Кога мислиме на родовата флуидност, првата асоцијација за многумина е андрогената појава на Тилда Свинтон. Тука веднаш се поставува дилемата – дали квалификацијата пред нејзиното име да биде: „британскиот актер“ или „британската актерка“, „оскаровецот“ или „оскаровката“. Во случајов, не се одлучивме за ниту една од наведените. Тилда се самоопределува како родово-флуидна личност односно личност чиј родов идентитет варира.

Улогата на Тилда во „Орландо“, филм работен според делото на Вирџинија Вулф, се фокусира на библиски долгиот живот на благородник од елизабетанската ера, кој магично се преобразува во бесмртна жена во денешни времиња. Преку истражувањето на природата на романсата и страста, преку задршките и привилегиите на родовите во различни периоди од минатото, ова одлично филмско остварување го изнесува на виделина прашањето за родовата флуидност и разбирањето на самиот поим низ големите мистерии на животот и љубовта.

Позната е и фотографијата на Тилда Свинтон и Дејвид Боуви, на која Тилда носи машка, а Дејвид женска облека. На фотографијата стои текстот: „Родот е помеѓу ушите, не помеѓу нозете“.
Во едно свое познато интервју, Тилда вели: „Како и секоја можност за трансформација, така може да се игра и со родот. Мојата идеја за идентитетот се состои во тоа што не сум сигурна дека тој постои. Оваа идеја ја разгледував додека го снимав Орландо и други проекти во кои си играв со родовата трансформација. На пример, кога стануваш мајка, дали губиш сè? Дали можеш да задржиш идентитет со повеќе аспекти? Целата таа идеја за трансформација е во центарот на она за кое сум заинтересирана како уметник. Тоа е лична работа. Категорично можам да го потврдам она што го прави Орландо во филмот: Да, веројатно сум жена. Не знам дали може да се каже дека бев девојче – долго време некако повеќе бев момче. Не знам, којзнае? Се менува.“

За родово-флуидните личности нештата не се црно-бели како што е тоа случај со цис-личностите, чиј пол и род се совпаѓаат. Да се биде родово-флуидна личност значи дека одреден период се идентификувате на еден начин, а во друг период сосема спротивно. Понекогаш можете да се најдете во „сивата зона“ па во тој случај се употребува терминот „квир“ за личност што не се идентификува стриктно како маж или жена. Дали станува збор за „трет род“ или за микс од двата, зависи исклучиво од индивидуата. Некои универзитети во родната земја на Тилда Свинтон, вклучувајќи ги и Манчестер и Глазгов, имаат родово-неутрални тоалети, а одредени училишта повеќе не пропишуваат машки и женски униформи, туку им овозможуваат на учениците да одберат каква униформа би сакале да носат. Во едно истражување спроведено меѓу припадници на Генерацијата Z, односно денешните тинејџери родени меѓу 1995 и 2003 – 81% се согласиле со ставот дека родот повеќе не ја дефинира личноста на ист начин како порано. Едно е сосема сигурно – доаѓаат генерации што ги преиспитуваат воспоставените концепции на родовите конструкти во општеството.

