Непосредниот повод за разговор со поетесата Марта Маркоска беше нејзиниот нов и интересен проект „Книжевни магнитуди“, со чиј необичен формат успеа да го привлече вниманието на книжевната и на читателската јавност. Но, тоа е само еден тенок, површински слој од нејзината долгогодишна успешна работа на повеќе (понекогаш дијаметрално спротивни) полиња, и доколку вешто го тргнете настрана, ќе откриете мошне вивиден и питорескен свет во кој една уметница успеала да завладее со својата нескротлива личност, да загосподари над креативната енергија и на тој начин да му ја даде на светот најдобрата верзија од себеси.
Твојот проект „Книжевни магнитуди“ е квалификуван како „првото talk show во Македонија со најпознатите македонски поети“. Замислено е така што во имагинарниот авторски боксерски ринг, преку искрен, соголувачки разговор, му го доближува човекот автор и неговото творештво на читателот. Како се справуваат авторите со овој повик за „творечки нудизам“ без цензура и табуа, и каков е одѕивот на публиката?
Светот има потреба од емпатија. Не, не е обична, излитена, флоскула дека му е доста од луѓе што само мудруваат од нивните удобни позиции, без, притоа, вистински да преземат акција да помогнат некому, што е првиот, елементарен чекор кој води кон поголеми дела. Почувствував дека во Македонија има потреба од проекти што ќе ја поттикнат публиката да учествува и да сочувствува во/со животот на творецот. Носечката порака на проектот „Книжевни магнитуди“ е: „Запознајте го човекот-автор, за подобро да го запознаете неговото творештво“. Намерата не е дебатата да прерасне во сувопарен и здодевен академизам, туку да биде вивидна, полна живот, со тоа што, покрај неговите дела, ќе ја претстави личноста на авторот низ анегдоти, низ досетки, низ искуствени примери, а со тоа овој проект излегува само од рамките на книжевните димензии и добива универзално хуманистичка димензија. Сакам публиката да почувствува дека авторот е жив човек, со доблести и слабости, со мноштво недостатоци, а не споменик, кој треба да биде воспеван и околу кого треба да се редат само почести; дека со него може да седне на кафе, да се пие вино, да се помуабети и да се (на)учи од него повеќе за вистините и за суштините на животот и светот. Минатото покажа дека книжевните кругови беа премногу херметички затворени. Сакам да го извадам авторот надвор од тој маѓепсан круг на меѓусебни „тапшања“ по рамо. Сакам да дочекам ден кога некој кого не го познаваме, а нè читал и слушал, решил да напише рецензија за некое наше дело. „Боксерскиот ринг“ е метафора што дава претстава дека нештата се случуваат на отворено, пред публика, се одвиваат брзо и треба брзо да се реагира, дека нема задршки, нема цензури и дека сите „удари“ што публиката потенцијално би можела да му ги зададе на авторот, тој треба да ги „издржи“ и да ги поднесе со ведрина, стамено, стоички. Имало и такви автори што одбиле да гостуваат токму поради стравот од потенцијални „напаѓачи“. Не се сите вешти да се справат со аудиториум, иако се одлични автори. И нив ги разбирам, па се обидувам да ги одоброволам сепак да бидат мои гости во некое следно издание.
Преку твоите дела во поезијата, есеистиката, теоријата, имаш директен увид во внатрешните дијагонали на македонскиот книжевен свет, а преку „Книжевни магнитуди“ можеш да го погледнеш и неговиот екстериер. Искрено и без цензура – каков е книжевниот простор во Македонија денес, од што страда, на што се радува, каде оди?
Без влакна на јазикот, како што стои во најавата на секое мое издание од „Магнитудите“, еве го сублиматот собран во една сцена, оти визуелното подобро доловува од напишаното, а ќе се обидам да ви го претставам најсликовито и најпластично што можам. Јас стојам повлечено од сите писателско-творечки табори. А ги има многу. Стоејќи настрана (и отстрана), долго време набљудувајќи ја книжевната фела, сметам дека и книжевното друштво не е имуно на парадирање и кич. За време на едно од изданијата на „Магнитудите“, паралелно, на истиот простор, се случуваше прекрасна модна ревија. Сите што ме познаваат, знаат дека сум страствен уживател на содржините од модниот свет, па не случајно животот ми ја даде оваа паралела. Трчајќи, де на ревијата де на мојот настан, безрезервно кажувам дека повеќе парадирање и кич има во книжевните кругови одошто кај манекенките и по модните ревии. Суетите нивни се толку големи што не си стискаат ни лајк на Фејсбук ако не се од иста партија или од ист книжевен табор. Немаат доволно широкоградост ни човекољубие кое е основа на живеењето и постоењето. Во насока на секакво демистифицирање, ќе кажам дека додека го најавував гостинот, една од нашите најпознати авторки превртуваше очи, како свесен или несвесен манир, не знам. Ова го спомнувам за да нагласам дека има неоснован анимозитет меѓу авторите, не толку како автор кон автор, туку како човек кон човек. Или што би рекол еден друг голем поет, во скорешен разговор со мене – меѓу нашиве луѓе постои онтолошка омраза. Оттука и нетрпеливоста во говорот. Се омразуваме без никаква основана причина, без да си згрешиме, најмногу поради лични фрустрации што се поголеми од човекољубието за кое сум сигурна дека тлее длабоко во секој од нас. Тие лични, неосновани незадоволства го попречуваат истакнувањето на туѓите доблести, и, така речи, беспоштедно ја гонат личноста да биде фокусирана на туѓите слабости. Тоа ментално устројство е погубно и за оној што го поседува и за оној/оние кон кои е насочено. Овде е нуклеусот на проблемот зошто оваа држава не напредува. Ние се мелеме во вителот на нашето меѓусебно омразување во кое се троши огромна количина енергија што кога би решиле да ја искористиме конструктивно би можеле да премостуваме планини. За првото издание на „Магнитудите“ ме беа прашале: „А книжевната дебата ќе биде на која тема?“ Одговорив: „На тема – анатема на сите суети, титули, авторитети, вообразености, рушење на сите табуа, стереотипи, демистифицирање на одредени структури што предолго владеат во општествово, превреднување на ставовите, прочистување на книжевниот простор и отворање простор за конверзација ослободена од омразување.“

Умешно ја балансираш позицијата во книжевните кругови со изразените нијанси на ексцентричност во твојата појава. Многумина на самиот почеток се одбиени да погледнат преку специфичниот моден вкус и да продрат во суштината на карактерот на оној што се одвојува од масата. Какви лекции научи ти на тој пат на „износување на својата кожа“?
Уште од дете гледав дека луѓето околу мене имаат проблем со прифаќање различност и она што отскокнува од сите дефиниции што им се претходно научени, наследени и складирани во веќе именувани фолдери. Најодговорна улога овде игра школото. Педагозите треба да се и подобри психолози, и да се трудат да ги доведат децата до свесност за нивната (читај: сечија) мултиидентитетност. Уште од првите социјализации во групи, од основното школо (во градинка не сум одела), сум чувствувала доза неприфатеност од масата/толпата и нормално, сум имала чувство на неприпадност. Или, пак, она што мене ми личело на неприфатеност е токму поради моето чувство на неприпадност. Сега, со сето животно искуство што го имам, знам дека моја природна состојба е да не се групирам – ниту да припаѓам на табори, ниту да ги создавам. Отсекогаш сум сметала дека штом влезеш меѓу толпа, ќе те изџвака и сомеле и плукне, ќе те претвори во обичен шлајм за кој не е ни свесна дека е дел од незјиниот начин на живот, мислење и делување. Оние што ме знаат одблизу знаат дека сум обединувач, човек што се грижи за потребите на сите и успева да го извлече на виделина најдоброто од нив. Но, тоа е затоа што кон секого се однесувам со уважување. Сакам да укажам на нешто многу значајно, а малкумина го имаат освестено – ние луѓето сме како пчелките и другите инсекти или, пак, птиците – се привлекуваме и функционираме на принцип на суптилни вибрации и фреквенции. Секое поинакво и од други разлози (не причини) групирање е погрешно и ја нарушува природната рамнотежа. Мнозинството одбрало и ќе продолжи да одбира да функционира и да се групира заради интерес. Но, во суштина, секој си го привлекува своето „јато“ според магнетно поле и фреквенциите што ги зрачи. И тоа е чиста физика. „Како зрачиш – тако привлачиш“ – вели една српска поговорка. Погрешна е формулацијата дека меѓу двајца луѓе „има хемија“. Сосема спротивно на тоа. Има физика. Херцажата, волтажата, амперажата и теслажата на нивните магнетни полиња, односно начинот на кој тие се наелектризирани, на едно суптилно, етерично и езотерично рамниште ги тера да привлекуваат или да одбиваат други луѓе. Еве, го ставив и во песна:
Ние сме како магнетни полиња
кои колку повеќе се приближуваат еден кон друг
толку повеќе си навлагаат во меѓупросторот на нивното постоење
што ги нарушува мембраните на индивидуалноста
ги ремети вибрациите на магнетното поле
околу сопствената оска, центарот на стаменоста
нè децентрира,
нè дефокусира,
нè вознемирува
и разнебитува
нè демагнетизира,
ги меша нашите со туѓите зони
анјони
катјони
атоми и
субатоми
ги бранува нашите фреквенции
нè прави зависни од магнетното поле на другиот
На тој магнет се прилепуваат и други магнети
и така светот станува ужасно поларизирано поле за живеење.
