Пишувајќи за соништата и за подобриот свет што можеме да го создадеме со сопствени сили, попатно инспирирајќи се од безброј храбри дела на мои сограѓани и современици од целиот свет, не можам а да не се присетам на моќната порака на Маргарет Мид: „Никогаш немој да се сомневаш во тоа дека мала група умни, промислени и посветени граѓани може да го променат светот. Всушност, светот и само такви го менувале.“
Сонита Ализаде

Сонита Ализаде одбра еден не толку традиционален, но сепак ефективен начин да се бори против патријархалната практика на склучување принудни бракови во својата татковина Авганистан. Ализаде двапати била присилно омажена, првиот пат кога имала 10 години, а подоцна на 16. Потоа го објавила рап-видеото наречено „Продажба на невести“, инспирирано од искуството што го имала како жена продадена при склучувањето брак од страна на нејзиното семејство. Овој чин претставувал огромен ризик за неа бидејќи во Иран, каде што живеела во тој период, не е дозволено жените да пеат во јавност. Сепак, на крајот се исплатело: песната станала вирален хит, а таа добила школска стипендија за завршување на образованието во едно американско средно училиште. Сонита Ализаде и понатаму продолжува да го изведува својот рап со моќен одглас и да ги инспирира новите генерации жени на побуна против заостанатата и сурова традиција на деца-невести во нејзината татковина.
Малала Јузафаи

Малала Јузафаи е најмладиот нобеловец во историјата. Приказната на Малала е застрашувачка, но воедно и буди восхит. Нејзиното семејство водело неколку училишта во Пакистан, под окупација на талибанците, а Малала постојано била под нивен надзор поради своите активности. На 11-годишна возраст, таа под псевдоним напиша блог-пост за Би-би-си, во кој раскажува за својот живот под режимот на талибанците. Исто така беше во фокусот на еден документарец на „Њујорк тајмс“, за животот под воена окупација. Уште тогаш Малала се занимавала со активизам, велејќи дека сака да основа своја национална партија што ќе го промовира образованието и своја образовна фондација што ќе им помага на девојчињата да одат на училиште. Сите овие заложби за унапредување на женските права, претставувале вистински „трн во око“ за талибанскиот режим, па во октомври 2012 Малала била застрелана додека се возела во училишниот автобус. Обидот за убиство поттикнал цело меѓународно движење за нејзина поддршка, па затоа талибанците најавиле дека ќе следува втор обид за нејзина ликвидација. Тогаш Малала и нејзиното семејство се преселиле во Британија, каде што таа продолжила со својот активизам, основајќи го фондот „Малала“ и објавувајќи ја својата прва книга „Јас сум Малала“. Малала Јузафаи ја доби Нобеловата награда за мир во 2014 година за нејзината битка за подобрување на положбата на децата и нивното право на образование.
Ема Гонзалез, Дејвид Хог, Алекс Винд, Џеклин Корин, Камерон Каски и други преживеани од масакрот во „Марџори Стоунмен“

Наместо вообичаениот наратив „ќе бидат во нашите мисли и молитви“, кој се користи по секој монструозен настан од ваков тип, овој пат учениците од „Марџори Стоунмен“ во Паркленд истапија јасно и гласно. Особено моќен говор имаше ученичката Ема Гонзалез, која му се спротивстави на воспоставениот систем за контрола на оружјето во својата земја. Со ист интензитет таа ги поставуваше прашањата и до претставникот од американската асоцијација за оружје Дејна Лоуш, спротивставувајќи се на нејзините закоравени и контрадикторни ставови за оружјето. Како група, учениците што го преживеаја масакрот дадоа многу силно ветување: масакрот во нивното училиште ќе биде последен училишен масакр. За да го свртат вниманието кон оваа чувствителна тема, на 24 март 2018 тие го организираа „Маршот за нашите животи“ (March For Our Lives), протест низ повеќе американски градови чие основно барање е построга контрола на употребата на оружје во САД. Сите ученици од Паркленд кои беа инволвирани во движењето за контрола на употребата на оружје имаат сериозен пристап во рамките на својот активизам. Тие се активни на Твитер, каде што жестоко им се противат на неинформираните политичари и конзервативци. Овие млади луѓе се свесни дека вистинската сила лежи во гласачкото тело, па затоа активно работат на охрабрување на гласачите да не гласаат политичари кои мислат дека е поважно граѓаните да поседуваат огнено оружје, отколку средношколците да се чувствуваат безбедно на училиште. Се чини дека ова е само почетокот на уште една особено интересна и силна активистичка приказна.
Арон Шварц

Човекот што не ги искористи своите генијални способности како програмер и технолог за сопствено збогатување, туку за да ги направи Интернетот и светот подобри и почесни. Денес тој се смета за еден од најголемите борци за слободен пристап и достапност на Интернетот. На 14-годишна возраст, Арон станува коавтор на RSS-форматот, а на 19 години учествува во основањето на Reddit што го претвори во милионер уште пред да може да легално да си нарача пиво. Оттогаш тој стана неуморен и иновативен застапник за повеќе каузи, меѓу кои и кампањата за запирање на SOPA, закон што требаше да ја легализира цензурата на Интернет. На само 26 години, Арон прерасна во моќна сила што ги поврзуваше двата света на технологијата и активизмот со својата неуморна љубопитност и убедувањето дека информацијата е највредната платежна валута, форма на богатство од која никој не треба да биде лишен. Во 2011 година Арон Шварц беше под обвинение дека симнал огромен дел од текстовите на JSTOR (датабаза на академски текстови), со цел да ги направи јавно достапни. Обвинителите покренаа обвинение против него за повеќе федерални злосторства што произлегуваа од неговите напори да симне и да дистрибуира академски текстови. Притиснат од обвиненијата и од депресијата со која се борел во тој период, Арон Шварц се самоубива со бесење на 11 јануари 2013. Постхумно, Кори Доктороу за него ќе напише: „Арон имаше страшна комбинација од увид во политичката димензија на работите, технички вештини и интелигенција за многу прашања. Мислам дека ќе можешe да направи револуција во американската и во светската политика.“
Габриела Андреевска, Ленче Здравкин и Мерсиха Смаиловиќ

Во периодот кога во Македонија пристигнуваа бранови од илјадници бегалци од Сирија, Авганистан, Пакистан и Ирак, а државните институции правеа многу малку да ја спречат или да ја ублажат оваа хуманитарна криза, на дело се покажаа македонските активистки. Во нашето сеќавање останаа заложбите и делата на Габриела Андреевска, Ленче Здравкин и Мерсиха Смаиловиќ. Габриела и други активисти секојдневно ги снабдуваа патниците со храна, облека, информација и топол збор. Во разговор за Ал Џезеира, таа рече дека иако е свесна оти во нивната култура е забрането жените да допираат мажи, сепак таа сите ги прегрнува за да им каже дека се добредојдени во Европа. Велешанката Ленче Здравкин е уште една од редот активистки-хероини кои својата несебичност ја покажаа на дело отворајќи го својот дом за гладните и преморени мигранти што ја поминуваа македонско-грчката граница. Со недели таа беше на релација Велес – Гевгелија, пренесувајќи храна, вода и хигиенски средства, и сочувствувајќи со тешките судбини на стотици луѓе што беа принудени да ги напуштат своите домови поради воениот терор во нивната земја. Особено гласна за непочитувањето на човековите права на мигрантите и бегалците беше и Мерсиха Смаиловиќ. Во една пригода, таа ќе изјави дека на некој начин се занимава со хуманитарна работа уште од своето детство кога голем дел од нејзиното пошироко семејство било засегнато од војната во Босна. Во 2009 и 2010 година организирала собирање финансиски средства за помош на Палестина, а во 2011 учествувала во давањето хуманитарна помош во Сомалија. Во екот на бегалската криза, Мерсиха заедно со група активисти спроведе многу активности за директна помош на мигрантите што секојдневно ја крстосуваа Македонија, како дел од балканската рута.
Кампања “Будење“

Ирена Мила, Елена Фидановска, Верица Пиперевска, Ивана Хаџиевска, Анче Туфекџиева, Даниела Мирчевска, Теано Кардула. Сите се организаторки на „Будење“ – кампања што имаше цел да го поттикне општеството да ги прифати лицата со попреченост, да ги препознае нивните способности и да ги афирмира како рамноправни членови на заедницата. Преку неколку изложби и настани ширум државата, ова храбро движење успеа да го подигне нивото на свест за лицата со попреченост и ретки болести и состојби, потенцирајќи го она што тие можат да го направат, наместо она што не можат. Целта на „Будење“ беше да се урнат бариерите и овие лица да се прикажат надвор од нивната попреченост, да се истакнат нивните соништа, желби и можности.

