PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

„МакеДокс“ – магијата на патувачкото кино

popup by popup
август 6, 2018
in Universes
1
400
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Во време на онлајн-поврзаност, време кога седиме сами, а божем сме со сите, концентрација само за читање твитови и најчест разговор со монитор, вистинска привилегија е да бидеш гостин на патувачкото кино со тимот што го организира фестивалот „МакеДокс“ и да влезеш во нивниот свет.

За оние што не знаат, „МакеДокс“ е фестивал на креативни документарни филмови, кој годинава во август (16-23) ќе го има своето деветто издание во прекрасниот амбиент на „Куршумли ан“.

Покрај официјалниот фестивалски дел, луѓето од овој фестивал имаат и една друга мисија, да ја доближат магијата на гледање филмови, на отворено, во руралните средини на Македонија.

Понекогаш се прашувам дали убавите моменти треба да се споделуваат или љубоморно да си ги чуваме за себе. Овој пат имам друг проблем, не знам да ги споделам. Немам зборови со кои можам да ја доловам енергијата на луѓето од „МакеДокс“, која тие толку спонтано ја пренесуваат на сите околу нив.

Приказната на патувачкото кино е следна: тимот е сместен во едно село и оттаму секој ден патува во друго село во регионот, за вечерна проекција. Оваа година селото Радожда беше база, а се патуваше низ села од струшкиот регион.

Фото: Сашо Алушевски

Една куќа во селото беше приспособена за потребите на екипата. Таму се готвеше, јадеше, работеше, селектираше, рециклираше, спиеше…

Бидејќи куќата не беше доволно голема да ги прими сите на спиење, поголем дел од луѓето од екипата спиеја и во основното училиште на селото. Во училници спални научивме дека, кога си со вистинските луѓе, сеедно ти е дали спиеш на душек, клупа, под, дали имаш топла вода кога ќе посакаш или се тушираш со ладна, од црево натнато во чешма над лавабо, дали те огреало сонце во 6 низ ѕидот прозорец или тоа е најубавото изгрејсонце за да го зграпчиш денот. Ништо, ама баш ништо не те нервира и се приспособуваш на начин што новостите ти претставуваат уживање.

Кога си со македоксовци, сè функционира и изгледа како игра. Правилата ги наоѓаш на ѕидови, на маса, на врата… Неверојатна е таа ноншалантност што беспрекорно функционира. Без многу објаснување, ненаметливо, напишано на ливче, те учат да делиш, да се грижиш за другиот, да помагаш, да соработуваш…

Ќе си го прочиташ името на листа за купување намирници, готвење, миење, чистење вециња, џогирање…

Фото: Сашо Алушевски

Со нив развиваш висока еколошка свест. Во дворот на куќата има три канти/кеси за ѓубре: за хартија, која потоа сами ја рециклираат, за органски и за неоргански отпад.

За време на патувачкото кино, напуштениот камп „Треска“, кој се наоѓа на крајот од селото Радожда, се исчисти од натрупаното ѓубриште што се насобрало со години.

За време на патувачкото кино, го подготвуваат и фестивалот (селекција на филмови, каталог, апликација, покани, настани, организација…). Во патување. Постојано има акција на дружба (плажа, мезиња, шетање), а работите се завршуваат. Не ме прашувајте како, не успеав да дознаам. Магијата на „секој си брка своја работа“ без да додева, без да кука, овде функционира како саат.

Е, тие, такви македоксовци, секој ден патуваат од село во село, „натоварени“ со опрема за прожектирање, платно, конструкција, звучници…

Се стигнува во селото неколку часа пред да се стемни. Нè пречекуваат домаќини. Просторот што е одбран за проекција наеднаш станува центар на светот. Доаѓаат селани, прашуваат што ќе се случува, нè канат на кафе по нивните домови или кооперацијата на селото. Со мегафони низ селото се најавува кино, се мести платното…

Секојдневна нова воодушевеност што секое село на поинаков начин ја предизвикува кај екипата. Не сме ни свесни колку убавини и приказни крие нашата земја. Се однесуваме како туристи во најголема метропола, се губиме меѓу куќите, сликаме, прашуваме, разговараме со мештаните. Сите се расположени за муабет, да раскажат како живеат, колку жители брои селото, кај им се децата…

Во Калишта е првата проекција. Пречек со риба и со скара.

Во Радолишта, во дворот на училиштето сретсело, во една надреална атмосфера се гледа филмот Avec l’amour. Додека поминуваат мотоцикли, најнови „мерцедеси“ и има свадба во блиската куќа, тече приказната за професорот од Неготино што е колекционер на стари аута. Сè е како што треба.

Во Октиси, пред проекцијата, организирана екоакција за чистење на паркчето каде што треба да се одржи проекцијата. Беше преполно со деца, кои прво нè гледаа со чудење како со ракавици и црни вреќи за ѓубре ги собираме кесите од чипсови, сладоледи, пластични шишиња расфрлани на сите страни, за подоцна и самите да се вклучат, да земат ракавици и заедно со нас да го соберат сето ѓубре во околината.

Фото: Сашо Алушевски

Во Мислодежда го гледавме финалето на светското првенство во фудбал. Во кооперацијата на селото, сместено на најубавата висинка, со прекрасна тераса од која се ужива во зајдисонцето меѓу планините, се навиваше и за Хрватска и за Франција. Нема пиво. Селото е населено со Албанци Геги и во него со мештаните разговаравме на најубав македонски. Ни раскажуваат дека се опкружени со македонски села и си одат на кафе секојдневно.

По финалето се гледаше филм за Златан Ибраимовиќ со превод во живо на албански.

Во Ташмаруништа има спортско-забавен центар, игралиште со рефлектори, лулашки…

Екипата не одолеа да изигра партии фудбал и кошарка. Не се опишува како звучеа „Нели ти стига мојата младост“, примот и засипнатиот глас на Тефо додека сонцето заоѓаше зад Јабланица, луѓето доаѓаа и стрпливо чекаа да се стемни и да почне филмот.

Во Радожда пред проекцијата имаше предавање „Дом со нула отпад“, кое го одржа Андријана Папиќ-Манчева, член на екипата на „МакеДокс“, а по проекцијата имаше и караоке на особена радост на публиката.

Мали Влај беше последното село од патувачкото кино. Планинско, живописно село, со едвај дваесетина жители што постојано живеат таму. Се планинареше, се готвеше и се уживаше цел ден во селото.

Фото: Дориан Миловановиќ

Ова се само нафрлени моменти од неповторливото и возбудливо патувачко кино.

Големото срце на македоксовци е отворено за многу гости што секоја година патуваат со нив. Мене ми е ова втора година, по навлекувањето лани во Порече. Годинава се запознав со Питер Зах, режисер на документарни филмови, кој живее во Германија, а го продолжив другарувањето од лани со Цар, продуцент од Белград, долгогодишен пријател на „МакеДокс“. Неколку дена ни се приклучи и волонтер од Турција, кој сосема случајно разбрал за оваа приказна.

Секој ден некој доаѓа и си оди. Во еден момент екипата броеше педесетина души.

Не сакам да ве оптоварувам со бројки и со имиња, но единствено на тој начин можам да ви доловам дека, кога има љубов кон тоа што се работи, отвореност, трпение и желба да се успее во сопствената мисија, не постојат граници и невозможни ситуации. Има добра организација и почитување на другиот, чувство дека сте дел од едно семејство.

Фото: Дориан Миловановиќ

Втора година дел од ова семејство се и докуникулците. Млади луѓе на возраст од 13 до 19 години, избрани по пат на конкурс, учат како се прават креативни документарни филмови. Тоа што ланските докуникулци беа дел и од годинашното патувачко кино е само доказ дека, кога еднаш ќе влезеш во магијата и во атмосферата на семејството „МакеДокс“, остануваш засекогаш маѓепсан.

Затоа, повелете во „Куршумли ан“ од 16 август да ја почувствувате енергијата што ја зрачат.

Годинава, покрај официјалната програма, земја фокус на фестивалот е Полска, така што првата средба е на 11 август, на пикник во Музејот на современа уметност од 17 часот. Ќе се прикажуваат кратки документарни филмови од Полска, ќе има мала закуска и опуштена дружба. Влезот на овој пикник е слободен.

Не пропуштајте ја и можноста да научите како се режира реалноста. Бесплатно, врвни режисери на документарни филмови ќе ви ги откријат тајните на креативната документаристика на двете работилници (од 17 до 19 август и од 20 до 22 август во МСУ од 10:30 до 13:30) што ќе се одржат во рамките на фестивалот. Колку и да ви значат или не имињата Пирјо Хонкасало и Војцек Старон, ако сакате да чуете светски искуства, ова е вистинската шанса за тоа. Што би рекле твитерџии, другпат ќе ми кажете фала.

Им благодарам на Бранд Феро и на Петра Селишкар, главните виновници за најдобрата фестивал-приказна што кога било ѝ се случува на Македонија.

Малку е да се каже дека дружбата со нив е за паметење. Тоа е учење како треба да се живее. Враќање на вистинските вредности во животот, чиста околина, скромност и соживот.

Илинка Делчева

Previous Post

Фадо: Звукот на Португалија

Next Post

Воајеризам во метрото (галерија)

Next Post

Воајеризам во метрото (галерија)

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum