Пиевме пиво со (половина) „Скопски грув“ во парк. Останатите луѓе од осумчлениот состав во кој се: Петар, Јулијан, Настасја, Никола, Марин, Јован, Методија и Игор, пропуштија убаво дружење и плус ќе мораат премолчено да се согласат со сè што е кажано подолу 🙂 „Скопски грув“ како идеја, колектив и движење во подем, му припаѓа на оној бран млади луѓе што отсекогаш спонтано се издигнувале над постојните околности и застоеноста во културно-уметничкиот живот на градот, за да му ја дадат својата свежа енергија, да го раздвижат и да му го забрзаат забавениот пулс. Досега успешно реализираа неколку настани и преку нив споија разнородни културни точки, од диџејски сетови, преку импров театарски групи па сè до „Lost street kings“, иницијативата за „реанимација“ на македонските графити артисти, кои повеќе не се активни на улиците од различни причини неповрзани со уметничкиот нагон и жедта за креација. Најново од „Скопски грув“ е тоа што екипата забрзано се подготвува за својот прв голем настан во МКЦ, со кој ќе ја сумира својата досегашна работа. И уште нешто, најпогрешното нешто што можете да го помислите за „Скопски грув“ е тоа дека се ограничени на некој посебен музички стил или правец. Напротив 🙂
Желбата за различност и неконформизмот кај младите луѓе е моќен генератор на промени за секој град и за секое општество. На кој начин „Скопски грув“ како колектив го заживува културниот бит на градот?
Правиме настани што содржински се многу различни. Тројца од нас се диџеи, а другите се одговорни за сосема други активности, од идеја, реализација, службени работи, логистика, комуникација, па до дизајн. Константно активни секогаш сме барем петмина, во смисла на работа со полно работно време. Сè почна од чист ентузијазам, буквално од домашни забави. Тргнавме со цел да направиме една платформа што ќе значи дека има можност, дека тука сме со иста мисла – да создадеме квалитетни настани, не само во уметничка туку и во организациска смисла. Сакаме да веруваме дека има една плима што може да се искористи, па оттука произлезе и името „грув“ како општ симбол дека нашата намера не е да наметнуваме музички правци или уметнички стилови, туку само дека треба сето ова да се движи слободно и без препреки. „Скопски грув“ сака да им се спротивстави на вообичаените пропусти на настаните во градов, независно дали станува збор за лошите цени, несоодветниот однос, неквалитетниот маркетинг или лошата програма. Поентата е да не се изработи колку да биде изработено, туку да се стави акцент на содржината и на самата идеја на настанот.
Вашиот настан „Lost Street Kings“ во студентскиот дом „Гоце Делчев“ им даде нов поттик на некогаш активните графити цртачи Darkstar4, Terk, Sense и Shook, a претходно на настанот „Chill the funk OUT!“ вклучивте и импров театарска група. Како доаѓате до идеи за вакви настани од дијаметрално спротивен тип?
Креираме платформа отворена за секој што сака да се вклучи, секој поединец што има идеја може слободно да ни пристапи. Сè додека има луѓе, ќе има и идеи за настани. Конкретно за графити акцијата „Lost Street Kings“, појдовме од тоа дека овие артисти некогаш биле големи и со свој изграден стил, но се соочиле со општествени бариери и престанале да творат, делумно и поради тоа што не биле платени за она што го работеле. Графити културата сега во голем обем е променета, еден куп скопски кафулиња имаат графити за кои плаќаат. Со овој настан ние сакавме повторно да им ја вратиме слободата да цртаат, без страв дека делото за два дена ќе биде премачкано со бела боја и засекогаш избришано.
Сигурно сте се соочиле со бирократските лавиринти во нашите институции, бидејќи веќе реализирате настани во јавен простор…
Да, процесот за организација на еден настан е страшно необјаснет. Честопати на местото каде што треба да добиеш информација се соочуваш со физичко неприсуство или незаинтересираност. Не ве гледаат сериозно или набрзина ви објаснуваат, мислејќи дека сте експерти во организација на настани, а не почетници. Затоа се случувало да се враќаме по шест или седум пати кај истиот човек, за објаснување на истите работи. Затоа од самиот старт гледаме да направиме настан со кој би ја заобиколиле администрацијата, иако сме свесни дека тоа понекогаш го правиме на сметка на квалитетот на настанот. Многу идеи ни стојат во фиока поради тоа.
Кога ќе се тргне уметноста, сепак останува еден организациски дел, кој подразбира финансиска конструкција и материјална поддршка. Како се снаоѓате на тој план?
Ги правиме настаните Vinyl Jukebox. Имаме голема кутија со винили и грамофон. Луѓето доаѓаат, си избираат плоча, песна и повикуваат некој од нас да ја пушти песната. Ние сме машината, џубоксот што пушта музика од Шаде до тежок рап. Тоа им се допаѓа на локалите и така си ги финансираме големите настани. Инаку, најголема помош ни се луѓето со сопствени квалитети, нивните гостувања како артисти и екипи. Тука особено би сакале да им се заблагодариме на Пирка за нивната огромна помош и поддршка.
Се шири ли вашата публика? Претпоставувам дека се преклопува со онаа на другите креативни колективи, па од тој аспект погледнато, дали соработувате меѓусебно?
На секој нов настан доаѓаат нови луѓе, публиката постојано се шири и таа публика се гледа дека е нова и свежа. Ова го правиме сами, со нашите можности и средства , и на тој план колку и да имаме добри идеи, времето мора да помине. Не би можеле да го забрзаме тој процес и да го задржиме квалитетот и интегритетот. Семејството се шири, нас нè радува тоа што луѓето околу „Скопски грув“ си постојат независно како артисти, а ние сме им врската што им овозможува да работат слободно. Сфативме дека со другите колективи не сме толку слични во идеите колку што сме слични во ентузијазмот и дека ни е многу добро да комуницираме. Мислиме дека треба да се работи на сограѓанство, на отвореност. Луѓето да престанат да се движат во затворени кругови, да одат таму каде што како личности сакаат да бидат присутни, а не да се групираат. Сакаме да мотивираме да се јават сите луѓе со идеја. Скопје може да биде метропола. Овој град нуди луѓе со креативност, квалитет и уметнички дострели. Тие луѓе треба да се движат, да соработуваат, а не да се бараат во темни ќошиња, случајно во барови и во кафулиња. Чувствуваме дека работите полека почнуваат да се менуваат и да земаат нов замав.
И за крај, на 27 декември планирате голем роденденски годишен настан во МКЦ, на кој ќе ја сумирате својата досегашна работа. До каде сте со подготовките?
Планираме настан што ќе биде синтеза на сè што правевме досега. Замислен е како општ хепенинг во Денсинг салата, на кој ќе учествуваат сите што со нас го делат нашиот раст и појава во градот. Заедно со еден куп отворени луѓе, колективи и талентирани поединци ќе направиме целодневно преземање на МКЦ како финале на годината. Би сакале тој ден, тоа да биде еден посебен, поинаков, поразличен МКЦ.