Недостатокот на доверба и комуникација не дозволува безболна завршница и кога двојката ќе се впушти во комплексните правни води, неизбежен е долг и макотрпен крај…
„Брачна приказна“ е долгометражен игран филм на режисерот и сценарист Ноа Баумбах, кој се осврнува на комплицираниот исцрпен процес на развод и психофизичката тортура предизвикана од љубовен крах. Баумбах се обидува да балансира помеѓу желбата да го критикува нечовечкиот пристап на адвокатите и турбулентната разделба на главните ликови, но не успева да одржи реципроцитет. Почетокот им припаѓа на протагонистите, чии писма се визуaлизирани, отсликуваат кои особини ги привлекуваат или ги оттргнуваат од партнерот.
Главните ликови се јадрото на сценариото, моќни, издржани карактери, а како полека се вклучуваат споредните ликови т.е. адвокатите што го водат нивниот случај, бледее поврзаноста со Чарли и Никол. Сценариото е лесно предвидливо, почетната сцена веднаш ја отвора Пандорината кутија и издава дека го крие клучот до сите несогласувања на двојката и гледачот долго и бавно ја чека кулминацијата. Владее впечатокот дека режисерот не ги користи максимално интересните животни приказни на главните ликови, кои се поткрепени со фантастична актерска игра. Исто така, малиот син на протагонистите, Хенри, е дел од сценариото, но пасивен учесник во приказната, и иако родителите водат битка за негово старателство, тој нелогично, само на моменти се вклучува во настаните. Дополнително, филмот е предолг и содржи неколку непотребни ликови што немаат влијание над дејството и го нарушуваат вниманието на гледачот – таков пример е улогата на адвокатот Берт.
Единствено парче од сложувалката „Брачна приказна“ кое е лишено од критика е маестралната актерска игра. Главните актери се фантастични и совршено ги доловуваат ликовите што ги создал Баумбах. Во моментов Адам Драјвер е актер во подем, едно од најактуелните и најбарани имиња во Холивуд, а тие епитети целосно ги оправдува во оваа улога. Тој е работохолик, тежок сопруг, но грижлив татко, а ликот на Чарли како идеално да е кроен по негова мера. Скарлет Јохансон е реномирана и докажана актерка, а сега вметнува уште една одлична улога во своето богато резиме. Таа е грижливата мајка, несмасна сопруга, која конечно сака да води грижа за своите потреби, чувства, вкусови и доживува емоционално ослободување што долго време го криела во себе. Освен главните, и споредните ликови се извонредни во нивните ролји, односно Реј Лиота како адвокатот Џеј и Лора Дерн како адвокатката Нора.
Довербата и комуникацијата се есенцијални фактори за одржување на секоја врска (семејна, пријателска, љубовна), тоа е најважната поука што може да се извлече од „Брачна приказна“. Баумбах покажува како партнерите за краток период можат да прераснат во странци и да заборават на убавите нешта што ги поврзуваат, а се чувствува како режисерот од лично искуство ја пренесува болката преку главните актери. За жал, филмот не ги исполнува очекувањата и не го користи целосно потенцијалот на главните ликови. Актерската игра на Драјвер и на Јохансон се истакнува, тие се феноменални и заслужено бројат номинации и награди за своите улоги. Директорот на фотографија умешно управува и ги прикажува ликовите во сите нивни изданија, Роби Рајан комбинира долги сцени со кратки кадри и неговата камера ја надополнува класичната музика и меланхоличната атмосфера што се провлекува низ филмот.
На крајот, „Брачна приказна“ е просечна драма со многу повеќе мани, отколку доблести. Во моментов филмот ужива големо внимание од широката публика, а тоа покажува дека таа или лесно заборава или пропуштила неколку филмски класици што остварувањето на Ноа го прават бледа сенка во споредба со нив. Безвременскиот „Крамер против Крамер“ и одличниот „Blue Valentine“ се меѓу првите асоцијации што го покажуваат разводот и љубовната разделба како тивок емоционален убиец… Прецизни, јасни, ударни, далеку подобри, кои заслужуваат да бидат украсени со силни епитети и погледнати неколкупати, што не е случај со „Брачна приказна“ во која единствено доминира актерската игра.
Филип Мишов