Морам да признаам дека наивно го прифатив предлогот на popup.mk да напишам текст за април, „можеш да пишуваш за што сакаш од твојата сфера, за она што те интересира, нервира, провоцира“, ми рекоа, а јас со задоволство прифаќајќи, всушност, се насамарив самиот себеси како никогаш досега: не знам за што да пишувам.
Сега, повеќе од кога било, најмалку ми се пишува за театар. Не само што не ми се пишува, туку не ми се ни чита. Објави и коментари по социјални мрежи за театар има секоја недела. Со колегите зборуваме за тоа секој ден. Сѐ е преку стопати кажано, напишано, објавено и не мислам дека некој театарџија има да каже нешто ново. Знаеме кој со кого се дружи, кој со кого (не) соработува, кој како игра/режира…
Театарската уметност ги прикажува драматичните ситуации од животот и емотивните состојби што произлегуваат од нив. Во рамките на една претстава секогаш постои една невидлива амплитуда, која постојано мора да се крева и спушта. Таа амплитуда е механизам со кој вниманието на публиката се одржува насочено кон сцената. Ако тоа бранување и нагоре и надолу е со ист размер подолго време, тогаш окото на публиката се навикнува на устоеноста на драмското дејство, а вниманието се дефокусира.
Зад кулисите на македонскиот театар, административните, бирократските, економските и политичките амплитуди, со години наназад, се брануваат со иста динамика. Ништо повеќе не нѐ изненадува ниту нас самите зашто нештата се многу лесно и однапред предвидливи. И токму тоа е проблемот: предвидливоста и недостигот од изненадување, да се изненадиме самите себе, колегите, публиката… Не знам ни дали македонската публика е свесна дека и самата одамна не се изненадила од некоја претстава или нечија изведба?
Поставувам низа од прашања до неа: Кој е нејзиниот вкус? Кои се нејзините критериуми? Кога последен пат изгледала иста претстава двапати? Што различно забележала? Во општата театарска нединамичност што нѐ обзема, поставувам низа од прашања и до колегите: Кон што го пренасочуваме сопственото внимание кога и нас нѐ обзема зачмаеноста како театарџии? Каде ја бараме одговорноста? Кого чекаме да ни даде ангажман за да го извадиме сето од себе?
Всушност, кога би рекол дека на театарот му е потребен еден рестарт, не би рекол ништо ново.

Милош Б. Андоновски,
театарски режисер

