19:30 часот. Скопје си пуштило вечерен августовски туш и ноншалантно си ја измива прашината од своите запурничави летни попладниња. Си мислите: Нема полошо од скопска улица на дожд. Се тешите: Речиси исто како што нема ништо поубаво од чаршиска калдрма после дожд. Стигнуваат нотификации на messenger: Ќе тргнеме ли? Ќе има ли? Кога ќе почне?, вклучувате AccuWeather со опуштени тонови: Ќе престане, ќе преврне, ќе има. 🙂 Во меѓувреме, македоксовци смирено објавуваат на Фејсбук:
„Дождот не ги менува плановите. Ве чекаме во освежен Куршумли ан на отворање. Проекција под арки. До журката ќе преврне.“
Им верувате и тргнувате без чадор да ги освоите сокаците до Куршумли aн по мократа скопска калдрма. Дождот веќе сосема престанува, а просторот во Куршумли aн е преполн. По стартерот „Вај-фај плаза Куба“, во ориенталниот амбиент на Куршумли aн совршено се вклопува турскиот документарец „Кеди“, приказ на животот на истанбулските мачки, чие одгледување е вградено во културниот мозаик на велеградот и речиси издигнато до степен на обожaвање. По проекцијата, публиката зема здив расприкажана меѓу светлината на свеќите и заседната по шарените чергички. Започнува oчекуваниот настап на Jimmy Barka Experience и полека му се препуштате на музичкиот меланж од фанк, рок и балкански ритам. Повторно врне, но овој пат никој не е загрижен затоа што силниот дожд е составен од звуци, бои, танц и уживања.












