PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Зошто си ги криете годините?

popup by popup
август 15, 2018
in Universes
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Илејн Соловеј е успешна блогерка и авторка на повеќе книги (The Division Street Princess, She’s Not The Type, Bad Grandma and Other Chapters in a Life Lived Out Loud). Делови од нејзиниот живот можат да се видат во серијата „Транспарент“, создадена и продуцирана од нејзините ќерки Џил и Фејт Соловеј, а наградена со Златен глобус и со Еми. Што вели Илејн за тетоважите, за ејџизмот (старосната дискриминација) и за личните животни битки?

Мојата тетоважа е подарок што си го дадов самата на себе додека ми се наближуваше 80-тиот роденден, на 10 август. Тетоважата исто така е награда што си ја ветив откако конечно научив да пливам пред една година. Некој можеби би си помислил дека поради моето збрчкано лице и побелена коса, би требало да направам пластична операција за да го одбележам јубилејниот роденден. Тоа би ме подмладило, нели? Така би можела и да привлечам и некој помлад од мене? Но по првиот брак што ми заврши со развод, и вториот, по кој останав вдовица (а да не го спомнувам задоволството од мојот сегашен сингл живот) – решив да не одам по патот на пластичната хирургија. (Ако гримасите што ги добивам поради тетоважата од мажите на моја возраст се вистинска индикација за нивниот став околу тетовирањето, тогаш подобро да си останам сингл).

Никогаш не сум им завидувала на пријателите што избрале да си ги измазнат челата, да си ги подигнат очните капаци или да ги коригираат јаболчниците. Тоа е нивен избор. Мене отсекогаш ме одбивал токму делот со „свесниот избор“ на овие избрани процедури. Си мислев: „Зошто да одам во болница по своја волја?“. Ќе одам во болница кога навистина мора. Мојата втора тетоважа си ја нареков Грасиела. Отсекогаш бев воодушевена од уметноста и храброста да се има тетоважа, па затоа решив да го одбележам 60-тиот роденден со тетоважа-посвета на моите две ќерки. На левата рака имам истетовирано срце, ноти и нивните имиња – Фејт и Џил. На тој начин им оддадов чест на моите деца, славејќи ги нивните таленти и смелост. Бидејќи имам ситен раст, можам лесно да се изгубам во толпата. Често добивам коментари: „Многу си слатка“, а тие коментари, иако кажани со добра намера, јас си ги преведувам како нешто што дополнително ме смалува и прави да се чувствувам како маченце или кученце, наместо како паметна, способна и независна жена.

Затоа сега, на 80 години, се трудам да ја искористам тетоважата за да започнам дијалог за ејџизмот, за начинот на кој се гледа на жените на моја возраст и третманот што го добиваат. Се плашам дека жените што се мои врснички многу придонесуваат за предрасудите. Зошто си ги кријат годините? Зошто чувствуваат потреба да го менуваат начинот на кој изгледаат? Што кажуваат ваквите нешта за начинот на кој се доживуваме како личности?

Се разбира, свесна сум дека при аплицирање за работа или при пополнување профил на дејтинг-сајтови, младите луѓе или оние што изгледаат помладо се попривилeгирани, па затоа многу повозрасни луѓе ги прикриваат својата возраст и природниот изглед. Наместо да ги прифаќаме тие бариери, зошто да не работиме на нивно уривање?

Мојата нова тетоважа ја разоткрива и мојата животна приказна. Кога ме прашуваат што е значењето на морското коњче, јас велам дека пораката е „никогаш не е доцна да ја постигнеш целта“. Тоа е порака што е витална за возрасните луѓе. На пример, мене пливањето не ми беше единствена амбиција. Имав уште две други цели што ме чинеа доста време, труд и упорност, па така сега можам течно да разговарам на шпански и да свирам пијано.

Секоја од овие вештини бара секојдневно вежбање. Целта не ми е да бидам експерт, јас сум задоволна со средно познавање. Никогаш нема да се натпреварувам на Сениорската олимпијада и можеби никогаш нема да усовршам друга дисциплина на пливање освен краул, но сепак сум благодарна што можам да пливам. Исто така, во разговорите со Шпанци, постојано морам да ги замолувам „por favor repita lentamente“ (ве молам, повторете ми, ама побавно), а кога свирам пијано, не дозволувам да има публика бидејќи свирам стандардни мелодии за своја душа и си потпевнувам со рапавиот глас.

Најпрекрасното нешто во врска со овие постигнати цели е дека затегнувањето на лицето нема да ме направи подобра во ниту една од нив. Мојот базен, queridas amigas (драги пријателки), и моето пијано ме прифаќаат баш таква каква што сум – збрчкана, седа, стара, истетовирана и agradecidа (благодарна).

Previous Post

„МакеДокс“ – девет години креација

Next Post

Скејтбордингот како уметност (галерија)

Next Post

Скејтбордингот како уметност (галерија)

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum