Кој вели дека повозрасните треба да се облекуваат во еднолични бои за да држат до своето искуство и сериозност? 72-годишниот берлинец Гинтер Антон Крабенхофт целосно го руши таквиот стереотип со својот елегантен и шарен стил на облекување, со мала нишка на екстраваганција.
[URIS id=781]
Како започна интернет-славата? Некој му се прибилижил во метро-станицата и посакал да го фотографира. Гинтер одбил, но потоа се согласил замолувајќи сликата да не се објавува јавно. Сликата станала вирална, најпрво преку Reddit, па 9Gag каде што собрала милион лајкови.
Гинтер вели дека се инспирира од конвенционалната машка мода, но сака да го разигра формалниот стил со уникатни детали. Облекувањето отсекогаш му било пасија, но сепак внимава колку троши на облека, па затоа му е важно тоа што го носи да биде квалитетно, а да не е прескапо.
Неговиот стил се базира на модата од 20-тите, 50-тите и 60-тите. Со текот на времето го усовршил стилот, а интересно е што и пред интернет-славата, тој бил модел за јапонскиот моден бренд „United Arrows“. Иако има две внучиња, Гинтер вели дека прекарот „хипстер дедо“ воопшто не го опишува, бидејќи тој е обичен возрасен човек, кој има индивидуален стил на облекување и сака да се забавува.
Тој е веќе препознатлив лик и икона на германската престолнина, па така, ако сте наишле на Гинтер, слободно може да се каже дека во целост сте го почувствувале широкиот, космополитски дух на Берлин, кој препознава и прифаќа разноликост. Секогаш шета сам и беспрекорно облечен, танцувајќи на музиката од слушалките. Ако си помисливте дека слуша техно, ќе се разочарате, ги слуша Едит Пјаф и Ив Монтан. Тој е голем фан на француската култура, во младоста бил егзистенцијалист, пушел „Gauloises“ и ја обожавал Франсоаз Арди. Можеби тука лежи тајната на неговата висока класа 🙂

