Кинезите низ целиот свет оддадоа почит кон човекот „вооружен“ со две пластични ќеси, кој во 1989 застана пред колона со тенкови што се движеа по улиците на Пекинг. Попознат и како „Човекот тенк“ или „Човекот против тенкот“, тој е еден од најпрочуените симболи за насилната кинескa воена операција за сузбивање на демократските протести на плоштадот Тиананмен, во Кина познати и како liusi.
Пролетта 1989 година, кинеските студенти, работници и други демонстранти одржале протести и штрајкови со глад кревајќи го својот глас за демократски реформи во државата. На 4 јуни, движењето се соочило со жесток напад од 200.000 кинески војници испратени да ги запрат протестите. Епилогот на жртви е стотици, а според некои извештаи – илјадници мртви цивили. На 5 јуни 1989 година, еден човек облечен во бела кошула храбро застанал пред колоната од тенкови. Кога тенковите се обиделе да го заобиколат, тој им го блокирал патот. Предниот тенк застанал, а тој се искачил на него и почнал да чука и да му зборува на војникот што го управувал. Кога се симнал, продолжил да им го блокира патот на тенковите, сè додека не се појавиле двајца демонстранти што го одвлекле од улицата. Овој момент бил емитуван во целиот свет, а наскоро човекот во бела кошула станал познат како „Човекот тенк“. Кинеските власти ја оправдале воената операција на Тиананмен, тврдејќи дека зад демонстрациите стојат „контрареволуционери“ манипулирани од странски сили што ѝ се заканувале на стабилноста на земјата. Спомнувањето на жртвите и дискусијата за овој настан, сè уште се строго забранети во Кина. Секој јуни се забележува засилено полициско присуство на плоштадот Тиананмен, а активистите за човекови права се носат надвор од Пекинг. Инаку, идентитетот и судбината на „Човекот тенк“ остануваат мистерија до ден-денес.
На 29-годишнината од воената операција на Тиананмен, демонстрантите се потсетуваат на овој настан преку хаштазите #Tankmen2018, кампања што ја започна кинескиот уметник Бадиукао. Според него, „Човекот тенк“ го претставува она што кај помладите кинески генерации повеќе го нема – идеализмот, страста, чувството на одговорност и вербата дека една индивидуа може да направи промена. Бадиукао вели дека „Човекот тенк“ е релевантен и денес бидејќи општеството не е многу променето од времето на масакрот, затоа што угнетувањето на власта никогаш не престанало. Овој уметник им дал инструкции на демонстрантите да се фотографираат во „гардеробата“ на „Човекот тенк“: со бела кошула, црни панталони, црни чевли и со две бели ќеси в рака. Бадиукао направил и дизајни за ќесите вклучувајќи слики од Прасето Пепа и Вини Пу – ликови што се забранети во Кина, како и со фразите mi tu и „rice bunny“ што ги користеле активистите на движењето „#MeToo“, а кои сега се блокирани за употреба.






Жоу Фенгсуо, кинески активист што бил лидер на студентските протести во 1989 година, ја поддржа кампањата со свои фотографии од Вашингтон

