PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Турстон Мур: Сè уште уживам во сето ова што го правам

popup by popup
октомври 19, 2018
in Интервјуа
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Турстон Мур е познат музички радикал во американската рок-историја, чиј бенд Sonic Youth жареше и палеше на алтернативната сцена во 80-тите и 90-тите години на минатиот век. Бендот Sonic Youth, кој бил основан во 1981 г., се смета за еден од најзначајните и највлијателни рокенрол бендови во последните 40 години со нивниот пристап и кул изглед. Ничија колекција албуми не може да се смета за комплетна доколку нема некое нивно издание.

Инспирирани од поекстремните текови на гитарската музика, како ран хардкор, ноу-вејв, минимализам и фри-импров, тие не само што редефинирале што може да се направи со електричната гитара со својот неортодоксен пристап, туку со својата музика помогнале да се поврзе андерграунд музиката со меинстримот. Практично тие се за 80-тите тоа што Velvet Underground биле во 60-тите. Додека многу од алтернативните бендови од тоа време сè уште твореле во рамките на традиционалниот рокенрол, Sonic Youth отфрлувале какви било претходни конвенции и со тоа ги редефинирале музичките пејзажи во доцните 80-ти, особено со изданието Daydream Nation од чие објавување оваа година се навршуваат 30 години.

Од 2013 година, со распаѓањето на бендот, тој се сели во Лондон каде што предводи многубројни авангардни бендови и проекти, основал свои музички и издавачки куќи, објавува своја поезија. На 19 октомври, Мур ќе има свој импровизиран настап во рамките на полноќната програма на 37. издание на Скопскиот џез-фестивал.

Од моментот кога бендот Sonic Youth имплодираше, се чини дека сте во креативна форма и сте вклучени во многу проекти. Што е тоа што ги придвижува овие активности? На што се должи разнообразноста на проектите и соработките што се случија?

Љубопитност. Љубопитен сум за книги, литература, за јазици, за поезија, буквално за сè. Сега оформивме своја издавачка куќа, Daydream Library Series и своја издавачка куќа Ecstatic Peace Library, а предводам и неколку музички проекти, со кои често заминувам на турнеја. Според тоа, станува збор за сите овие работи што прават разговорите во нашата заедница да продолжат да течат.

Каква еволуција чувствувате дека се случила откако почнавте да работите како соло артист?

Отсекогаш сум имал соло проекти и сум работел во дуети, триа, собиранки во соседството. Чувствувам дека сум бил многу отворен за покани за соработки уште од моментот кога почнав да свирам. Имам верба во своето срце и знам кога нешто е исправно за мене.

Дали е предизвик да се гради публика за толку многу снимени проекти?

Мислам дека сум бил благословен со тоа дека можам да се поврзам со публика на толку многу места ширум светот. Не гледам на тоа како на „предизвик“. Тоа ни е работа, зарем не? Да се допре до секого со надеж дека ќе се поврземе.

Познати сте како некој што е вклучен во многу фри-импров и авангардни проекти. Што е тоа што ве мотивира да ги ширите своите хоризонти толку далеку?

Голем дел од импровизираната музика мене ми се чини едноставно како медитации во моментот. Можноста да се работи со браќата и сестрите и да се верува во нашите инстинкти, вибрациите што доаѓаат од публиката и од планетата за време на тие минути/часови е веројатно местото од каде што доаѓа таа мотивација или сила за мене.

Кои се некои од работите што се истакнуваат од вашиот опус што сте ги снимиле во скоро време?

Тоа би било мојот албум „Rock n Roll Consciousness“ што го објавивме неодамна заедно со басистката Деб Гоџ (позната како член на My Bloody Valentine), Стив Шели (тапанарот на  Sonic Youth) и Џејмс Сидвардс. Според мене, тоа е албум што се истакнува бидејќи го снимивме во една божествено стара црква во Лондон. Некако имам чувство дека албумот е допрен од нешто што доаѓа од горе.

За некој што работи долго во областа на импровизираната музика, какво е значењето на зборот импровизација за вас и што е тоа што прави таа да има значење за вас?

За мене поимот означува да бидете свесни, да имате разбирање и да верувате во моментот кога нешто се случува.

Не толку одамна бевте назначен за почесен професор на RMC во Данска. На кој начин пристапувате кон работата со студентите при импровизирањето бидејќи во основа тоа е гест на лична слобода каде што дури и „грешките“ како такви се прифаќаат?

Предавањата се структурирани и студентите доаѓаат од разни страни и голем дел од времето го поминуваме во комуницирање со помош на јазикот на музиката. Навистина не е возможно да „учите“ некого како да импровизира, и ние поминуваме голем дел од времето во експериментирање, истражување различни техники во свирењето а исто така и во снимањето, а можеби и најважно од сè е дека се посветуваме на внимателно „слушање“ едни со други.

Неодамна работевте на неколку проекти со звучниот скулптор и реномираниот музички автор и новинар Дејвид Туп. Неговите книги какви што се „Океан од звук“ и „Проколнато време“ се меѓу моите омилени музички книги. Дали соработката со него влијаеше врз вашите размислувања за музиката?

И Дејвид Туп и јас од неодамна почнавме да соработуваме поинтензивно. Ева (партнерката на Мур) правеше истражувања за Feminist Improvising Group (FIG) и таа наиде на стари изданија од магазинот MUSICS од 70-тите, кои Дејвид Туп ги уредувал. Следно беше да се сретнеме на состанок што беше договорен од Ева. Таа сакаше да ги препечати сите 23 изданија на MUSICS во еден компендиум (што и го направивме). Читањето на сите тие стари изданија беше на некаков начин важна едукација за нас, кои сме дел од уметничкиот и од музичкиот свет во Лондон.

Потоа со Дејвид настапував неколкупати во Лондон, снимавме некое дело од композиторот Џон Кејџ, а имавме и настап како трио заедно со Стив Бересфорд. Неодамна бевме поканети во Калифорнија и одлучивме да патуваме заедно по Западниот Брег и ни се придружи и Ева. Дејвид Туп и Ева Принц се сега блиски бидејќи Ева му помагаше да ја уреди и да ја објави својата автобиографија. Дејвид и јас свиревме на неколку концерти вклучувајќи го овој кај Henry Miller Library во Биг Сур (Калифорнија) и со тоа сите имавме можност да ја осетиме убавината на овој предел, кој апсолутно е неверојатен, го одзема здивот и е многу инспиративен за создавање музика. Ева и Дејвид беа додатно мотивирани за работа на книгата. Тоа беше како патување од соништата бидејќи и Дејвид и Ева се нежни души и се прекрасни за дружба.

Во април годинава, во салата Барбикан во Лондон, премиерно изведовте дело со оркестарот Galaxies 12×12. Прочитав дека музиката била инспирирана од поема на Сан Ра, но што сакавте да постигнете музички со проектот?

Композициите 12 x 12 беа напишани откако мојата партнерка Ева ми подари стар (винтиџ) електричен 12-жичен „фендер“. Тоа е толку неверојатен инструмент поради што не можев да го тргнам од раце. Бев до таа мера инспириран да ги напишам сите тие дела за овој инструмент. Сакав членовите на мојот бенд и пријателите исто така да свират 12-жичени гитари и заедно да го создадеме тој масивен звук. Поради тоа имаше смисла да го направиме во една голема сала како Барбикан во Лондон. Всушност, убавината на проектот ме потсети на Сан Ра и имињата на композициите, како „Heavens“ и другите, беа инспирирани од него.

Sonic Youth зазема голем дел од вашата музичка кариера до ден-денес. Како гледате на тоа што сте го постигнале со бендот?

Мислам дека тоа не е точно во целост бидејќи Ник Соулсби неодамна објави книга за сите од многуте (стотици) изданија што сум ги направил со други музичари. Сè додека книгата не се објави, не знаев колку соработки сум имал. Музиката игра голема улога во нашата заедница, а Sonic Youth е само мал дел од тоа. Ние сме благословени бидејќи имаме толку многу неверојатни уметници околу нас со отворен ум.

Во 2018 година, се обележува 30-годишнината од објавувањето на албумот „Daydream Nation“, што ќе биде обележано официјално со прикажување документарни филмови и дебати со некои од членовите на бендот во Лос Анџелес. Како гледате назад на ова издание и импактот што го имал своевремено?

Минатиот викенд бев поканет кај John Peel’s House за интервју во врска со овој албум. Чудно е да се помисли дека сме го направиле овој албум пред 30 години. Воопшто немам чувство дека е толку стар. Тоа беа поинакви времиња. Се сеќавам дека во тоа време се слушаше музика како албумот на Public Enemy „It Takes a Nation of Millions to Hold us Back“, кој се слушаше насекаде по улиците на Њујорк. Тоа беше толку радикален и важен албум бидејќи во себе содржеше енергија што ја имаше во панк-рок и њу вејв  и хип-хоп музиката. Beasty Boys почнуваа да прават музика што беше политички мотивирана. Тој албум за нас беше многу важен бидејќи кога работевме на Daydream Nation, тоа беше истaта енергија. Dinosaur Jr. правеа одлична музика. Што се однесува до песните на албумов, ние многу бргу ги напишавме бидејќи таков тип автори бевме – бевме многу брзи. За тој албум работите се случуваа многу бргу наспроти албумите што дојдоа по ова издание. Секако се обидувавме да направиме дијалог помеѓу неконвенционалното и конвенционалниот пристап кај песните што ги пишувавме. Тоа време беше многу интересно и возбудливо особено за рокенролот бидејќи работите беа отворени за експериментирање.

Музиката на Sonic Youth беше длабоко инспирирана од разни текови на авангардна музика од Њујорк. Од друга страна, вие живеете во Лондон некое време. На кој начин животот во Лондон влијаеше врз вашата работа откако живеете тука?

Лондон беше неверојатно важен за Sonic Youth особено во раната фаза. Ако не беа некои од долгогодишните пријатели што го канеа бендот да настапува во Лондон или во Холандија, би рекол дека никој дома кај нас не би го ни забележил бендот. Сега можам да набројам неколку едноставни причини поради кои го сакам животот во Лондон. Како прво, постојат прекрасни зелени површини и паркови, нивните музеи се меѓу најневеројатните во светот и градот има своја историја што продолжува да нè фокусира кон иднината.

Постојат некои очигледни разлики со САД, на пример, не морам да се грижам дека луѓето носат огнено оружје, што е општ ноќен кошмар за поголемиот дел од луѓето таму. Едукацијата и здравствениот систем се чини дека се приоритет за Британците, што, за жал, не може да се каже за САД.

Сите овие работи имаат вистинско влијание врз еден град, држава, односно врз идејата за здрава демократија. За мене е многу трагично кога ќе се  повикува поентата на раните декларации напишани од првите луѓе што се населиле во САД дека се обидувале да воспостават слобода надвор од елитистичките, владејачки класи. А сега овие класи ги тормозат, а во некои други општества ги „заведуваат“ масите – како што историски се правело.

Оваа година наполнивте 60 години и во ноември ќе бидете куратор на две вечери во Минеаполис насловени како „Thurston Moore: Moore at 60“, каде што ќе се изведува музика што го отсликува вашиот минат и сегашен труд. За што станува збор кај овој проект?

Кај Центарот за уметност Вокер ќе имаме еден убав викенд, каде што ќе ми се придружат разни пријатели кои се музичари и поети и ќе направиме прослава бидејќи годинава наполнив 60. Многу е убаво од нивна страна што сакаа да го одбележат мојот роденден на овој начин, а јас ќе им се придружам и ќе настапам со нив.

Ако се земе предвид бројот на изданија и ширината на проектите што сте ги реализирале, дали имате некакви нереализирани амбиции како музичар?

Чувствувам дека сè уште имам многу работи што треба допрва да ги реализирам. Не само музички туку и од книжевноста. Сè уште уживам во сето ова што го правам.

Разговорот го водеше Ненад Георгиевски

Previous Post

Никлаус Грабер: Едноставноста во архитектурата не е лесна

Next Post

Не е déjà vu – филмски сцени од уметнички слики!

Next Post

Не е déjà vu – филмски сцени од уметнички слики!

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum