На 20 април, сега веќе далечната 1998 година, групата Massive Attack се подготвуваше да го издаде својот трет студиски албум – прекрасно комплексниот Mezzanine. Иако дотогаш соработувале со најразлични машки и женски вокали, јадрото на групата го сочинуваат Grant „Daddy G“ Marshall, Andy „Mushroom“ Vowles и Robert “3D” Del Naja, автор на повеќето дадаистички стихови на песните од албумот.
За музичките скептици од тоа време изгледало невозможно да се издаде албум на исто рамниште по квалитет (а можеби и подобар) после „Blue Lines“, но музичките генијалци од рангот на Massive Attack своите успеси ги мерат по добиените рунди токму над ваквите скептици и убедувањето во погрешноста на нивниот сопствен скептицизам.
Del Naja понекогаш сакал да каже за албумот дека „тоа е место некаде помеѓу, кога не си сигурен дали е вчера или денес“ – местото каде што е помалку застрашувачки и истовремено тлее еротски набој. Познат како одличен артист позади кого се тегнат приказни дека е уличниот уметник Banksy, инспириран од Jean-Michel Basquiat, Del Naja се наметнува како т.н духовен лидер на групата, како резидент-автор со уметничко влијание врз видеата на песните од албумот, сценските светла и дизајнот на албумот.

Процесот на снимање на албумот бил хаотичен, како поради преголемиот креативен набој на едно место, така и поради суптилната доминација на Del Naja во групата, но иако продуцентите знаеле да посведочат дека членовите на Massive Attack завршувале да снимаат во различни студија, од тоа на крајот се заокружува ремек дело од непроценлива музичка вредност.
Mezzanine ја напушта „тврдата“ електроника на неговите два претходника Blue Lines и Protection, вклучува повеќе рок елементи, со предиспозиции да се слуша гласно, по можност на добри слушалки за добро да се слушнат слоевите на ритмите, финесите и звучните колажи далеку пред нивните брит-поп современици, популарните Oasis и Blur. Со извесна тешкотија низ процесот на музичко созревање полека се ослободуваат од силното американско хип-хоп влијание и создаваат свој сопствен идентитет, пробивајќи траса за многу идни трип-хоп изведувачи. Massive Attack во тоа време стануваат она што Beatles беа во шеесеттите, Led Zeppelin во седумдесеттите и Duran Duran во осумдесеттите, звучно, сценски и кинематографски (инспирирани од генијалниот Martin Scorsese), често креирајќи сонливи, понекогаш кошмарни, но и свежи футуристички звуци.
Хибридната музика на Massive Attack постигна поп-култен статус, продавајќи се во милиони копии, додека нејзините членови беа сè уште релативно непознати за јавноста и слободно можеа да се движат низ неа без да бидат вознемирувани од фанови и папарци.
Користена во разни серии и филмови, таа во себе го содржеше сето дотогашно забавување, разлевање, растегнување низ богатство од звуци и моќни, карактеристични вокали. Македонската публика имаше прилика да ги слуша на 16 јули 2010 година како дел од Скопје Гори, и сигурно со нетрпение ја очекува следната средба со нивната музика.
За крај, иако е тешко да се издвои само една, ова е фаворитот на PopUp од албумот кој остави длабок печат кај трип-хоп фановите, но и во музичкиот свет воопшто.

