Во објава на „Тhe Calvert Journal“, Јанина Шевченко го опишува своето двонеделно патување со Транссибирската железница, давајќи му интересен предзнак на егзистенцијалистичко искуство.

Таа вели: „Пејзажите на Русија се збунувачки. Нивната едноличност е зашеметувачка: огромните празни полиња и бескорисното земјиште, долгите прави патишта и бескрајната пруга, осамените населени места, сè e толку многу слично. Но во срцето на таа монотонија се наоѓаат луѓето што живеат таму. Тие му даваат смисла на местото.“

Нејзиното патување со Транссибирската железница траело 14 дена, од Москва до Владивосток и назад, со дводневна пауза во Владивосток. Патување низ седум часовни зони.
„Транссибирската железница поврзува 87 градови и села. Невозможно е да се перципираат секој сегмент од пејзажот и секоја панорама бидејќи возот постојано е во движење. Морате да прифатите дека нешто постојано пропуштате. Поминавме низ густи шуми што се простираат сè до хоризонтот, но и покрај пусти степи, далечни, замаглени ридови и скриени раштркани села. Уникатно е искуството да се набљудуваат илјадници километри пејзажи преку прозорецот од возот.“

„Возот запира неколкупати дневно, во периоди што траат од неколку минути до половина час. Дури и најдолгата пауза не дозволува повеќе од една брза обиколка на железничката станица. Затоа немав време да се запознаам со градовите и со местата низ кои минувавме. Мојата цел беше да се сретнам и да се запознаам со луѓето што живеат на тие места и преку нив да се поврзам со тие места. За време на патувањето, сретнав луѓе од различни делови на Русија.“

„Со некои од нив имав шанса да поразговарам кратко, а со други, пак, поминував денови исполнети со интензивни разговори. Кога пристигнуваа на своите крајни дестинации, ги придружував до платформата на станицата и им правев портрети. Тие слики сега сведочат за нашата средба и за споделеното време. Нивните лица и приказни станаа репрезентација на местата од кои потекнуваат. На тој начин, се сеќавам на сите луѓе со кои се сретнав и разговарав. Тие се голем дел од моето транссибирско патување.“




