На 11-тото издание на Светските фотографски награди на Сони биле примени 320.000 пријави од талентирани фотографи од целиот свет. Победничките фотографии беа избрани меѓу десет различни категории, вклучувајќи: пејзаж, архитектура, портрет и современи прашања.

„Без наслов“ од серијата „Ex-Voto“, Алис Томлинсон, Велика Британија, фотограф на годината
Внимателно свиткана и рачно напишана белешка, скриена во пукнатина од карпа, гравирани крстови на камен, убаво завиткана панделка околу купишта гранки. Ова се, всушност, дарови што ја симболизираат верската преданост, познати како Еx-Votos, и можат да се најдат на сите локации во светот каде што се оди на христијански аџилак. Честопати без ничие знаење и скриени од другите, аџиите ги оставаат овие дарови како изрази на надеж и благодарност, создавајќи наратив меѓу верата, личноста и пределите. Овој фотографски проект е направен во Лурдес (Франција), Баливурни (Ирска) и во Грабарка (Полска) и опфаќа формален портрет, пејзажи во голем формат и мали, детализирани прикази од предметите. Сликите ги евоцираат спокојот и мистериозноста, како и безвременоста на овие места со голема спиритуална важност. Луѓето и пејзажите се мешаат со местата, сеќавањата и со историјата. Сите се фотографирани во периодот 2016/2017.

„Фрагментација“, Самуел Болдук, Канада, студент-фотограф на годината
„Мојата фотографија е поетско дело. Таа ги поставува во меѓусебен однос убавината на нашите води и уништувањето предизвикано од човечка рака. Кинењето на хартијата создава директна врска со брановите во реката Сен Лорен. Исто така, може да се смета како симбол што ја нагласува штетата што луѓето ја предизвикуваат. Моето дело се состои од три фотографии. Сликите беа испечатени со инк џет принтер, на мат хартија. Потоа составив 3Д модел. За да креирам сенка под секое ниво на моделот, направив фотографска репродукција.“

„Длабока земја“ – Розелена Рамистела, Италија, прво место во професионалната категорија за природа и животински свет
„Луиџи е млад Сицилијанец. Економската криза и големата невработеност ги враќаат младите сицилијанци од малите рурални заедници назад во селата и ги принудуваат да работат земјоделие. Луиџи му помага на својот татко во полјоделската работа и одгледувањето животни во фармата. Нема ден тој да не ги извалка своите раце за да заштеди пари со кои ќе ѝ помогне на својата свршеница од Романија да се врати назад на Сицилија и да започнат заеднички живот.“

„Белото загадување“ Флоријан Руиз, Франција, прво место, креатива
„Во снежните предели во височините на Фукушима, ја доловив невидливата болка на радијацијата. Ова се моментите, променливите природни перцепции во кои радијацијата најмногу се акумулира. Во моите слики сакав да ја прикажам атомската алтерација. Ефектот со транспарентност и прекршените перспективи ја прикажуваат формата во движење, непостојаниот свет. Потоа, креирав вибрација што означува заминување од реалноста на субјектот што го открива присуството на радијација на фотографијата.

„Змијулестиот пат на мермерната долина Торано“, Лука Локатели, Италија, прво место, пејзаж
Каменоломите на Каналгранде. Тука работниците ископуваат мермер од 1951 година, кој може да се најде во пет вида: калаката, венато, нуволато, бардиљо и бјанко ординарио. Годишниот просек на ископан мермер изнесува 65 илјади тони и има вредност од 10 милиони евра.

„Сиромашен балет“, Фредерик Лернерид, Шведска, прво место, современи прашања
Секоја среда во едно училиште во Кибера, учениците ги поместуваат столчињата и клупите во училницата и го бришат подот. Училишните униформи ги заменуваат со алишта во светли бои. Кога влегува наставникот Мајк Вамаја, од малиот преносен звучник се слуша класична музика, и часот започнува. Часот по балет е дел од добротворните акции што се преземаат во Кенија. Танцот е начин на кој децата се изразуваат себеси и ја зајакнуваат довербата во животот, како и верувањето дека можат да постигнат нешто големо и значајно. Некои од децата сега танцуваат неколку денови неделно во едно студио сместено во побогатиот дел од Најроби и живеат во интернат, па така, благодарение на својот талент, успеваат да побегнат од тешките услови во кои живеат.

„Хелен“ Том Олдхам, Велика Британија, прво место, портрет
Секој викенд во одредени пабови во Лондон, порано можеле да се забележат пејачи што ги забавувале гостите, но оваа традиција е во постепено изумирање. Оваа атмосфера денес е зачувана единствено во пабот „The Palm Tree“, главно поради променетите навики на клиентелата што оди на овие места. Фотографскиот проект ги документира овие последни пејачи по пабовите, со надеж дека ќе ги долови парчињата време на оваа прекрасна традиција што постепено заминува.

„Згради“, Џанмарија Гава, Италија, прво место, архитектура
Проектот „Згради“ е истражување на архетипните форми на архитектурата. Кога биле отстранети функционалните елементи, градбите изгледале како правилни геометриски форми. Како такви, се чини дека во нив не може да се всели никој. Сепак, овие градби го поставуваат прашањето за функцијата и за пристапноста на архитектурата во јавниот и во приватниот простор.

„Животот во кампот“ Мохд Самсул Мохд Саид, Малезија, прво место, тековни случувања и вести
По палењето на 400 куќи во државата Ракине, повеќе од 125.000 Рохингја бегалци го напуштиле Мјанмар и заминале во Бангладеш. Меѓународните организации забележале дека војската на Мјанмар ги прекршила човековите права. Вкупно околу 400.000 Рохингја муслимани избегале во Бангладеш, а оваа фотографија го прикажува нивниот живот во кампот Балукали.

„Без наслов“ од серијата „Бузкаши“, Балас Гарди, Унгарија, прво место, спорт
Коњаниците се борат за обезглавен труп на жребе за време на натпреварот бузкаши (карактеристичен за азиските земји), за време на персиската Нова година во Мазаре Шариф, Авганистан.

