Во есенско-зимскиот период Скопје изобилува со различни случувања и настани. Оваа година, од 6 до 9 октомври, за првпат во главниот град ќе имаме можност да ја изодиме уникатната и магична патека на „Skopje Light Art District“. Организаторите го замислуваат како нов културно-општествен настан, кој ќе внесе малку светлина и боја во секојдневието што сите го живееме. Разговаравме со Филип Аврамчев, за идејата, концептот и за предвидените поставки и инсталации што ќе можеме да ги видиме на „Skopje Light Art District“ во Старата чаршија.
Разгледувајќи ја програмата на новиот настан „Skopje Light Art District“, може да се забележи шареноликиот репертоар на иновативни уметнички игри со светлината. Што точно ќе опфати тој?
„Skopje Light Art District“ e првиот настан од ваков тип во Македонија. Светлосната уметност во европски и во светски рамки е развиена област, која наоѓа примена во многу други сродни уметнички и општествени насоки. Оваа година од 6 до 9 октомври, 23 уметници од земјата и од странство, со 15 дела ќе се обидат на граѓаните од Скопје да им ја доловат магијата на боите и светлоста, преточени во разни видови уметничко изразување.

Работата на великаните Роберт Ирвин и Џејмс Турел покажа дека користењето на светлината како медиум во уметноста има визуелно хипнотизирачко дејство. Колкава е свеста во Македонија за спецификите на„ лајт артот“ како примената уметност?
„Skopje Light Art District“ е единствен затоа што ја става уметноста со светлината во фокус. Сметам дека тоа е новина во оваа средина, а секако е и освежување за Старата скопска чаршија.

Каде се пресретнуваат луминизмот и просторот на Старата чаршија како полигон за поставување на овие возбудливи уметнички дела? Зошто токму таму ќе може да се изоди патеката?
Старата скопска чаршија е уникатен амбиент каде што светлосните инсталации ќе ја засилат магичната атмосфера, мистиката и ефектот на самото опкружување. Светлоста е моќен медиум за создавање посебни атмосфери, обликување на просторот и создавање на таа магија. Секако, просторот е исто многу важен елемент. Самата архитектура на чаршијата, сите нејзини скриени богатства, ситуации и секојдневни активности, во комбинација со светлосната уметност, ќе бидат посебни секако и осмислени токму за овој амбиент. Светлосните интервенции секогаш градат дијалог со просторот.

Како е замислено да се одвиваат интерактивноста и живата поврзаност меѓу публиката и различните поставки на „Skopje Light Art District“?
Во програмата годинава вклучивме проекти кај кои секој артист на свој начин ја употребува светлоста. Секој од уметниците на различен начин ги вклучува публиката и присутните во самото доживување. Некои од инсталациите се смислени како директно интерактивни со публиката. На пример, работата на словенечкиот уметник Марко Батиста со својата поставка „Бои во движење“, или македонските 0 Kolor со своето дело „Колорологија“, поставки каде што уметноста и финалниот производ ќе зависат од движењето на ‘патеката’ и активноста на присутните. Некои од инсталациите својата инспирација ја црпат од самата чаршија, додека други едноставно се хипнотизирачки и на различни начини го задржуваат вашето внимание.

„Skopje Light Art District“ ќе се обиде да внесе бои во ахроматското секојдневие на градот, а добар дел од инсталациите имаат и социјално-ангажиран тон. Каква порака ќе се потруди да прати овој необичен настан?
Освен уметничката порака, „Skopje Light Art District“ преку своите поставки праќа и силна општествено одговорна порака до сите нас. На фестивалот ги имаме Грците Марија Аврабу и Димитри Ксенакис со своите светлосни поставки наречени „ГМО“ и „Ефект на стаклена градина“. Словенецот Матеј Бижовичар со своите „Рибегалци“, кои се инспирирани од големиот мигрантски бран и нашите перцепции околу него, Александра Стратимировиќ од Србија, која живее и работи во Шведска и со своите „Духови“ на сопствен начин ќе ја долови човечката немарност и уништувањето на животната средина итн. Секој од уметниците преку своето дело ќе се обиде да ја прати својата порака до публиката, пред сè зачувувањето на мирот, човештвото и одржување на здравата и чиста животна средина. Отворањето на фестивалот е закажано за 6 октомври во 20:00 часот, на стартот на „Белата ноќ“. По 3Д-мапирањето на зградата „Ибни Пајко“, присутните ќе ги дознаат и другите информации и насоки за движењето на патеката и поставките.


