„The North Water“
Колин Фарел, Стивен Греам и Џек О’Конел се некои од големите имиња што глумат во оваа брутална приказна за опстанок, чие дејство е сместено среде Арктикот во доцните 50-ти години на 19 век. Помеѓу Гренланд и Канада, постои област позната како Северна Вода, која била именувана од китоловците во 19 век. Врз основа на романот на Иан Мекгваер, оваа драма ја следи приказната за Патрик Самнер (О’Конел), поранешен армиски хирург, кој се пријавува како бродски лекар во експедицијата за ловење китови, со надеж дека ќе избега од ужасите на своето минато. Наместо тоа, Самнер се наоѓа на брод со насилен екипаж, вклучувајќи ги и капетанот Броули (Греам) и харпунистот Дракс (Фарел). Како што станува јасна вистинската цел на експедицијата, ескалира конфронтацијата помеѓу екипажот, што ги води на пат далеку од цивилизацијата.
„This Way Up“
Ако ви недостига „Fleabag“, тогаш дајте ѝ шанса на оваа комедија, напишана од Ешлинг Би, која се јавува и во главната улога. Оваа серија ги опфаќа проблемите со менталното здравје со неверојатна духовитост. Втората сезона се фокусира на Аине (Би), самохрана Иркинка, која предава англиски јазик во Лондон и се обидува да продолжи со својот живот по „ситен, мал нервен слом“. Новата серија започнува со шармантната Аине, која веќе го остава периодот на рехабилитација зад себе и продолжува да го живее животот повнимателно. Дали ова значи дека Ијн и таткото на нејзиниот студент Ричард (Тобијас Мензис) конечно ќе се обидат да направат чекор понатаму во нивниот однос? И како ќе успее сестрата на Аине, Шона (Шерон Хорган) да започне нов бизнис со Шарлот (Индира Варма), иако таа сè уште има чувства кон неа?
„Sky Rojo“
Овaa шпанскa крими-трилер серија во стилот на Тарантино од креаторите на „Money Heist“, се враќа со втора сезона. Во првата адреналински набиена сезона, сексуалните работнички Корал (Вероника Санчез), Венди (Лали Еспосито) и Џина (Јани Прадо) бегаат од Мојсес и Кристијан, послушниците на Ромео, макро и сопственик на клубот „Лас Новиас“. Меѓутоа, сега ловените стануваат ловци, а тројката влегува со сериозно искушение за одмазда, додека продолжува да бега од своите гонители, кои во меѓувреме почнуваат да се свртуваат едни против други.
„Smother“
Со дејство сместено во мало ирско гратче, овој ноар трилер истражува што се случува кога се откриваат тајните што семејствата ги чуваат едни од други. Заштитнички настроената мајка Вал Ахерн (Дервла Кирван) е решена нејзините три ќерки Џени, Ана и Грејс да бидат безбедни – по секоја цена. Кога сопругот на Вал, Денис (Стјуарт Греам), ќе биде најден мртов во подножјето на карпите утрото по одржувањето на една забава, таа започнува да ги истражува настаните што се случуваат претходната вечер. За да открие кој би можел да биде одговорен за неговата шокантна смрт, Вал ги истражува односите на Денис со неговите деца, со посиноците и со неговите браќа и сестри. Но, колку подлабоко навлегува во тоа, толку повеќе Вал сфаќа како контролирачкото однесување на нејзиниот покоен сопруг, имало длабоко влијание врз секој член на семејството.
Драган А.