„The Fat of the Land“ е третиот по ред студиски албум на една од најпознатите британски денс електронски музички групи „Продиџи“, кој годинава прави 21 година од издавањето. Името на албумот доаѓа од една стара англиска фраза: „Living off the fat of the land“, или во превод: Да се живее добро и богато.
Во 1999 година албумот го урна Гинисовиот рекорд како најбрзо распродаден британски албум. Иницијално, на корицата на албумот требало да стои илустрација од донер со името на албумот врз него, но Хаулет во последен момент се предомислил и ја заменил со фотографија од рак чиишто несразмерно зголемени канџи изгледаат како со два прста да го држат светот.
Музичката сцена неизмерно започнува да се збогатува уште во шеесеттите години на минатиот век, кога Америка и Велика Британија почнуваат да „разменуваат“ музика како резултат на заедничкиот јазик и приближно еднаквиот сензибилитет во инвентивноста. Музичарите од двете нации создадоа поважна култура заедно отколку што можеше некоја нација да создаде сама: Џими Хендрикс снимал во Лондон, „Битлси“ и „Стоунси“ стануваат примарна инспирација за цела генерација американски рокери, „Цепелин“ и „Сабат“ ги поставуваат темелите на американскиот метал, додека американскиот рок-колеџ од осумдесеттите игра големо влијание врз „Рејдиохед“ во деведесеттите. Што точно е тоа што дозволува некои композиции да го преминат Атлантикот, но не и другите? Поп-глобализацијата е клучен фактор, но некои не успеваат во процесот. Дефинитивно најневообичаен е случајот што преминал во две одделни димензии, како претставник на британската андерграунд култура директно во американските телевизии и радија, а тоа е токму албумот „The Fat of the Land“. Дваесет и една година по издавањето на албумот е добра можност секој од фановите да ги ревидира неговите звуци и да проба да објасни како колекцијата на непромислена, хардкор електроника, успешно беше примена на американската почва и без очигледен напор од страна на публиката драматично различна од онаа во Британија. Уште еден предуслов за тоа беше бледнеењето на популарноста на доминантниот поджанр на рокот – гранчот, по долга доминација на правецот со сите негови поджанрови. Да бидеме јасни, албумот претставува естетска извонредност во секоја смисла, но панк-елементите и стајлингот на Флинт во видеозаписот за песната „Firestarter“ (пирсинзи, метални чокери и сл.) претставува природно „надополнување“ на силината на рокот и целата таа кошмарна физиономија одеднаш станува неверојатно привлечна за гледање и за слушање. Зошто?

Затоа што истовремено го третира човечкото и нечовечкото. Зашто застрашува со иднината без да предизвика сомнеж меѓу фановите дека станува збор за шпекулација. Зашто ги артикулира кошмарите, истовремено давајќи им една гротескна, би се рекло, забавна нота. Бендот како да можеше да ја предвиди потребата на човекот од иднината да живее ВО иднината, и како одговор на тоа да понуди албум што и по 21 година од издавањето, звучи како да се однесува за времето денес. А можеби и се однесува, зар не?
„The Fat of the Land“ сè уште е многу добар албум, но неговата безвременост лежи во неговата историска вредност на една задоцнета естетика што некои милуваат да ја наречат визионерска, а кон визионерите имаме само вечен респект.

Кит Флинт до 2017 година беше сопственик на паб каде што постоело правило: секогаш кога некој од присутните ќе цитира текст од песната „Firestarter“, мора да донира пари во добротворни цели.

