Нашиот најуспешен документарец на сите времиња „Медена земја“, на пример, неодамна му послужи како мотив на креативниот директор на „Кензо“, Фелипе Оливеира Баптиста, да ја создаде новата колекција Bee A Tiger, и со тоа да го привлече вниманието на јавноста кон проблематиката со глобалното затоплување, исчезнувањето на пчелните семејства и, генерално, хаосот во кој во моментов се наоѓа светот затекнат од пандемија.
Има многубројни филмови кога дизајнот на костимите станува култен и понатаму се распространува низ уметничкиот свет како инспирација за многу нови проекти и уметнички дела. Едноставно, дизајнерите се заљубуваат во идејата и во изгледот презентирани во одреден филм, па сето тоа се рефлектира врз нивната работа. Во други случаи, пак, самиот лик се претвора во модна икона, па луѓето се наоѓаат во ситуација да го имитираат неговиот лик од филмот.
Во филмот „Парис, Тексас“ на Вим Вендерс се среќава еден од најраскошните визуелни наративи. Ликот на Настасја Кински станува модна икона сам по себе.
Воопшто нема потреба да се спомнува, но сепак ќе ја спомнеме Одри Хепберн во култниот „Појадок кај Тифани“, во кој има само три црни фустани (од кои само еден е на „Живанши“), што докажува дека црниот фустан во секое време, на секое место има висока позиција на пиедесталот на женската мода. Филмската и модната историја ретко паметат толку добра соработка каква што постои во овој филм.
Во филмот „Belle de Jour“ Катрин Денев игра наизглед конзервативна домаќинка што ги остварува своите сексуални желби, продавајќи се во бордел. Гардеробата во филмот е на Ив Сен Лорен, а некои модни критичари ќе речат дека овој филм е љубовно писмо кон убавината на неговиот дизајн и одличен пример како облеката може да учествува во креирањето на самата приказна.
Се случува и естетиката присутна во одреден филм да биде иницијатор за стартување на цела супкултура. Дистописката и мрачна атмосфера во „Блејд Ранер“ на Ридли Скот беше мотив за супкултурата сајберпанк. „Матрикс“ е уште посјаен пример за тоа. Неговата исклучиво црна кожена, најлонска и гумена естетика беше инспирација за уличната мода во 2018 година, а креаторите Демна Гвазалија, Александар Ванг и Вирџил Аблох презентираа цели колекции со елементи од „Матрикс“.
Се разбира дека никој не може да остане имун на гозбата за очи што ја приредува Вес Андерсон речиси во секој негов филм. Неговата палета е предмет на проучување и обожавање во светот на модата поради богатството од живи бои. Така, филмот на Вес Андерсон „Гранд Будапест хотел“ послужи како инспирација за колекцијата Аnna Sui Fall 2014.
Колекцијата Prada Fall 2013 беше директно инспирирана од филмската загатка на Дејвид Линч „Mulholland Drive“. Филмовите на Линч се позната инспирација во модниот свет, бидејќи тој во нив не се плаши да ги експлоатира хаотичните идеи со живи соништа, кои и не се баш разбирливи за обичниот гледач. Токму затоа оваа колекција на „Прада“ има баш таков призвук – наежувачка димензија со дозирана мистерија.
„Вертиго“ на Хичкок беше инспирација за Ralph Lauren Fall 2014. Сивата палета што ги отсликува мистериозните русокоси на Хичкок дава веродостојно чувство на атмосферата што владее во овој класичен филм.
Епската драма „Девојката со тетоважа на змеј“ инспирираше цела модна колекција на гигантот „H&M“, со избледени фармерки, големи чизми и јакна од вештачка кожа, во 2011 година.
Овие и уште безброј примери на одлична колаборација меѓу модниот и филмскиот свет, докажуваат дека стајлингот и дизајнот на костимите игра важна улога во целиот естетски пакет на филмот, и без нив, секако, крајниот продукт не би бил она што е. Фактот дека подоцна целата таа магија може да послужи како инспирација за нови модни линии е само потврда за успешниот визуелен впечаток што филмот го оставил зад себе.
Драган А.