Вечерва во 20:30 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе имаме можност да присуствуваме на едно мошне поучно и занимливо предавање на швајцарскиот архитект Никлаус Грабер од архитектонското студио „Graber & Steiger“ од Луцерн. Јавното предавање на тема „Размисли за структурата“ ќе се фокусира на предизвикот да се креира архитектура што ќе биде широко разбирлива, како и на потрагата по практични и академски стратегии, кои можат да помогнат околу воспоставувањето цврста архитектонска структура. Инаку, работата на Никлаус Грабер и неговиот партнер Кристоф Стајгер (School Complex Buttikon, Panorama Gallery on Mount Pilatus, Window Factory in Hagendorn, Extension to the Thun Panorama) е наградувана на многу меѓународни натпревари, а во периодот од 2008 до 2015 година предавале на Универзитетот за применети науки и уметности во Луцерн. Од 2016 година тие се визитинг-членови на Бенгалскиот институт за архитектура, површини и населби во Дака, Бангладеш. Во овој разговор со Никлаус се осврнуваме на нивните гледишта за структурата, современите тенденции во архитектурата, а не можевме и да не го запрашаме околу неговиот став за фамозниот проект „Скопје 2014“.

Велите дека во вашите истражувања на полето на архитектурата не ја сметате структурата како чисто материјален феномен. Сметате дека структурата е еден вид „внатрешен поредок“ или ДНК на архитектонскиот дизајн. Можете ли да ни го објасните ова гледиште што ја поставува структурата како интелектуална алатка?
Набљудувајќи го концептот на структура во различни дисциплини какви што се науката, јазикот, визуелните уметности или музиката, гледаме дека структурата е универзален принцип што претставува основа во нашето разбирање на нештата. Како работна хипотеза, ние гледаме на терминот „структура“ како на интелектуална алатка што ни дозволува да ги опишеме меѓусебните врски во еден архитектонски комплекс и врските меѓу индивидуалните елементи и целината. Ова ни помага за секоја посебна задача да пронајдеме специфичен збирен концепт, кој треба да нè води во долгиот процес на дизајнирање.

Тешко ли е да се негува едноставноста во архитектурата денес, ако го земеме предвид фактот дека живееме во ера на сè покомплицирани методи и процеси на конструкција?
Да, навистина не е лесно да се негува едноставноста во архитектурата во денешно време. Дизајнот и процесите на градба станаа екстремно сложени поради зголемените правила, регулации, диктатот на стандардизираните пазари за градба, слепата употреба на технологија или површните аспирации на потрошувачкото општество. Голем број современи методи за конструкција станаа прекомплицирани бидејќи повеќе не ги следат основните архитектонски принципи. За да се постигне генерално разбирлива архитектура, потребно е повеќе од кога било порано да се поедностават концептите и детализирањето, и дизајните да се темелат на базичните алатки какви што се просторот, светлината или пропорцијата. Од голема помош за да се постигне тоа би била цврстата и моќна структура на градбата.

Колку е важно еден архитект да ја опсервира својата работа како критички коментар за средината во која живее и работи?
Секој дизајн или градба го одразува и го коментира контекстот во кој се наоѓа. Како дизајнери, ние секогаш би требало да бидеме свесни за пораката што градбата му ја упатува на својот корисник. Како што спомнав, културата на градењето како израз на статусот на едно општество, не се наоѓа баш на добро ниво во денешно време. Во време кога нештата повеќе не се преиспитуваат со цел да се заштити профитабилноста, архитектите слепо ги следат тековните трендови и методи на градење. Преку создавањето на една градба, архитектот има шанса да ги преиспитува нештата што се земаат здраво за готово. Архитектурата има потенцијал да го потсетува општеството на вредностите што се многу повисоки од процесите кои се движат само благодарение на парите.

Истражувајќи ја врската меѓу архитектурата и структурата, крајната цел ви е да пронајдете исконски и безвременски архитектонски израз за вашите дизајни. Што мислите за „Скопје 2014“, архитектонскиот проект што во целост ја промени физиономијата на македонскиот главен град под изговор дека му дава безвременски облик?
Кога зборуваме за безвременост во архитектурата, ние сме целосно свесни дека секој израз и креација во општеството се силно поврзани со времето од кое потекнуваат и дека секој временски период е потенцијално способен да ја обликува средината на современ начин. Сепак, постојат вредности што остануваат да важат секогаш, во секое време. Просторот, употребата на дневната светлина, пропорциите и типологиите можат да бидат алатки што покажуваат кон минатото, сегашноста и кон иднината.
Од она што успеав да го дознаам за „Скопје 2014“, поголемиот дел од овој проект се базира на ретроспективно оживување на еклектични слики. На тој начин, на овој проект не му е дадена безвременост, туку напротив, само еден краток полуживот на минлив тренд што фрла песимистичко светло врз нашата сегашност.

