Проѕирните повеќеслојни кадри од видеото „Ретки билки“, засновани на концептот на знаковниот јазик, ја обликуваат неонската атмосфера и разиграните, речиси детинести анимации кои се испреплетуваат со аморфни слики на човечко тело. Велат дека кога расте реткиот цвет, тој раст е придружен со музика која сите ги усреќува. Ова е видео токму за „раѓањето“ на еден таков редок цвет.
Спотот во кој главната улога ѝ е доделена на македонската актерка Камка Тоциновски, го режираше, снимаше и уредуваше Милан Блажевски. За снимањето и колор-корекцијата е заслужен Борис Таковски, а за снимањето и анимацијата – Јосип Здравковски.
Со новиот спот, Bernays Propaganda се загреваат за претстојниот албум замислен како звучно ткиво кое ги спојува влијанијата од пост-панкот од крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите, новиот југословенски бран, алтернативниот рок, Detroit електро-то и балканската и африканската народна музика. Објавувањето на албумот ќе биде проследено со низа промотивни концерти. Доколку сте надвор од Македонија во следниот перод, еве каде може да ги слушате:
30.8.2019 @ Gornji Milanovac, Ljubitelj Klub (RS)
31.8.2019 @ Bečej, Kontra Fest (RS)
1.9.2019 @ Szeged, Grand Cafe (HU)
12.9.2019 @ Ljubljana, Kino Šiška (SI) w/ Operators
13.9.2019 @ Krško, MC Krško (SI)
14.9.2019 @ Ankaran, Ankaranska Bandima 2019 (SI)