PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

„Led Zeppelin by Led Zeppelin“ – визуелна историја на еден од најголемите рок-бендови

popup by popup
јануари 24, 2019
in Музика
0
402
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Пред 50 години, една група луѓе се собрала за првпат во некој подрум во централниот дел на Лондон, со цел да одржат проба за претстојната турнеја на бенд што тукушто се распаднал. Овие луѓе не само што биле ангажирани да го заменат бендот „Yardbirds“, туку врз урнатините на тоа што преостанало, лидерот Џими Пејџ замислил формирање поинаков бенд, кој ќе биде придвижен на поинакви идеи и звуци, а со цел создавање подинамична и поавантуристичка музика. За таа цел го ангажирал искусниот басист и аранжер Џон Пол Џонс, кој бил познат во музичките кругови како и самиот Пејџ, како искусни и барани сешн-музичари на лондонската сцена, и двајца, тогаш непознати музичари од Бирмингем, тапанарот Џон Бонам и пејачот Роберт Плант. Новиот состав, кој во тоа време се нарекувал „New Yardbirds“, само што не го започнал својот незаборавен лет што почнал скромно во тој подрум во Лондон. Групата немала многу време за чекање и многу бргу заминала на турнеја по Скандинавија за да ги завршат претходно договорените обврски и набргу, во период од 36 часа, го снимила своето деби „Led Zeppelin I“.

Photographs Courtesy of Reel Art Press

Нивното деби-издание не наликувало на ништо слично од тој период. Тоа што е неверојатно е дека неговиот карактеристичен звук и магија е дело на четворица луѓе што биле заедно помалку од еден месец, почнувајќи од таа легендарна проба. Албумот, кој ќе биде објавен на 12 јануари 1969 г., кога веќе бендот го променил своето име во сега препознатливиот „Лед цепелин“, ја покажал неговата уникатна музичка хемија, интензивниот креативен музички однос, нивната посветеност и, најважно од сè, ги поставил темелите и препознатливите одлики на оваа пеколна направа што ќе владее суверено во следните 12 години. „Led Zeppelin I“ беше предупредување за големата бура што се наближуваше и за доминацијата на бендот за време на таа ера од музичката индустрија. Од тој момент, „Лед цепелин“ ќе станат еден од најпопуларните рок-бендови на сите времиња, нивните албуми ќе се продаваат во милионски тиражи и речиси секогаш ќе се искачуваат на врвот од топ-листите, а нивните турнеи биле големи настани. Нивниот имиџ се засновал на таинственост, а посебната хемија и моќна енергија произвела музика што не само што го „проширила“ рок-жанрот, туку тие и го збогатиле со тоа што прифаќале идеи и звуци што доаѓале надвор од вообичаените рок традиции. Нивните неспоредливи уметнички амбиции довеле до една голема разновидност и шаренило во нивниот опус, а постојаното музичко експериментирање и авантуризам потсеќале на тие на „Битлсите“ неколку години претходно, само што бендов чекорел понатаму и ја пренел оваа музика на подиумите ширум светот. Неколкуте официјални концертни снимки и поплавата од пиратски концертни изданија покажуваат колку иновативна и бестрашна група бил бендот во живо. Дури и нивната неславна страна како хулигани чекорела рамо со рамо со репутацијата за нивните инвентивни и врвни музички вештини. Сето тоа запрело во моментот кога Бонам бил пронајден мртов во септември 1980, што довело до крај на бендот.

Со цел да се обележи 50-годишнината од формирањето на „Лед цепелин“, преостанатите членови од бендот, во соработка со реномираната британска издавачка куќа „Reel Art Press“, која е специјализирана за ексклузивни фотографски изданија, ја објавија првата официјална книга со фотографии насловена како  „Led Zeppelin by Led Zeppelin“.

Концептот на самата книга го следи истиот концепт што Џими Пејџ го искористи за својата книга „Jimmy Page by Jimmy Page“, која беше објавена неколку години претходно. Таа книга послужи како негова автобиографија каде што наместо зборови беа искористени фотографии, почнувајќи од неговата најрана младост, па преку разните фази од неговата богата кариера, вклучувајќи ги и „Цепелин“, се стигна до денешно време. Но оваа книга сепак се концентрира на активната кариера на бендот и на многуте моменти од постпериодот на бендот со неколкуте кратки реформирања.

