Човек оди по улица во Лондон држејќи микрофон и вели дека бара маж или жена.
Ние сме мажи! – му велат двајца.
Вие сте мажи? А како сте толку сигурни? – прашува човекот со микрофонот.
Гениталии, хромозоми, биолошка предодреденост… − се обидуваат да објаснат анкетираните.
Но што ако ги изгубите гениталиите во некоја несреќа, дали тогаш сé уште ќе бидете мажи? – прашува човекот со микрофонот.
Соговорниците трепкаат, размислуваат, се смешкаат учтиво, збунети од навидум едноставното прашање.
Во тој случај, не можам да бидам баш сигурен, нели? – заклучува еден од анкетираните.
Човекот зад микрофонот е Del LaGrace Volcano, чија изложба „Corpus Queer: тела на отпор“ и кратки филмови го отворија шестиот по ред Скопје прајд викенд (Skopje Pride Weekend), во организација на Коалиција Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка Скопје.
Носечката идеја зад Викендот на гордоста 2018 беше НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО.

„Со оваа идеја, од една страна, сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме многустраните начини на кои хегемониските имагинации за родот и сексуалноста се вкоренети во главните политички поими. Од друга страна, НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО. се стреми да го превредни фигуративниот статус на „настраноста“ во рамките на доминантните културно-политички простори – настраноста како радикална разлика, како отфрлените форми на живот, како пркос кон сите идентитетски рамки, како ексцесивност во однос на сите калапи на нормализација, како сопка за „репродуктивниот футуризам“ – и во неа да препознае актуелизација на самата невозможност за тоталитарното затворање на живеењето и на културно-политичката заедница“ – велат организаторите за настанот.
Петочната програма, за жал, ја пропуштив (се успав, по грешка). Оние со поздрави навики за спиење и будење, имаа единствена можност да го слушнат вокалот (и видат), кореографот, визуелниот уметник, кантавтор од Бугарија Иво Димчев (И-ВО), кој ја истакнува мрачната поезија во неговите стихови. Неговите дела претставуваат екстремна шаренолика мешавина на перформативна уметност, танц, театар, музика, цртежи и фотографија.
Саботата ќе ја паметиме по светкавиот настап Дијамант (Diamond) на David Hoyle со гостување на The LipSinkers. Дејвид нè почести со двочасовна лекција што не сме ја добиле на училиште: квир, родова и ЛГБТИ историја на Британија од 1957 година до денес. Бевме одведени на гламурозно, мрачно, крајно саркастично и во исто време шармантно патување низ животот на Дејвид: темни сокачиња во Лондон, студентски пабови и геј-барови, загубите во битката со ХИВ/СИДА епидемијата во 80-тите, ЛГБТИ сцената на Манчестер, животот со зависности раѓањето и смртта на The Divine David (прогуглајте малку, ќе откриете интересни светови), „the royal wedding“ и иронијата на воената униформа на свадба, преку Сирија, по траекторијата на ослободувањето стигнавме и до Скопје 2018. На крајот на овој перформанс (сесија, театар или најдобро срочено шоу на животот), катарзично и зашеметено се пееше „The Age of Aquarius“ додека шарени балони, конфети и светки летаа низ киното „Фросина“.
[URIS id=1524]
Copyright: Skopje Pride Weekend
Не верував дека саботното искуство ќе може да се надмине, но на затворањето во неделата го доживеав перформансот „Пред да излезам (ме сакаш)“ на мултиталентот Травис Алабанза: изведувач, писател и драматург што живее во Лондон. Веќе некое време ја следам работата на Травис, а викендов (буквално) го/ја следев наоколу низ Скопје, нетрпелива да видам што носи на себе, какво ексцентрично парче облека, каков кармин, чевли и фризура. На сцената во Кино „Култура“ блескаше со својот флуоресцентен аутфит, сребрени топуци и две кадрави пунџички. Травис за мене беше едноставно икона на стилот − сè додека не го проследив брилијантниот настап. Поради начинот на кој зборува, ја ежи и смее публиката и во исто време ноншалантно и трогателно зборува за најтешките лични искуства, сфаќам зошто е еден од најпроминентните нови квир гласови во Обединетото Кралство и ширум светот. Травис настапи со дело од неговата прва збирка поезија „Before I Step Outside (you love me)“. Создаден во јавен превоз, перформансот (во кој се соединуваат звуци, поезија, театар и проекции) го секцира и отвора прашањето што значи да постоиш како транс личност надвор. Тие час и половина почувствувавме како е да бидеш избркан од дома, како е да те сопнуваат, допираат, довикуваат на улица, и да те убедуваат дека тие („нормалните“) знаат подобро за твоето тело, изглед, избори и идентитет. По Травис, драг кралиците House of KG, Ostroga Mi, Katharina the Sinister и музичкиот избор на трансфеминистката и мултидисциплинарна уметница Sonja Sajzor го крунисаа Скопје прајд викенд како што и беше очекувано: гласно, настрано и страсно.
Скопје прајд викенд на публиката во Скопје повторно ѝ подари едно ретко, уникатно, лудо и врвно квир искуство, со кое ни помогна да заборавиме на стегите на полот и родот, и буквално да излеземе од сопствената кожа, искуство и постоење, и нè потсетува не да ја толерираме другоста, туку да ја почитуваме, славиме и најважно од сè: љубиме.

Калиа Димитрова

