PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Велимир Жерновски: Од руини најдобро се гради нов свет

popup by popup
јуни 11, 2018
in Интервјуа
0
400
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Лиричен разговор за постоењето, конверзација со себеси преку нурнување во личната онтологија на еден уметник –  таков е впечатокот што се добива од најновата изложба на Велимир Жерновски во Музејот на современа уметност, насловена „Отаде црнилото“. Да се биде продорен глас на свеста во ерата на консумеризмот и безочното експлоатирање на испостеното тело на планетата, ми се чини, во моментот треба да биде главниот повик кон секој уметник. А повикот е ургентен, повеќе од кога било претходно. Жерновски, уметникот што досега има изложувано во Њујорк, Париз, Виена, Фрајбург, Белград, преку најновата самостојна изложба во Скопје мошне гласно се одѕва на тој повик.

Вашата најнова изложба „Отаде црнилото“ е поставена на заднина – ликовна стилизација на најмоќниот вселенски телескоп Џејмс Веб чии хексагонални огледални сегменти во форма на златно саќе ќе ја имаат можноста да регистрираат дури и обична пчела на лунарно растојание. Од друга страна, овде на Земјата, како да не ги регистрираме пчелните семејства што исчезнуваат под налетот на претераната употреба на пестициди, страшниот ефект на глобалното затоплување и трката за поголемо производство и профит. Едноставно ги затвораме очите пред фактот дека нашиот опстанок не зависи од сознанијата за светлината што патувала 13,5 милиони години, туку од преживувањето на нешто толку ситно како пчелата. Каква треба да е врската меѓу нишките на уметноста и науката, за да бидат доволно цврсти и да го избават давеникот – природата?

Несомнено дека сме едни од најголемите причинители за негативните текови овде на планетата и дека одговорноста за климатските промени во најголема мера паѓа на наш грб, секако дека останува неразјаснето како може да сме до таа мера слепи и да не сфаќаме дека дури поимите поврзани со она што е Природа одамна не се исти. Во последните децении, сведоци сме на огромен број откритија за големината и за пространоста на нашиот универзум (секако сè уште неразјаснети до крај) и никако да разбереме дека Природата е поголема од нас и дека таа секогаш ќе најде начин. Останува да инсистираме на одговорност од моментален карактер. Во право сте, пчелите нè напуштаат и тоа е еден, веќе се чини неизбежен процес, и јас навистина не знам која би била алтернативата за нивното постоење. Но проблемот не лежи само во нашиот однос кон средината (природата), ние сè уште се однесуваме како територијални и примитивни битија. Милиони луѓе сè уште се раселуваат, убиваат и малтретираат во име на некои непостојни идеи и концепти. Човекот како цивилизирано суштество е дел од таа средина – природа, но се чини дека веќе е изгубена алка. Згрешивме на многу места и дозволивме да нè голтне монструмот што сами го изградивме.

Да претпоставиме дека не капиталот (на кој се реферира преку видеоинсталацијата во склоп на „Отаде црнилото“), туку дека уметноста е нашата интимна црна дупка, во која би можело до недоглед да се паѓа кон друг времепростор. (Според Хокинг, доколку црната дупка е доволно голема и ротирачка, би можела да послужи како портал кон друг универзум, без притоа да имаме можност да се вратиме во нашиот.) Дали таа црна дупка може да биде природниот хабитат на еден уметник?

Видеоинсталацијата како и другите сегменти во изложбата, не реферираат на одредени појави или проблеми. Тоа се повеќе лирични визуелни приказни што оставаат простор за поширока интерпретација. Јас мислам дека останува и на поединецот да најде прибежиште, секој во својата црна дупка. Сите сме заробени во сопствената црна дупка, но како што вели Хокинг: не очајувај, секогаш има излез. Сите ние, живеејќи во сопствени затвори, забораваме на сè околу нас. Затворите како депресијата, несигурноста итн. се неизбежни во современото општество, но доколку успееме да му помогнеме барем некому да ги надмине овие состојби сме направиле многу. Така што, да, најверојатно и црните дупки може да послужат како премин кон друг универзум и тоа мора секогаш да нè потсетува на моќта што сите ние ја носиме.

Во изложбата користите и 3Д печатени модели на астронаути, обоени со златна боја. Се чини дека човекот во вселената си го бара новиот Ел Дорадо, напуштајќи ги Земјините координати, насилно кинејќи ја својата папочна врвца со есенцијата на природата и композицијата на своето тело од крв и месо. Која ќе биде точката од која нема враќање, моментот кога веќе ни уметноста повеќе нема да може да му помогне на човекот?

Мислам дека не сме далеку од таа точка. Добро сте забележале дека меѓу другото оваа изложба се занимава и со проблемите и поимите поврзани со Телото, односно неговата отсутност. Не знаеме дали под тие скафандери постои човечко тело и дали можеме да зборуваме дека овие фигури со тие димензии реферираат на присутноста на телото, или се само фосилни остатоци од некаква одамна заборавена епоха. И тука би оставил мојот коментар да сподели една загриженост за тоа каде сме и кон каде движиме.

„Сигурни ли сте дека утрово го облековте вистинскиот пол?“ и „Биди маж, оженствени се“ – му порачавте на Скопје, на кое вообичено му се обраќаме во среден род, во екот на неговата „античка преродба“ преку проектот „Сета убавина мора да умре“. Пет години подоцна, дали како општество сме подготвени отворено да разговараме, да гледаме низ очите на сите родови, конфесии, на маргинализираните и на дискриминираните? Има ли сега светлина отаде црнилото?

Светлина секогаш има, среќа што нашите физички предиспозиции ни овозможуваат да ја регистрираме само светлината. Можеби и во мракот (мрачната материја и мрачната енергија) ќе откриеме најразлични убавини, секако кога ќе најдеме механизми да погледнеме во тој непознат свет. Но сега би сакал да гледам позитивно во однос на нашата природна предодреденост да ја гледаме само светлината. А во однос на Скопје навистина не знам што да речам. Поразително е што многу млади луѓе, паметни и убави, се приморани да го напуштат Скопје во години во кои најмногу можат да придонесат, но па од друга страна сè уште има и борци што се трудат да му вратат некаков сјај на градот. Мислам дека живееме во време на руини и пепел, но секогаш од руини најдобро се гради нов свет, па да видиме.

Џорџ Бернард Шо вели: „Огледалото го користиме за да си го огледаме лицето, а уметноста – за да си ја огледаме душата.“ Каков свет сака да огледа уметноста на Велимир Жерновски?

Помирен, солидарен и љубовен.

 

Јосип Коцев

Tags: изложба
Previous Post

Бесконечна соба: Изложба на архитектонски проекти

Next Post

PopUp Music: Dj Tonbe во Кино Карпош (галерија)

Next Post

PopUp Music: Dj Tonbe во Кино Карпош (галерија)

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum