По осми пат, фестивалот „Здраво млади“ ќе му подаде сламка за спас на урбаното Скопје, коешто некако секогаш во последен момент успева да исплива на површина среде мочуриштето од кич и невкус, и да го вдише потребниот културен кислород за да продолжи да опстојува. Уште само три дена нè делат од „долгоочекуваната инфузија“ со нова музика. „Здраво млади“ громогласно нè покануваат на 12-часовно уживање, со добра храна, добро друштво и квалитетна музика.
Во стариот добар МКЦ, фестивалот започнува со „јуниор програмата“, сегмент за најмладите во чии рамки ќе настапи детскиот музички бенд „5+ бенд“ од популарната телевизиска серија „5+ фамилија“. В сабота, во 11 часот на платото на МКЦ, ќе се одржи и „Мали победи“ – уметнички проект за архивирање и документирање на градот и неговата трансформација преку уметнички проекти, лични искуства и раскажување приказни. Интересно е тоа што во овој проект секое дете ќе има можност да илустрира што е за него „мала победа“, да го визуелизира на свој начин врз хартија или на плексигласен објект.
Во Кино „Фросина“, со почеток од 19:30, е предвидена и премиерата на претставата „Црнила ремикс“, работена по мотиви на „Црнила“ на Коле Чашуле. Оваа претстава е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле, ставено во контекст на урбан хип-хоп албум, по идеја и режија на Јордан Симонов. Најавена е како музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналните препев и музика на „Зад аголот“ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.
Концертниот дел на надворешната бина го започнува скопското трио „Палиндром“, а пoтоа следуваат бескомпромисните, возбудливи и бучни белграѓани „Repetitor“. Веднаш по нив ги слушаме ѕвездите на осмото издание на „Здраво млади“ – њујоршкиот амбиент поп-колектив „Cigarettes after sex“. По нив, фестивалот продолжува со минималната гаражна психоделија на „Wooden Shjips“.
На сцената внатре во МКЦ, прв ќе настапи берлинскиот краутрок состав „Camera“, за кој ќе се увериме дека е „мотор што работи под полна пареа и може да експлодира во секој миг“. Потоа следува британско-нигериската aртистка Flohio, а по неа на ред е Blanck Mass – познатиот електронски соло-проект на Британецот Бенџамин Џон Пауер, еден од основачите на drone бендот „Fuck Buttons“. Програмата продолжува до 5 часот наутро со македонските трап-изведувачи Ogie x Petr, Druggy, Donplaya x Bon praskiza.
Покрај ова, мора да наведеме дека на бината на платото, од 19 часот ќе го слушаме Dj Fitz, a во дансинг-салата, еден час по полноќ ќе го слушнеме експерименталниот музичар од Бруклин, Eric Copeland.
Посетителите на „Здраво млади“ ќе имаат можност да ја видат и изложбата на фотографии на германскиот фотограф Stefan Hecklel, насловена „Landscape unusual“. Изложбата содржи 47 фотографии забележани во период од две децении, за време на различни патувања низ Индија.
Се гледаме пред/во МКЦ, оваа сабота на „Здраво млади“!