Претставата „Бела болест“ на апсолвентот Горјан Аревски не се најде помеѓу финансиски поддржаните дела од културните институции во Македонија. Иако станува збор за дипломско дело и тим што е составен од студенти и од млади професионалци, институциите немаа слух за овој проект. Затоа, тимот на претставата се одлучи да креира кампања за прибирање на потребните средства.
Кампањата за прибирање средства за реализација на оваа претстава беше креирана на платформата indiegogo (https://www.indiegogo.com/projects/graduation-theater-play-the-white-plague#/) и е отворена за донирање до средината на јули. Поставувањето на претставата ќе биде наесен.
Драмата „Бела болест“ е дело на чешкиот писател Карел Чапек. Станува збор за текст што досега не е поставуван во Македонија, но целосно е погоден и критичен кон денешниот, модерниот свет.
Горјан Аревски е режисер на претставата „Бела болест“. Во 2015 година Горјан дипломира на Општа и компаративна книжевност. Денес Аревски е апсолвент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професор Златко Славенски и асистент Куштрим Бектеши. Во текот на своето студирање, ги има работено следниве драмски текстови: „Печалбари“ (А. Панов), „Олово на перница“ (В. Андоновски), „Сите мои синови“ (А. Милер), „Галеб“ (А.П. Чехов) и „Народен непријател“ (Х. Ибзен).
Да се постави Чапековата „Бела болест“ е смела одлука, затоа што ова дело досега кај нас не е поставувано. Но, Аревски храбро избира да обработува важни теми, актуелни и одново да нè враќа на важноста да се биде човек кому му се важни општествените вредности. За одлуката да ја работи токму оваа драма пишува:
„Малиот човек кај Чапек не мора задолжително да поседува херојски квалитети – тоа може да биде и обичен човек, што прави мали дела, но големи за него и за неговите блиски. За овие мали луѓе може да се зборува навистина многу. А низ нивните усти, Чапек и самиот станува мал човек, бидејќи тие гласови се и гласови на цела една Чапекова генерација, од која не е исклучен и самиот тој. Во таа генерација, Чапек се става во улога на морализатор и осаменик во борбата против отчовечувањето, која е воедно и борба за повторно зачовечување. Таa порака се пренесува и со оваа драма.“
Честопати во критичките осврти за Чапек ќе наидеме на мислата дека обичниот човек го менува светот, при што тој не е само гледач, туку и активен учесник во градењето на човечката цивилизација. Чапек во своите погледи на човекот се движи од сомневање во него и неговите доблести, сè до искрена верба во човекот и претставување на обичниот човек како великан, како вистински херој. Целта на Чапековото творештво е неговиот мал човек.
Поголемиот дел од актерската екипа се студенти на Факултетот за драмски уметности, речиси дипломирани студенти како и неколку повозрасни актер(к)и. Соработниците на претставата се исто така млади, главно студенти на музика, продукција, архитектура, костимографија, филмска режија.
Целата екипа што е вклучена во оваа претстава, својот ангажман не го темели на материјална добивка. Во средствата планирани за поставување на претставата, трошоците се предвидени за потребите на сценографијата и костимографијата.
Линк до Фејсбук-страницата: – https://www.facebook.com/pretstavabelabolest/
Инстаграм: @mktheater https://www.instagram.com/mktheater/
Кампања: https://www.indiegogo.com/projects/graduation-theater-play-the-white-plague#/

