Извонредниот придонес во архитектурата на британската архитектка со иранско потекло Заха Хадид, продолжува да биде инспирација за професијата. Нејзините динамични и иновативни проекти во текот на триесетгодишното револуционерно истражување во меѓусебно поврзаните полиња на урбанизмот, архитектурата, дизајнот и модата придонесоа таа да биде носителка на наградата Прицкер, која е еквивалент на Нобеловата награда во нејзината професија. Заха Хадид стои зад величествените градби од типот на Центарот за водени спортови во Лондон, Музејот Риверсајд во Глазгов, Serpentine Sackler Gallery во Кензингтон Гарденс, катарскиот стадион Ал Вакра, Националниот центар за современа уметност во Рим МАXXI, Павилјонот на мостот во Сарагоса и многу други. Овде ги претставуваме делата по кои оваа брилијантна архитектка, која почина во 2016 година, е помалку позната.
Колекцијата мебел „Liquid Glacial“
Оваа серија мебел ги помести границите на материјалноста и на формата. Заоблените форми го имитираат процесот на топењето на ледот од глечерите. Хоризонталните делови од столовите нежно се наклонуваат во вертикални потпирачи за да изгледаат како да истураат течност. Моделите се измешани во чисти површини за да ја одразат светлината низ материјалот и да се создаде сенка. Едно од столчињата е обоено во сина боја за да го прикаже изразот на водата која е заробена во времето.

Колекцијата обувки „NOVA“ за „United Nude“
Заха Хадид дизајнираше и лимитирана едиција хромирани чевли со потпетици од 16,5 сантиметри за брендот „United Nude“. Обувката има напречна површина, која потсетува на геолошките формации слични на оние што Заха Хадид ги користела во архитектурните проекти од типот на Галакси Сохо девелопмент во Пекинг.

Louis Vuitton Icone Bag x Zaha Hadid
Bo 2006 година, култниот француски моден бренд побара Заха Хадид да ја реинтерпретира неговата легендарна „LV Bucket Bag“. Мешавината од дизајнот на „Луј Витон“ и уникатниот стил на Заха Хадид резултираше со оваа торба, која истовремено е моден аксесоар и современа уметничка скулптура.

Lacoste x Zaha Hadid
Во 2009 година, Заха Хадид ги реинтерпретираше и унисекс чизмите на „Lacoste“ во дигитален стил. Приспособливата гумена обувка во виолетова, црна и сина боја беше нагласена со испакнати мотиви и дизајнирана како спирала што ползи по ногата.

Концептуалниот автомобил „Z.Car“
„Z.Car“ на Заха Хадид слободно може да се нарече првиот автомобил дизајниран за новиот век. Долг е само 4 метри и ја има истата ергономија што им е потребна на сите модерни автомобили. Претставува одлично градско возило, кое ги исполнува сите еколошки стандарди и е лесно за паркирање.


