PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

„Не допирај ме“: Филм за (не)моќта на телото

popup by popup
ноември 14, 2018
in Филм
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Лесно е да се стане и да се замине што подалеку од нештата што не сакаме да ги разбереме. Молчењето за нив, не значи дека тие го запираат својот интерен разговор за себе. Заминувањето не значи дека тие престануваат да постојат зад затворената врата. „Не допирај ме“ (Touch me not), првенчето на Aдина Пинтилие, е есеј за телото што постои наспроти сите норми што доаѓаат и си одат, го заточуваат и го ослободуваат. Не поштедувајќи нè од реални садомазохистички сцени, добитникот на берлинската „Златна мечка“, на мошне суптилен, невоајерски начин зборува за телесната траума, која е силно врзана за душевноста. Зарем не е телото стегнато со ремените на душевноста, секогаш кога запловува во сексуалноста? Зарем прифаќањето на нашата неизбрана корпоралност не е и повредување и уживање истовремено? Зарем таа внатрешна борба не се состои во асоцијацијата со цветот „не допирај ме“, кој поседува одбранбен механизам и ги затвора ливчињата навнатре секогаш кога ќе биде допрен од надворешен „предатор“?

Филмот што плени со одличната фотографија, инвентивната монтажа и звуците на „Einstürzende Neubauten“, се труди да одговори на дел од најтешките прашања за телесноста, сексуалноста и човечките врски. Одговорите, се разбира, се сложени и повеќеслојни. Лаура (Лаура Бенсон) e првиот „цвет“ во целосен расчекор со своето тело. Поставена сосема настрана од моќта на физичкиот контакт, нејзината интима се сведува на потполн и чист воајеризам. Лаура води љубов со отсуството на луѓето. Нејзината приказна и обидите да си помогне со интервенцијата на транссексуалецот Хана и тантричкиот спиритуалист Шони, се преплетуваат со Томас (Томас Лемаркис), кој исто така има нерешени прашања со своето тело. Тој страда од целосна алопеција од својата 13-годишна возраст и оди по трагите што ги има оставено телесниот срам поради таквата состојба, неуморно ги одгатнува прашањата за својата внатрешна заѕиданост и, како што вели, „стравот што не се состои во тоа дека нешто однадвор ќе го нападне тој ѕид изграден кон светот, туку дека нешто однатре ќе успее да излезе низ него“.

Третиот лик што ја поврзува нишката на нерешени прашања за телесноста и сексуалноста е Кристијан (Кристијан Бајерлин), човек што страда од спинална мускулна атрофија и истовремено е благословен со неверојатната луцидност да созерцне во себе и да ги прифати нештата такви какви што се. Тој вистински ужива во својата сексуалност и зборува за своето тело како за вистинско ремек-дело, на кое недостатоците му се невидливи, а убавите делови – единствени. Гледајќи ја целосната слика, појасно и потрезвено од сите, во низата длабоки разговори и контемплации, токму тој го поставува прашањето за суштината на моралот, реската делба на „доброто“ и „лошото“ наметната од религијата, прифаќањето на телесноста во најчистата форма, без осуди и без ограничувања. Воведен во филмот како лик што треба да ја предизвика нашата емпатија и да нè натера да се соочиме со своето гадење, Кристијан брзо еволуира во фактор што го носи балансот на филмското дејство и ги одржува тасовите на кои стои тежината на приказните на Лаура и на Томас. Местото каде што се сретнуваат сите приказни е секс-клубот, каде што она што вообичаено би се протолкувало како ласцивност и разврат, режисерката успева да го прикаже во сцени што зборуваат за тактилноста, човечката близина, и верувале или не – љубовта.

Интересна е и позицијата на самата режисерка, која е присутна во сопствениот филм и активно ги поттикнува протагонистите да ги изнесуваат своите внатрешни расположенија и согледувања за минатите и за сегашните животни искуства. Отпрво добив впечаток дека токму таа е тој надворешен „предатор“ што ги вознемирува ливчињата на нежните, несигурни цветови, сè додека Пинтилие не излезе од рамките на мониторот низ кој ги гледаше соговорниците и самата не седна на нивното место. Можноста да се допре интимниот свет на режисерката и креаторка на овој филм – уметнички перформанс и да се чујат нејзините искуства и судири со концептот на традицијата и сексуалноста, ни дава уникатна шанса да ја согледаме големината на нејзиниот pinboard што седум години ги собирал идеите за „Не допирај ме“.

Невозможно e да се допре големиот сет на прашања за животот, телото и духовноста што ги отвора дебитантското дело на Романката Aдина Пинтилие. Во зависност од појдовната точка, заднината, искуствата и степенот на емпатија што ги поседува гледачот, „Не допирај ме“ може да варира од одвратно, контрадикторно и крајно неразбирливо, па сè до исцелувачкo и просветлувачко филмско искуство.

Некаде во последните сцени ќе ја слушнете реченицата: „Кажи ми како ме сакаше, за да сфатам како да сакам“, и веројатно токму таму ќе ја почувствувате немоќта на телата да се допрат и да се разберат суштински, бидејќи секое од нив зборува на сопствен јазик, лишен од можноста за превод и интерпретација.

 

Јосип Коцев

Previous Post

PopUp Music: Парискиот диџеј Zaltan во RadioBar

Next Post

Дарко Алексовски: „Сегашно минато несвршено“

Next Post

Дарко Алексовски: „Сегашно минато несвршено“

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum