„Има нешто чудно кај мене. Како дете бев огромен фан на поп–музиката. Подоцна, во тинејџерските години навлегов во панкот и активизмот и бев анти-сè. Сега, како возрасна, сакам да работам од сè по нешто. Сонувам да допрам до многу луѓе и да бидам мејнстрим артист, но истовремено сакам мојата музика да ја има способноста да ги менува работите.“
Спајсиците и панкот
Да разјасниме нешто уште на самиот почеток: името MØ се изговара како англискиот збор за милост – „mercy“, но без „cy“. Значи нешто слично на „Мер“ 🙂 Изгледа ничие име на светската сцена не било толку погрешно изговарано како името на оваа млада данска пејачка, која за релативно кратко време од малото село Уберуд, близу Оденсе, стигна до статусот на изведувач што прави концерти од САД до Хонг Конг. Прва музичка љубов ѝ биле спајсиците, а кога пораснала, се префрлила на силни рол-модели како Kim Gordon и Кaren O, поминувајќи цели десет години на панк-сцената. Целта секогаш ѝ била иста: да прави музика!

Планетарниот успех со „Lean On“
MØ (Karen Marie Aagaard Ørsted Andersen) го издаде својот прв студиски албум „No Mythologies to Follow“ во 2014 година, соработуваше со Iggy Azalea на синглот „Beg for it“, a вистинскиот успех го постигна по соработката со Major Lazer и DJ Snake и синглот „Lean On“, кој се искачи високо на светските топ-листи – број 1 во Австралија, број 2 во Британија и број 4 во САД.
За албумот „No Mythologies to Follow“, „Гардијан“ пишува: „Тоа што на MØ ѝ недостасува како оригиналност, успешно го надоместува со својата воинствена страст во музиката.“
MØ сè yште е шокирана од успехот на „Lean On“, која има повеќе од 2 милијарди прегледи на YouTube и е еднo од најпродаваните дигитални изданија на сите времиња, со преку 1 милијарда стримови на Spotify. Не е тајна дека нејзиниот живот сосема се променил по оваа песна. Во едно интервју таа вели дека најпрво не била свесна што се случува, но потоа сфатила колку врати и можности ѝ се отвориле по огромниот успех на „Lean On“. Сепак, нагласува дека ѝ требало време да излезе од „меурот“ на славата што ѝ ja донесе оваа песна, која сепак е заеднички, а не нејзин индивидуален проект. MØ вели: „Не може цело време да сте придружен изведувач. Не е тоа лошо, добро е, особено во денешно време, но како уметник, секогаш ќе сакате самостојно да се изразите и да знаете што е она што го изразувате.“
Во 2016, MØ повторно соработуваше со Major Lazer на мегапопуларната „Cold Water“, во која учествуваше и Јustin Bieber како вокал. Следната година се појави нејзиното второ студиско издание „When I Was Young“, составено од песни што ги напишала во текот на четирите години по излегувањето на „No Mythologies to Follow“
Зошто ја сакаме MØ?
Затоа што не можеме да му одолееме на социјалистичкиот амбиент од Киев во спотот за синглот „Kamikaze“, и оној од Софија и Пловдив, во спотот за „Nights with you“. Затоа што пишувањето песни ѝ служи како терапија. И искрена е, вели дека се чувствува исто толку збунета како во времето кога имала 15 години, па затоа на нејзините текстови не им недостига драма.
Кога сум на сцената, се нурнувам во чувствата и навлегувам во една посуштинска состојба, далеку од онаа моја контролирана, социјална личност од секојдневието. Многу сакам да ги гледам потполно непознатите луѓе директно во очи и да им пеам.
И најважно, MØ мисли дека нејзиното најголемо достигнување е тоа што успеала да остане пристојна личност.

