PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Мирко Попов: Домашните квалитетни артисти се вистинските ѕвезди

popup by popup
септември 27, 2018
in Интервјуа
0
400
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Со 160 изданија зад себе како и огромен број учества во најразлични облици на културни случувања, дискографската куќа ПМГ Рекордингс го одбележува своето дваесетгодишно опстојување и успешно работење во македонскиот културен простор. Јубилејот ќе биде означен на осмото издание на ПМГ Рекордингс фестивал – Сонична младост, на три подиуми за танц, со учество на голем број звучни музички имиња од алтернативната и клупската сцена. Со поддршката на „Златен даб“, организаторите најавуваат одлично фестивалско издание, со музички перформанси што ќе бидат поткрепени со незаборавни визуелни искуства за посетителите. За овој значаен јубилеј и за целовечерниот фестивал разговаравме со вистинскиот човек – Мирко Попов.

Отворајќи ги скопските хроники од бурните деведесетти, слободно може да се каже дека Прогресивната мултимедијална група фигурира како епитом на градскиот клупски живот, електронската сцена и, воопшто, алтернативната култура во тој поствоен, предвоен, па повторно воен период… Колку беше тешко и предизвикувачки да се работи from scratch, да се постави и да се одржи тоа ново и свежо културно влијание во градот?

Првенствено тука беа нашите лични потреби. Потреба за квалитетна, слободна средина, во која нашата креативност нема да биде фрустрирана од надворешните влијанија, кои како што стои и во прашањето, беа катастрофални. Под влијание на светските достигнувања и трендови во алтернативната култура и нашата образована младешка енергија, успеавме да освоиме простори во градот. Музичкото радио Канал 103, некои клупски и супкултурни градски собиралишта беа ставени во функција на нашите акции и интереси. Успевавме да креираме привремено автономни зони, каде што нашата духовност беше единствениот поредок. Го живеевме нашиот сон. Веројатно треба да бидам реален и да кажам дека било тешко, но, најискрено, тоа за нас беше на ниво на природно и спонтано. Некако моравме да го направиме тоа за себе и за другите. Беше или тоа, или катастрофата на секојдневниот живот во транзициска Македонија. Едноставно немавме избор. Испадна фантастично.

Како се роди идејата работата на ПМГ да се прелее во дискографската куќа ПМГ Рекордингс во 1998 година, која 20 години подоцна прерасна во вистински дом на македонската алтернативна музичка сцена, со импозантни 160 изданија, сите проследени со концертни промоции?

Желбата да се работи на повеќе полиња беше присутна уште од моите најрани детски денови, па кога стигнавме да бидеме ПМГ, некако природен беше императивот во еден момент да тргнеме со дискографска куќа. Знаете, ние сме генерација што верува во културата и сме воспитувани да работиме во тој правец. Македонска музика? Македонска култура? Можеби е арогантно да се каже, но за нас тоа отсекогаш било синоним за самите себе и наша природна заложба. Особено од аспект дека државата постојано го пробиваше дното на незаинтересираност за истата таа култура. Некаде во 1998 сфативме дека можеби малку премногу се забавуваме и дека е време малку да загазиме посериозно и така тргна ПМГ Рекордингс. Можеби малку лутавме во прво време, но откај 2004-2005 курсот е сосем јасно поставен, континуитетот и конзистентноста се на високо ниво, а резултатите се очигледни. Нема македонски лејбл со повеќе изданија од нас. А за квалитетот на музиката веројатно ќе дискутираат пореално следните генерации. Јас, лично, сум презадоволен.

Ако ги повлечеме временските паралели во чии рамки сте активни на музичката сцена, излегува дека практично сте работеле среде сите невремиња низ кои поминувало македонското општество. Како се одразија тие на вашата работа како артист, а како подоцна, во менаџирањето на ПМГ Рекордингс?

Реалноста на македонското општество, за жал, сериозно се одразува врз работата на која било пристојна организација или фирма. Живееме во примитивно општество, каде што корупцијата е основна морална норма и тоа доаѓа од највисоките инстанци како дизајн за живеење. Одбивајќи да ја играме таа игра и однесувајќи се според сосем поинакви морални и естетски критериуми, ние сме континуирано изложени на: потсмев, квалификации, негирање, брутални навреди, игнорирање. Да не почнувам да опишувам како тоа се одразува во реалноста на работата на една група со искрени визии, а лимитирани средства. Но воспитани сме да си ја гледаме нашата работа и да се бориме како врагови за нашите правдини, па еве нè, сè уште опстанати и со крената глава. 🙂 Успеавме да создадеме живот и средина за нас вакви, па ќе продолжиме да се бориме до горчливиот крај, така?