Photographs Courtesy of Reel Art Press

Уште од самото формирање, со неколку исклучоци, бендот имал незгодна врска со медиумите. Иако неизмерно популарни и успешни, сепак односот на критичарите покажувал недостаток на почит и сфаќање за нивната работа и најчесто тој однос бил разочарувачки. Оттогаш пристапот за медиумите до членовите на бендот секогаш бил рестриктивен и често недостапен, меѓутоа тоа што бендот секогаш го дозволувал е пристап на фотографите за време на нивните гигантски турнеи и да ги користат тие фотографии да се обраќаат во нивно име и да ја шират пораката за бендот и нивната музика.

Оваа колекција е реализирана во соработка со членовите на бендот, кои лично ги избрале многуте фотографии што се наоѓаат тука. Изборот вклучува фотографии од реномирани фотографи, меѓу кои се имиња како Нил Престон, Боб Груен, Рос Халфин, Мајкл Сагарис, а свој придонес дале и музичката куќа „Atlantic“ и дизајнерското студио „Hypgnosis“ (познато најмногу по соработката на албумите на „Pink Floyd“) кои дале фотографии од своите архиви.

Photographs Courtesy of Reel Art Press

Самата книга е подредена во неколку поглавја, кои ги обележуваат фазите од историјата на бендот и неговиот развој. Повеќето од фотографиите тука се ретки или претходно биле необјавени. Изборот создава еден портрет, кој почнува од најраните денови на бендот кога тоа биле млади, амбициозни и гладни музичари, па до етаблирани постари великани на рок-музиката. Во колекцијата се вклучени фотографии од разни концерти, промо фотографии, фотографии од албуми, состаноци, разни сесии од снимања на албумите, фотографии од патувања, во домашен амбиент, моменти на забава и добро расположение, бекстејџ фотографии, портрети.

Покрај ова вклучени се фотографии од меморабилија од постери, преписки и дописи, се со цел да се долови една музичка револуција и неверојатната историја на еден од најголемите рок-бендови во историјата. Покрај овие фотографии и меморабилија, насекаде се вклучени коментари на членовите на бендот, кои дополнително ги објаснуваат моментите зад фотографиите и ерата кога биле снимени.

Photographs Courtesy of Reel Art Press

Тоа што недостасува се други моменти од историјата на „Лед цепелин“, односно кратки реоформувања во постпериодот за настапите на Live Aid, 40-годишнината на „Atlantic records“, индукцијата во Рокенрол алејата на славните во 1995 (кога настапија заедно со Нил Јанг и „Aerosmith“) или моменти кога им биле врачувани награди за животно дело како на магазинот „Q“ или на Центарот Кенеди, чија награда е најголемо признание во САД за достигнувања во областа на културата. Наместо тоа, книгата ја затвораат фотографии од последниот спектакуларен концерт на „Цепелин“ кај О2 во 2007 година и што се смета последно нивно поглавје кое ќе ја затвори приказната што се однесува до повторните заеднички настапи.

Photographs Courtesy of Reel Art Press

Самата книга „Led Zeppelin by Led Zeppelin“ e богато визуелно патешествие низ историјата на еден од рок-бендовите, кои го освоија светот со моќта на својата музика, музички вештини, таинственост и алхемија. Таа служи и како потсетник за тоа колку бестрашен и иновативен бенд бил „Лед цепелин“. И после неколку декади откако бендот не функционира активно, неговата приказна сè уште инспирира и воодушевува. Очигледно, дури и по толку време поминато од формирањето, неговата музика претставува планински врв што никогаш повторно нема да биде освоен. А сето ова почнало во некој мал подрум пред 50 години.

Ненад Георгиевски

Previous Post

Хетеротопија – видеопроект со алтернативни артисти

Next Post

Колин Риџвеј: Лицата на Њујорк (галерија)

Next Post

Колин Риџвеј: Лицата на Њујорк (галерија)

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum