Авторот на документарни филмови и активист за заштита на животната средина Сер Дејвид Атенбороу е неверојатно влијателна личност кога станува збор за зачувувањето на природата. Се верува дека токму тој влијаел врз одлуката на англиската кралица да ја забрани употребата на пластика на сите нејзини имоти. И таа, исто како и целиот свет, била вџашена од истражувањето прикажано во неговиот документарен филм „Blue Planet 2“ во 2017 година, според кое пластичниот отпад забрзано го уништува животинскиот свет во морињата и океаните. Приказната за китот-женка што го изгуби своето младенче како резултат на токсичните пластични материјали што ги проголтала, ја разбуди свеста кај многумина за ефектот на употребата на пластиката врз сите останати живи суштества.

Сега, Сер Дејвид Атенбороу ги моли луѓето да размислат за еден друг вид којшто се наоѓа на работ на исчезнување и колапс: медоносната пчела. На својата фејсбук страница, тој ги повика своите следбеници да се погрижат пчелите да го остварат својот пат од цвет до цвет. Сите пчели што изгледаат дезориентирано или можат да се видат како „скитаат“ по земја, не значи дека се близу до умирање. Најверојатно им треба само мала помош. Пчелите едноставно се уморуваат и немаат доволно енергија да се вратат до кошницата. Според него, ако сретнеме ваква пчела, постои едноставно решение со шеќер и вода кое ќе помогне изморената пчела да си ја врати силата. „Едноставно измешајте две лажички бел шеќер со една лажичка вода, и поставете ја мешавината на дофат на пчелата“ – пишува тој.

Сер Дејвид Атенбороу вели: „Во последните 5 години, пчелната популација се намали за една третина. Доколку пчелите исчезнат од земјата, на луѓето ќе им преостанат само уште 4 години живот.“
Пчелите играат витална улога во светското земјоделство и производството на храна, и заедно со другите инсекти опрашуваат три четвртини од растенијата. Според Обединетите нации, 37% од популацијата на пчелните видови изумира. Само во Велика Британија околу 13 видови пчели изумреле од 1900 година до денес, а уште 35 се наоѓаат во ризик од изумирање. Во меѓувреме, во Германија исчезнале 75% од сите летечки инсекти. Во САД, околу 50% од видовите се во изумирање, а речиси 25% се соочуваат со целосно истребување. Ако се земат предвид овие податоци, оставањето лажичка шеќер покрај вашиот прозорец или во градината и не е некоја страшна обврска. Пчелите исчезнуваат поради неколку фактори, меѓу кои спаѓаат климатските промени, сечата на шумите, употребата на пестициди итн.
Објавата на Сер Дејвид Атенбороу е споделена многупати досега, па се надеваме дека ќе допре до свеста на што поголем број луѓе кои ќе преземат мал чекор за да остварат голема цел. Некои од нив веќе постираа фотографии со спасени пчели во своите дворови.