Ретроспективно, на кои проекти од долгата 20-годишна работа на ПМГ Рекордингс сте најмногу горди?

Гордоста знае да биде грев кога е онака глупаво генерирана. Се трудиме да не бидеме горделиви. Се обидуваме да оставиме делата да говорат за нас. Сепак, особено ми е драго да видам дека сме успеале не само да опстанеме во она што го сакаме, туку и имаме дигнато фино ниво. Драго ми е да ги видам здрави и живи и сè уште околу мене моите пријатели со кои ја започнавме оваа интервенција во македонското општество. Ако мора да сум горд на нешто, тогаш сум на успешно изведениот културолошки инженеринг врз примитивното локално ткиво, кое сега, колку и да е тоа видливо тешко, јасно се оттргнува од траорноста на традиционализмот и конзервата. Приватно многу ми е супер што релативниот успех во работата, ме израсна во композитор што слободно може да се изразува преку различни музички проекти.

Во 2011 започнавте да го организирате ПМГ Рекордингс фестивал, како врв на сите обиди да се афирмира македонската современа музика. На прагот на осмото издание, фестивалот може да се пофали со бројка од 15.000 посетители во изминативе години. Имате ли впечаток дека на ПМГ Рекордингс фестивал му е „тесно во оваа кожа“ и дека треба да се прошири содржински и временски?

Идејата на нашиот фестивал е да ѝ го претстави на публиката она што во моментот е актуелно во дискографската куќа. Поентата е да се изведат на светлина нашите најквалитетни музичари и токму тие да бидат ѕвездите. Се држиме до тоа и се чини дека нема  потреба да растеме и да стануваме масовен фестивал, што потоа подразбира комерцијални зафати. Отсекогаш нè интересирала културата наспроти комерцијалноста и масовноста. Она што би можеле да го направиме е подобрување на квалитетот на фестивалот преку неговото подобро медиско претставување, поспектакуларни услови за поефектно претставување на артистите на лице место. Освен нашата некомерцијалност, за нас проблем е и што средства многу полесно се добиваат за странски артисти, домашните некако не се високо ценети кај оние што помагаат во културата. Но со трпелив и континуиран развој, мислам дека полека ќе го исполниме и овој императив. За ПМГ Рекордингс (фестивал) домашните квалитетни артисти се вистинските ѕвезди во универзумот.

Да побегнеме од клише прашањето за идните планови на ПМГ Колектив, ПМГ Рекордингс и ПМГ Рекордингс фестивал. Јасно ни е дека, како и досега, ќе продолжите да создавате и стоички да ја поддржувате и да ја издигнувате македонската алтернативна сцена. Малку визионерски, како ја гледате денеска и како посакувате таа да изгледа во иднина?

Реалноста на нашата музичка сцена отсекогаш зависела најмногу од ентузијазмот на нејзините чинители. Нашите луѓе се постојано опседнати со некоја волшебна музикалност, а од друга страна желбата да се прикаже и успее со својот концепт, раѓа една интересна компетитивност. Сето тоа во отсуство на музичка индустрија и посериозна финансиска интервенција од страна на државата (во сите полиња, не само културата), создава збунувачка слика за нашата реалност. Бендови, артисти, концерти и фестивали има повеќе од кога било, но вистински професионализам  и она што е најважно – одговорност, премалку. Нештата се базираат на тоа колку одредени луѓе, музичари, издавачи, промотори, се фанатични пред сè во борбата тие самите да успеат. Посакувам да видам пред сè малку побогата држава Македонија и побогат народ, што фантастично ќе се одрази на музиката и на културата воопшто. Сакам да видам свест кај највисоките инстанци дека културата е еден од основните предуслови за опстанок. Свест дека така мала држава не е во состојба да има сериозна музичка индустрија, па една сериозна, сеопфатна и паметна интервенција на долги патеки во културното ткиво на ова напатено општество. Сакам да видам инспирирани музички работници, амбициозни професионалци, вистински фанатици, луѓе кои музиката како идеја и совршена спиритуалност ги заслужува. Сакам да видам среќни луѓе на улиците.

Previous Post

Дубаи и минимализмот (галерија)

Next Post

Пара: „Лудо возење“ низ дизајнот и илустрацијата

Next Post

Пара: „Лудо возење“ низ дизајнот и илустрацијата

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum