Градот е платно. Градот има кожа. И убаво е кога ѝ ја отстапува на уметноста. Ние, случајните минувачи, сме публика што треба да опсервира, со поткренати веѓи или со насмевка, сеедно, уметноста секако треба да поставува прашања. МКЦ повторно е предводник на серија уметнички интервенции со кои се рехабилитира стара урбана опрема. Се работи за разубавените бетонски постаменти што изникнаа во јавниот простор и ги направија тротоарите пријатни места за прошетка. По тој повод, разговаравме со домашните стрит артисти кои се потпишаа на делата со кои секојдневно се разминуваме: Dreadpen, Мачка, Ќешкец и Драш. Ги прашавме за драјвот на нивните креации со кои му дадоа нова енергија на градот и му го обоија сивиот ден на просечниот скопски пешак 😊
Dreadpen: „Мали“ работи кои влеваат позитивност
Бетонските вертикални плочи кои со години никој не ги забележуваше и перципираше, кои служеа како подлога за лепење на плакати, постери и огласи, добија нова функција, имаат свежо лице, оживеаја. Секој цртеж е поттикнат и инспириран од различна приказна со различна позадина. Но секој од нив има една заедничка цел. Прво, да го направи градот поубав, шарен, позитивен, второ, да изнуди насмевка на рандом минувач, барем малку да му го промени секојдневието. 🙂
Taa корелација меѓу оживеанaта плоча и случајниот минувач создава радосна приказна. Мислам дека ваквите „мали“ работи се оние кои влеваат позитивност, и на некој начин можат да дадат инспирација, мотивација и да ги поттикне останатите да креираат повеќе.
Супер проект на МКЦ, и надевам ова ќе продолжи да се надоградува, да расте и дека нема да запре тука.
Мачка: Слики кои случајно се наоѓаат на улица
Прво ми се допадна иницијативата на МКЦ во соработка со Градот, целокупната нивна идеја и пренамена на старите бетонски постаменти, кои порано служеле за легално лепење плакати и рекламен материјал, и истите после толку години беа присутни некаде низ градов, но заборавени и запоставени… Баш тие постаменти кои денес се стари можеби над 30 години, се враќаат на улиците со нов изглед, и друга намена 🙂
Нивната пренамена сега е да ги штитат тротоарите од непрописно паркирање и узурпирање на пешачкиот простор, а нашата задача беше тие бетонски постаменти да ги насликаме, нацртаме, ишкртаме… Понесен од целата таа идеја и новата намена на овие постаменти, нацртав работи кои можеби немаат никаква директна поврзаност со нивната функција, едноставно сакав тоа да бидат слики кои случајно се наоѓаат на улица, слики кои добро изгледаат на око, а не се во форма на билборд или плакат, слики кои само накратко ќе ти го одземат вниманието и се надевам дека добро ќе влијаат…
Ќешкец: Најдоброто нешто што му се случило на Скопје после „Градот убав“
Проектот со цртањето на овие постаменти кои порано служеле за на нив да се лепат плакати и кои беа раштркани низ градот без никаква функција, е одличен не само со оглед на тоа дека се искористија туку и го разубавеа градот и местата каде што се поставени. Па според мене нешто најдобро што му се случило на Скопје после проектот “Градот убав” кој исто така беше организиран од страна на МКЦ и со тој проект го направив мојoт comeback на градските зидови.
Како што знаете, или не знаете правењето шаблони и street art-от ми се првото изразно средство под псевдонимот BRK?, па затоа и ми беше чест да учествувам у вакво нешто. Освен тоа кога делото е на зид го гледаат повеќе луѓе отколку во галерија, па колку и да трае изложбата, а од друга страна пак, може било која будала да го уништи, како што се деси со еден од моите постаменти, али је*и га….
Rock N Roll? Што ли беше тоа, тоа е една ствар која више ја нема на телевизија, у весник или било шо што конзумира пошироката народна маса, а камо ли пак во уметноста. Али да, за мене една доста инспиративна ствар у која се пронаоѓам и е дел од моето секојдневие кое и најчесто ме инспирира, како што би се рекло it’s a way of life.
What ever happened to my Rock n Roll… Јее, јее тоа е една од фразите која е вметната во делото на бетонскиот постамент, реченица која и го носи насловот на песната од Black Rebel Motorcycle Club. Песна која за мене е Rock n Roll химна. Од другата страна на постаментот пишува KISS ME A LOT – исто така е наслов на песна од Morrisey.
Освен музиката, инспирација ми беа и самите постаменти, па решив да напраам колаж од мои дела и скици, да ги склопам и да изгледаат како плакати еден врз друг. Секако неизбежен дел се и женските портрети кои ги цртам од самиот почеток, претежно плавуши поради тоа што и во pop art-от се најчесто такви. Pop art-от има доста влијание врз мене, уште една причина зошто ги сакам 50-тите, 60-тите години, бидејќи тоа е времето на pop art-от и Rock’n’Roll-от. Мотивот за другиот постамент беше екологијата, огромното количество на пластиката у океаните и водените површини, глобалното затоплување и покаченото ниво на водата, истечената нафта во водите и сите тие сра*а кои се предизвикани од човечки фактор.
Сметам дека дефинитивно треба да има повеќе вакви проекти бидејќи со секој ваков проект му се спротивставуваме на кичот, you know what i mean. Keep rocking!!!
Драш: Идејата е постаментите да изнудат барем една насмевка
Во принцип секогаш ми се допаѓа кога цртам за Скопје и скопјани. Така што и овој пат ја прифатив поканата од страна на МКЦ за цртање и за пренамена на старите бетонски постаменти (кои порано служеа за рекламни постери и флаери). Иако површински не беа нешто големи, предизвик ми беше да ги исцртам затоа што се дел од градот уште од моето детство.
Немав намера со цртежот да пренесам некоја посебна порака, само нацртав некои едноставни цртежи кои ми се мотаат во глава. Идејата ми беше барем на некои од случајните минувачи да им привлече внимание или да им изнуди барем една насмевка. Едноставно луѓето да се сетат дека во Скопје има уште еден куп забаталени ѕидови и објекти, кои со цртежи или со графити може да се живнат и подзаличат.
(Текстот не е лекториран со цел да се зачува неговата автентичност.)