на своето портфолио како графички дизајнер. Нештата почнуваат да се движат кон нагорна линија по првите неколку објави на неговиот профил на „Behance“, преку кој ги промовира своите илустрации за денес негови клиенти да бидат Airbnb, Penguin Random House, Vogue, Apple, The New Yorker, HarperCollins и многу други.


И покрај тоа што работи со многу љубов на сите свои проекти, на еден од нив посветил особено внимание од причина што се работи за илустрации на патики што биле објавени во светски познато списание за патики, австралискиот „Sneakers Magazine“. На ова се надоврзува фактот дека најдобро спроведени проекти се оние во кои клиентот го дозволува слободното креативно изразување на уметникот. Здодевните и иритантни искуства со клиентите што давале премногу насоки и упатства завршиле со не баш најдобро крајно решение, но со добра поука и искуство за да се препознаат таквите клиенти од самиот старт и да се каже НЕ на понудата за соработка!


Главно црта на два таблети „ваком“, еден помал и поедноставен, кој го понесува со себе на патувањата, а другиот поголем и со подобри перформанси за домашна работа, со кој ги доведува илустрациите до совршенство. Сепак, желбата за аналогно работење му е многу голема и обожава да користи темпери, пенкала и акрилни бои кога работи на лични проекти, иако, за жал, ваквата техника сè поретко ја користи од причина што зголемениот ангажман од страна на клиентите не му остава доволно време за себе. Поради честите измени при цртање за клиентите, му преостанува да црта главно дигитално. Но верува дека наскоро нештата ќе се променат затоа што, според него, клучот на успехот е во воспоставувањето баланс меѓу работните задачи и личните проекти.


Кога црта, ја чувствува слободата да комуницира за тоа што го гледа, но не на начин на кој тоа го прави фотографијата како уметност, затоа што убавината на цртањето е во можноста да се постави како режисер што сам ја составува сцената со секој детаљ што е значаен да ја раскаже приказната.


Вули Абази

