Moжеби ќе звучи чудно, но германскиот режисер што стои зад филмовите какви што се добитникот на Златна палма „Париз, Тексас“ и документарецот номиниран за Оскар „Солта на земјата“ за бразилскиот фотограф Себастијао Салгадо, годинава имаше изложба на повеќе од 250 полароид-фотографии, од кои повеќето се направени со неговиот омилен SX-70. За изложбата под наслов „Инстантни приказни“ била направена селекција меѓу илјадници фотографии и е своевидно документирање на приказните на пријателите, актерите, филмските сетови и возењата по отворените патишта.

„Прво бев загрижен дека овие стари полароид-фотографии нема да бидат интересни за никого“ – објаснува Вендерс. „Дека ќе бидат интересни само за мене. Но колку повеќе ги разгледував, толку посигурен станував дека во нив има нешто што е вредно да се сподели. Овие фотографии нè потсетуваат на невиноста, на поинаквиот став кон светот и чинот на фотографирање. Овие фотографии го прикажуваат занимливото патување низ првите филмови што ги направив. Во нив има некаков вид сведоштво, кое ѝ се спротивставува на денешната култура на брзо и инстант фотографирање.“

За Вендерс, полароидните фотографии не се уметност, туку спонтани, разиграни и комуникативни објекти, кои ја слават уникатноста на индивидуалниот момент и неизманипулираната вистина на времето. Тие се единствени, уникатни предмети и неспоредлив доказ за она што се случило во минатото. Дури и да сте направиле повеќе, секоја од нив претставува посебно мало чудо, оригинал! Отсекогаш биле „wow“. Toa „wow“ денес е во голем дел исчезнато.
Со оваа изјава тој не смета дека фотографијата е форма во изумирање. Далеку од тоа. Но според Вендерс, културата на камерите на паметните телефони, Инстаграм и дигиталната револуција го промениле пристапот кон фотографијата. „Денес фотографијата е поинаков чин. Луѓето се позаинтересирани да создадат нов вид реалност со дигиталната фотографија. А сето тоа има сосема поразлична вредност. Чудно е тоа што самото дело сè уште се нарекува фотографија, иако е нешто сосема различно. Сакам да пронајдеме ново име за тоа. Да не се нарекува фотографија.“

Како современите фотографи да ја вратат назад искреноста што Вим Вендерс ја гледа во полароидните фотографии? „Воодушевувачки е колку многу младите фотографи денес треба да се трудат за ја заробат вистината со своите современи апарати. Се обидуваат да најдат чувство на искреност со нивните дигитални алатки. Но тоа е тешка битка за нив, бидејќи цајтгајстот (духот на времето) и комплетната визуелна култура се свртени против нив. Мора да бидат упорни и да инсистираат фотографијата да биде токму она што го виделе со своите очи. Фундаменталното верување дека фотографијата е медиум во чија основа лежи вистината е исчезнато.“
Насловот на изложбата „Инстантни приказни“ го одразува наративниот идентитет на Вендерс, а тој смета дека слободата што дошла со полароидните фотографии го отвора прозорецот кон личноста што бил тогаш, кога се обидувал да прави филмови, сè yште копнеејќи да стане сликар. „Кога ги гледам овие фотографии, го гледам сиот универзум на тој млад човек што се обидуваше да се убеди себеси дека може да прави филмови, но во своето срце сè уште се двоумеше дали можеби тоа е вистинскиот пат по кој треба да тргне. На овие полароидни фотографии може да се следи целата таа потрага по себеси.“
„Сте создале моментален принт. Тоа е нешто што не го прават денешните ајфони. Овие мали предмети беа моментална комуникација помеѓу луѓето. Можевте веднаш да им ги предадете в раце. Тие беа доказ и спомен. Беа последниот генијален изблик на аналогната ера. Полароидот ја означува фазата меѓу првите 150 години од фотографијата и дигиталната ера. Беше научна фантастика. Беше минатото и сегашноста во едно, а ние ниту го знаевме, ниту го ценевме тоа тогаш.“

„Инстантни приказни“ се однесува на потсетувањето на луѓето на единственоста, искреноста и слободата на полароидот. Опипливиот, конечен доказ за моментот во времето. Дали од носталгија или пак не, Вендерс сака да го почитуваме неговото значење. Тој вели: „Имаше некаква светост во единственоста на времето што ја претставуваше секоја фотографија. За мене, тоа е вградено во самиот збор ‘фотографија’: да земеш нешто од светот само еднаш и да го зачуваш. На некој чуден начин, полароидот ја манифестираше таа уникатност повеќе од кој било фотографски чин порано или подоцна во историјата.“

