PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Милош Б. Андоновски: Во лавиринтот на Минотаурот

popup by popup
јули 2, 2018
in Интервјуа
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Авторот на овој разговор веројатно ја споделува истата возбуда со целата екипа на кумановскиот театар што во изминатиов период под водство на режисерот Милош Б. Андоновски работеше на претставата „Физика на тагата“, според истоимениот роман на бугарскиот поет и писател Георги Господинов. Исклучително голем е предизвикот да се постави Господинов на театарската сцена, пред сè поради специфичната структура на неговото пишување, кое буквално ја разбушавува читателската свест, разместувајќи ги трансверзалите на времето, просторот и човекот среде нив. Да се изгубиш во лавиринтот на Минотаурот од „Физика на тагата“ значи да тргнеш во митска потрага по себеси и да ја споиш целината од некое заборавено детство со фрагментите од она што си сега и она што ќе бидеш утре. И притоа, да не да ја убиеш тагата, туку да научиш како да сожителствуваш со неа. Премиерата на „Физика на тагата“ е закажана за 6 јули од 20 часот, во Народниот театар Куманово, при НУЦК „Трајко Прокопиев“, драматизацијата е на Ивана Нелковска, како сценограф се јавува Наташа Вчкова, а костимографијата е на Марта Јосифовска. Во претставата играат: Нина Максимова, Јасмина Василева, Горан Илиќ, Симона Димковска, Марко Трајковиќ, Кети Дончевска-Илиќ и Александра Пешевска.


фотографии од проби со работна верзија на сценографија и костими (Наташа Вчкова)

Во лавиринтот постојано се наоѓаш пред скршнување, пред некаков избор. Дали успеа да пронајдеш нешто ново во лавиринтот на Минотаурот, подготвувајќи ја претставата „Физика на тагата“, или уште повеќе се изгуби?

Не бев сам, тоа беше, колку-толку, олеснителна околност. Неколку месеци заедно работевме со Ивана Нелковска, драматургот на претставата, и она за кое мислевме дека е можен излез од лавиринтот на Господинов беше, всушност, влез во уште еден лавиринт, во оној на претставата. Сфативме дека нема излез, има само влез, како и во животот: за да се излезе од едно поглавје, мора да се влезе во друго. Останатото е тапкање во место.

фотографии од проби со работна верзија на сценографија и костими  (Наташа Вчкова)

Романот за она што не се случило, според многуте критички одѕиви, предизвикува силно кинетичко раздвижување на честиците од кои сме составени мешајќи го течението на времето со митската димензија размачкана низ времепросторот. Кои беа најголемите предизвици со кои се соочи, поставувајќи ја „Физика на тагата“ на сцена?

Постоеја повеќе предизвици (административни, технички, креативни). Најголем од нив, сепак, е тоа што кумановската публика нема да добие комедија. Да се направи една претстава е макотрпно и стресно, а најголемиот дел од публиката оди во театар единствено за да се забавува, без увид во заткулисните случувања.
Оваа претстава е претстава – Минотаур. Долго време на актерите се обидував да им ја објаснам архитектурата на „лавиринтот“ со кој работиме, за секој од нив да може самостојно и без страв да се пушти во него. Ликот на Јасмина Василева, д-р Маринова, во една сцена од претставата вели: „Затоа толку луѓе се плашат од Минотаурот, не зашто тој би ги повредил, туку зашто би можеле да станат како него: отфрлени, заборавени и сами“. Затоа кумановци бараат да гледаат нешто на кое ќе се смеат, не зашто смешното му се случува на другиот, туку зашто тажното му се случува секому.

Во едно свое интервју на бугарски јазик, Господинов вели дека романот го пишувал од бугарската точка на тагата. Подоцна сфатил дека, всушност, тагата е многу поширока појава, дека постои светска тага, светска есен предизвикана од исцрпувањето на смислата. Тој вели дека кога ќе раскажеш една тага, таа станува посветла оти нераскажаната тага е тешка. Што се случува со раскажаната тага изнесена на театарската сцена? Дали потоа станува уште полесна?

Најсоодветно ми е да го одговорам и ова прашање со реплика од претставата, онаа на д-р Грозданов кој го игра Горан Илиќ, „вредноста на тагата е секогаш константна“. Кажана или некажана, таа секогаш исто тежи. Поривот да се раскаже сопствената тага некому е потреба да се сподели нејзиниот товар со другиот, но тоа не значи дека товарот се преполовува. Олеснувањето е моментално зашто секој потоа продолжува со својата тага. Тој се мултиплицира и се пренесува од еден на друг, со иста вредност, но во различна форма.

фотографии од проби со работна верзија на сценографија и костими (Наташа Вчкова)

Искрено, имаше ли интимен страв од можно недоловување на повеќеслојната суштина на овој роман-лавиринт?

Секако дека имаше. Секој креативен процес носи страв со себе, нешто не чини ако го нема. Стравот може да парализира, но може и да придвижи, да поттикне на дејствување.

Постојано се преместуваме, постојано се селиме. Целиот живот може да биде раскажан како каталог на преселбите, вели Георги Господинов во „Физика на тагата“. На кое место од животниот лавиринт посакува да се најде и да се задржи режисерот Милош Б. Андоновски во иднина?

Посакувам да се најдам на многу нови места, театарски, географски, емотивни; сите имаме такви места. На некои од нив и сме се нашле, а некои нѐ нашле нас, сме се задржале толку колку што требало. За жал, нечии приказни остануваат заглавени на едно место засекогаш зашто патоказот се загубил – престанале да си го слушаат внатрешниот глас.

Previous Post

PopUp Music: Angel Anx во Синдикат (галерија)

Next Post

La Biennale: FREESPACE

Next Post

La Biennale: FREESPACE

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum