PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

„The Peanut Butter Falcon“ – Суперхерој со лавовско срце и големи амбиции

popup by popup
јули 31, 2020
in Филм
0

Courtesy of Roadside Attractions Shia LeBeouf and Zack Gottsagen in The Peanut Butter Falcon. agomez@abqjournal.com Mon Aug 26 18:28:35 -0600 2019 1566865714 FILENAME: 1540910.jpg

399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

PopUp Rating: 3.5/5

„The Peanut Butter Falcon“ е дебитантски, долгометражен игран филм на Тајлер Нилсон и Мајкл Шварц, инспириран од разбивачот на стереотипи Зек Готсеген. Режисерите го запознале харизматичниот Зек на кампинг и добиле идеја за сценарио во кое тој ќе ја игра главната улога, откако им се доверил дека обожава да глуми и гори од желба да стане филмска ѕвезда.

Сценариото ја користи ограничената слобода и изолираноста на протагонистот да го зајакне ударот на далекусежните критики за немарниот однос на општеството кон лицата со попреченост. Исто така, го истакнува лошо осмислениот пристап на државите, кои дополнително маргинализираат и стимулираат асоцијалност, наместо инклузија. Чистата душа на кроткиот Зек желна за нови искуства и другарување, прикажува како дел од непотребно наметнатите мерки за претпазливост им одмогнуваат на лицата со посебни потреби. Авантурата по неостварениот сон е јадрото на дејството, но трогателната приказна на бунтовникот Тајлер умешно се вклопува.

За жал, режијата не остава простор за изненадувања и епилогот е лесно предвидлив. На тоа се должи неквалитетно развиениот лик на негувателката Еленор (Д. Џонсон), која носи нелогични одлуки што одземаат од севкупно позитивниот впечаток за филмот.
Искрената силна хемија помеѓу главните ликови Зек и Тајлер импонира со влијателни кадри на директорот на фотографија. Првата средба на тогашните странци е претставена со далечен кадар, додека тие несигурно држат растојание на плажа. Кулминацијата на пријателската врска подоцна е отсликана со крупен кадар и емотивна, братска прегратка на сплавот.

Искусниот Шиа Лабеф има задача да биде поткрепа за новајлијата Готсеген и тој одлично му дава ветер во крилја да се чувствува релаксирано. Ѕвездата од „Трансформери“ го игра избувливиот Тајлер, кој тешко се носи со трагичната смрт на брат му. Тој во неправедно омаловажениот Зек гледа шанса да ја пополни празнината од загубата и да се избори со грижата на совест. Лабеф прераснува во зрел актер, подготвен да подлегне на сѐ посложени промени.

Дебито на Нилсон и Шварц е храбра мисија, чии значајни пораки заслужуваат внимание, а тие допреа до американската Академија за филмски уметности и Зек, во придружба на Шиа, стана првиот презентер како лице со попреченост во историјата на „Оскарите“. Прекрасната дружба на актерите е раритет и моќно сјае, се чувствува вистинска поврзаност и надвор од филмското платно.

Зек е херој од вистинскиот живот, кој им пркосел на предизвиците и на скептиците, доказ дека никој не може да ни забрани да сонуваме или да ни постави граници за нашите можности. „The Peanut Butter Falcon“ е пријатно освежување во Холивуд, кој заборави на жанрот комедија. Симпатичен, забавен филм, кој потсетува на суштинските вредности во животот, а притоа нуди прекрасни поуки што поттикнуваат емпатија, љубов и поддршка.
Филип Мишов

Previous Post

PopUp Faces: Дона Кулева

Next Post

Прво издание на Flipbook Film Festival – фестивал за европски авторски анимиран филм

Next Post

Прво издание на Flipbook Film Festival - фестивал за европски авторски анимиран филм

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum