По веста за смртта на чешкиот режисер Милош Форман, минатата недела, еден од неговите соработници напиша реченица што мислам дека ја опфаќа сета длабочина и широчина на неговата повеќедецениска работа: „Никој не можеше подобро од него да ги долови малите, неповторливи моменти од човечкото однесување“.
Сеќавањето веднаш ме води назад во средно, на 16 години, на еден час по музичко, кога наместо сувопарните лекции за класичните европски композитори, професорот одлучи да ни го пушти филмот „Амадеус“ на Форман. Полн погодок! И покрај модификациите во сценариото, кои значајно отстапуваат од историските факти за животот на композиторот, не можете да добиете подобар приказ за општествениот и за уметничкиот контекст во кој генијот ги создал грандиозните музички дела. Филмот е работен по конвенционалниот формат, но она што плени се токму тие „мали, неповторливи моменти од човечкото однесување“, кои преку актерската игра може да ги дофати само режисер од рангот на Форман и да ги вгради во гледачката меморија. Тие остануваат да стојат таму долго по одгледаниот филм, па дури откако ќе ги заборавите имињата на актерите и сите тие непотребни статистики, во сеќавањето ќе ви останат визуелни остатоци од нивните фацијални експресии и звучни делници, вистински синеастички ономатопеи… Како ледениот поглед на Салиери и заразното смеење на Моцарт, на пример.
16 години, тоа е и возраста кога Милош Форман за првпат ќе погледне снимка од концентрационите логори во Втората светска војна и вистински ќе сфати што се случило со неговите родители. И обајцата работеле против нацистичкото движење, па татко му Рудолф Форман ќе биде фатен од Гестапо и убиен во концентрациониот логор Мителбау-Дора, а мајка му Ана во Аушвиц. Животот подоцна уште еднаш ќе си поигра со него. Имено, Форман ќе дознае дека Рудолф не му е биолошки татко, туку дека е син на еврејски архитект што го преживеал холокаустот.
Во текот на 50-тите и 60-тите години на минатиот век, Форман ќе биде препознаен како еден од најголемите таленти на чешкиот нов бран. Неговиот филм од 1965, „Љубовите на една русокоса“ (Loves of a Blonde), се закитил и со домашен и со меѓународен успех, добивајќи номинација за Оскар за најдобар странски филм. Во своите рани филмови, на суптилен сатиричен начин тој го истражува животот на работничката класа во зенитот на социјализмот. По забранетиот филм „Гори, моја госпоѓице“ по советската инвазија на Чехословачка во 1968 година, Форман имигрира во САД и веќе во 1975 година станува американски државјанин.
Повеќето филмофили сметаат дека со преминот во САД, Форман ја губи својата автентичност и оригиналност, иако податоците зборуваат дека добар дел од неговиот американски опус постигнува забележителен успех.
Прв филм од американскиот период на Форман е „Соблекување“ (Taking Off, 1971), приказна за судирот меѓу младото хипи-движење и традиционалните американски вредности. За овој филм ќе добие Гран-при на Канскиот филмски фестивал. По овој филм, се чувствува дека режисерот го отфрла од своите плеќи тешкиот товар на социјалните грижи со кои се одликува чешкиот период на неговото творештво.
Убедливо најголем успех во американската кинематографија ќе му донесе независниот филм „Лет над кукавичјото гнездо“ од 1975, работен според романот на Кен Кеси. Улогата на Рендл П. МекМарфи во „Лет над кукавичјото гнездо“ ќе ја вивне кариерата на Џек Николсон во ѕвездите, а филмот е еден од трите што ги има собрано Оскарите во сите најважни категории (најдобар филм, сценарио, режија и две главни улоги).
Мјузиклот „Коса“ (Hair) од 1979 година, кој ја третира хипи-културата во виетнамската ера на САД, ѝ е доста познат на овдешната публика, а филмот доби просечни критики и гледаност во САД. Уште еден голем успех Милош Форман доживува со погореспомнатиот „Амадеус“ од 1984. Овој филм ќе му донесе осум Оскари, меѓу кои и за најдобра режија и за најдобар филм (незаборавен оскаровски момент е кога Лоренс Оливие излегува да ја додели наградата за најдобар филм и наместо да ги прочита номинираните, тој едноставно ќе каже: „Оскарот го добива ‘Амадеус’“).
Во средината на 90-тите ќе го направи „Народот против Лари Флинт“ („The People vs. Larry Flynt“), кој претставува филмска хроника за подемот на уредникот на порнографско списание Лари Флинт и неговиот судир со верските институции и со законот. Милош Форман ќе соработува со брилијантниот Џим Кери во биографската комедија/драма „Човек на месечината“ (Man on the Moon) за животот на Анди Кауфман. Иако овој филм бил комерцијален неуспех и добил мешани критики, за улогата на Анди Кауфман, Џим Кери ќе добие Златен глобус во категоријата мјузикл/комедија.
Единствениот европски филм што ќе го направи Милош Форман во периодот од своето заминување од Чешка до смртта е биографскиот филм за Гоја „Духовите на Гоја“ (2006), со Стелан Скарсгард, Хавиер Бардем и Натали Портман, кој воедно му е и последен филм.
До крајот на својот живот, Форман остана да живее во Конектикат, целосно посветен на професијата. Во филмскиот свет ќе остане запаметен по врвното мајсторство во режисерскиот занает и одличната способност и умешност да работи со актерите.