„Дигитален анимизам“, на шега му велам на продуцентот Илија Тирицовски откако накратко ни го објасни концептот на истражувачкиот проект „Дневна соба на иднината“, дел од овогодинешниот настан PlayUK Arcadia во МКЦ.
„Истражувањето се занимава со тоа како ние ќе реагираме во една соба која е жива, и како собата ќе реагира на нашите движења и личните податоци што ги оставаме во неа“ – вели Илија. Кога го запрашав за личните податоци, бидејќи тоа ми се виде како мошне сериозен проблем, тој додаде: „Дискутиравме околу тоа што значат лични податоци, кој сè ги има, кој ги споделува, дали смее тоа да излезе надвор. Ние се договоривме такви лични податоци да не излегуваат надвор од собата. Тоа споделување на информации и податоци оди преку Интернет, меѓутоа во собата сè e во рамките на еден затворен систем. И ништо не излегува надвор, никако на социјалните мрежи.“
Факт е дека оставаме безброј дигитални отпечатоци зад себе, со нашите картички за автобус, со платежните картички и со сите други дигитални средства што ги користиме во денешно време. Интересот на овој проект е насочен токму таму – да ги одговори прашањата за тоа и како ќе се употребуваат овие лични податоци и информации. Во каков сооднос ќе бидат предметите во обичното домаќинство, како ќе комуницираат меѓусебно и како ќе комуницираат со нас, врз база на дигиталното наследство што го носиме и им го предаваме на сензорите. Бидејќи сè во иднина ќе има свој дигитален живот.
Истражувачкиот проект „Дневна соба на иднината“ започнал пред три години од страна на институцијата ФАКТ од Ливерпул и одделот за истражувње и развој на Би Би Си. Со посредство на Британскиот совет потоа се прави иницијатива овој проект да добие артистички изглед, па така организацијата им понудила на неколку креативни и технолошки потковани луѓе од Балканот да се вклучат во него. По одржаната работилница во Сараево, минатата година, дел од проектот „Дневна соба на иднината“ е и токму Илија Тирицовски, кој заедно со својот црногорски колега – програмер на андроид апликации Младен Ракоњац, понудил предлог за проектот што ќе биде оценет како најдобар меѓу сите останати од учесниците во работилницата.
„Потоа нè повикаа на тринеделна резиденција во Ливерпул, Манчестер, Ланкастер, а многу брзо во проектот се вклучија и универзитетите од Јорк и Нотингем кои ја донесоа технологијата. Соработувавме и со Павел Прокупич, докторанд на Универзитетот во Манчестер, кој се занимава со експериментални видеа. Работевме на филм што го продуцирав јас, а го режираше Филип Јовановски и склопивме една видеоприказна. После направивме сценарио што сè ќе се случува внатре во собата, што сè ќе доживее секој што ќе влезе и какви траги ќе остави – вели Илија.
Што се случува кога ќе влеземе во собата? Илија вели: „Со самото влегување собата знае дека има некој. Се бележи сè што се случува. Видеото за коешто зборувавме, звуците и музиката се едитираат во согласност со реакциите на луѓето внатре. Ако допрете нешто, тоа ќе реагира на вас. Внатре има таблет, радиочасовник, фен, светло, прозорец со завеса и многу сензори наоколу. Сите движења се регистрираат. На крај собата ви дава фискална сметка и точно знаете што сте направиле внатре.“