Но како да сe остане магнет сам за себе?
Како да се раскине магнетната сила на тела во инерција
па да може со право да се каже:
„Мери му го магнетот на оној ум“?!
На кој начин ја обликуваа твојата креативна визура животните падови, разочарувањата, губењето на најблиската личност во семејството? Дали може да се каже дека болката е острилка за творечкиот сензибилитет на еден автор?
„Црни дупки во нас“ беше напишана во најтажниот и најстрашниот период од мојот живот, за кој малкумина знаат. Иако, на повеќемината им делуваше како книга полна со хумор и иронија, тие, за мене, беа единствениот начин да се изборам со сите демони, да се победам себеси и да застанам на нозе. Хуморот е моја есенција, неизбежна компонента на мојата ДНК-структура, наследена токму од татко ми, еден од најпознатите хумористи во Македонија, Иван Карадак, кого го загубив пред шест месеци. Моето животно кредо е – кога имаш да кажеш нешто многу страшно, подобро соопшти го смешно. Па откако ќе помине бурата, раскажи ја приказната со „студена глава“, оти, како што вели една будистичка порака: „Никогаш не донесувај судови за нештата ниту кога си премногу тажен, ниту кога си премногу среќен“. Татко ми е „највиновен“ за ваквото мое устројство и, несвесно, ме научил со моите најтешки животни ситуации да се соочам низ хумор. Напросто речено – сме знаеле да му се насмееме на животот. Но, уште од дете, паметам, со сите неволји во животот сум се изборила преку уметност. Пишувањето е мојата најсилна страна, иако јас долги години и свирев, а и цртав. Болката е „острилка“ за почетоците на еден автор, можеби само додека не ги потпише првите дела, а откако ќе се профилира како автор, ненужно е да има каква било „острилка“, туку вешт и искусен автор веднаш преминува на таблет, телефон или лаптоп 🙂 🙂 🙂 Ете мојата следна книга H/ERO/T/IC BOOK е исклучително сензуално-љубовно-еротска. Самиот наслов си кажува што ме „наострило“ за таква книга. Е добро де, има и уште нешто што нема да ви го кажам, не оти не сакам, туку не му е дојдено времето.
Како изгледаат следните творечки и животни магнитуди што сакаш да ги искусиш?
Малку го начнав одговорот во претходното прашање. Има уште многу магнитуди да се доживеат, уште многу посегања по забранети овошки, уште многу врвови да се искачат, уште многу „острилки“ да нè наострат и уште многу страници да се испишат…
Секогаш сакам да пробувам нови работи, иако не ги запоставувам ни оние во кои се чувствувам комотно и што се моја природна состојба. Знам што не сакам да искусам – не сакам патерн (образец, калап). Така човек устојува, се запушта и духовно и ментално и телесно, не чувствува потреба да „расте“. Штом препознаам шаблон, каков било образец, веднаш фаќам друга кривина. Немам два исти дена во неделата. Некогаш еден ден ми трае три дена. Сакам да пробувам и да експериментирам, им се радувам на изненадувањата. Не сакам статичност од кој било вид. Не сакам „музејска устоеност“ и штом ја препознаам во животот и во денот или во меѓучовечките односи, ме тера на подвиг, на акција за динамика и брза промена. А таа „музејска устоеност“ можете да ја видите насекаде околу нас. Луѓето се „вкотвуваат“, уживаат во привилегиите на комфорната зона и немаат веќе желба да спознаат нешто повеќе, да ѕирнат во некое ново ќоше, да истражат некој нов простор од сопствената психа, да откријат нови начини на функционирање. Еве, за крај, заради мало поместување на амплитудите во нашиов разговор, песна од мојата најнова книга H/ERO/T/IC BOOK.
СПОМЕН СОБА
Ми се радуваат колениците
а рацете ми се тресат додека
допирајќи те по вратот
се одрекувам од тебе
Не сопирај го здивот
што ми го дразни деколтето
барем додека не триумфираме
и ги фрлиме конфетите
Ќе ме чуваш уште долго
во твојата спомен-соба
од совршени оргазми
А свесно допуштив
да те допираат други
за да можам да пишувам песни
што мене ме допираат.
И да. Секое интервју е како мандала нацртана на песок. Можам постојано да го преиспишувам, секогаш одново ставајќи го акцентот на друг збор и давајќи ѝ различна конотација на реченицата. Оти и една запирка го менува значењето на напишаното исто како што и секунда може да го промени текот на животот. Затоа, внимателно со толкувањата. Треба да правите преиспитување и превреднување на сите ваши ставови околу некоја проблематика. Само така се расне во човештината и во делата.

