Кога тројца врвни креативци што се одликуваат со силни уметнички идентитети ќе ја измешаат својата творечка енергија, тогаш се добива неверојатна фузија од бои, материјали, форми, чувства и визии. Токму концептуалниот простор еrror kolektiv, кој се наоѓа во Дебар Маало, е место каде што една таква уметничка фузија направија тројцата автори ATAMI, [0.10]еrror of harmony и Em Еllephantski. Таму тие градат едно, велејќи дека error kolektiv e место каде што личниот печат создава заедништво.
Точка на пресек: Неконвенционалниот пристап, љубовта кон уметноста и урбаното живеење, како и меѓусебната љубов и почит кон нивната индивидуална работа.

Трагајќи и грешејќи да се прифатат разликите, да се скроти консумеризмот, да се изострат еколошките навики – тоа се главните пораки што стојат зад еrror kolektiv, сублимирани во едно начело: да се остане свој до крај, а преку колективниот инпут да се постигне хармонија! Тука ќе најдете уникатни парчиња облека, аксесоари, принтови, скејт опрема, фотографии, слики, скулптури и други предмети што ја разгоруваат толку природната човечка потреба за посебност и индивидуалност.
Цел: еrror kolektiv постојано да расте. Нивната примарна цел е поддршка и промоција на македонскиот дизајн и уметност и промоција на домашната скејт сцена. error kolektiv е место каде што индивидуалното не стрчи, туку ја комплетира сложувалката. Секој месец ќе има гости артисти, дизајнери, артисани, чија работа ќе бидe изложенa во просторот. error kolektiv e место каде што публиката може да најде автентичен домашен производ.

Во error kolektiv и ахроматското може да биде шаренило, кое се стреми да прерасне во вистинско движење што ќе го облагороди општеството и ќе му се обрати на поинаков јазик од оној што навикнало да го слуша. Идејата за оваа концептуална продавница се стреми да привлече што повеќе уметници и да му даде нов пулс на градот што полека ја изгуби својата емпатија и оглуве за силниот крик на индивидуалниот уметнички израз. За крај, важно е да се знае и дека во еrror kolektiv нема грешки, има само чекори кон убавото.
error kolektiv порачува: Излезете од наметнатите униформи! Бидете свои! И поддржете ја домашната сцена! Културата е огледало на општеството, уметноста нема за цел да решава проблеми, туку да осветлува агли и да посочува. Уметноста мора да критикува и да говори за сегашноста, учејќи од минатото и така делувајќи да ја обликува иднината.


