Лазар Симеонов е документарен фотограф, роден во Скопје, кој од осумгодишна возраст живее во Швајцарија, а последнава деценија ја следи номадската патека на фотографијата, неуморно барајќи ја вистината низ објективот во Палестина, Курдистан, Јужен Судан, Бангладеш, Мјанмар, Македонија…

Разговарајќи со него, се прашував каков е тој внатрешен порив да се замени социо-економската комоција на воено-неутралната Швајцарија со несигурните улици на појасот Газа, завојуваните области на Западниот Брег, затворите во Јужен Судан и измачувачката рута на бегалците од Сирија. Се прашував и како е можно пред себе да имам еден стабилен, смирен и сталожен млад човек, и покрај тоа што го има посведочено сиот распон на воениот ужас, убиствата на невини цивили и деца, сцените од парчосани тела, бомбите, гранатите, бегалската голгота… Особено интересно е тоа што Лазар работи исклучиво како фриленсер, затоа што сака да си ја зачува сопствената независност и да се заштити од однапред скроените политики на известување на новинските агенции. По поминатите речиси осум години во Палестина, по бурниот период за Македонија, Шарената револуција и бегалската криза, останува овде, но сè yште не знае до кога.

Во палестинскиот Западен Брег помина цели седум години, иако планираше да останеш само три месеци. Што те натера да останеш толку долго?
Настанот што го предизвика моето одење во Палестина и во Израел беше конфликтот во Газа на крајот од 2008 и почетокот од 2009 година, кој според податоците на ООН ги однесе животите на 13 Израелци и повеќе од 1 400 Палестинци за само три недели. Посакав да го видам со свои очи и да го документирам она што се случува таму. Требаше да останам три месеци, но останав речиси осум години поради една посебно трагична случка што ми ги отвори очите. Едно од првите места што ги посетив кога пристигнав, во февруари 2009 година беше селото Бил’ин, еден од центрите на невооружениот отпор и народната борба на Западниот Брег. Таму се организираа протести секој петок, цели десет години наназад. Јас одев во Бил’ин секој петок, речиси два месеца, за да фотографирам. На 27 април 2009 се случи трагичниот настан што беше пресвртница за мене и за мојот престој во Палестина. Додека го фотографирав Басем Абу Рахмех, еден од лидерите на тамошните протести, меѓу нас познат и како „пријателскиот и добродушен џин“ (прекарот му беше „pheel“ – слонот), тој беше застрелан во градите со специјален солзавец што се исфрла со голема брзина од 30 метри растојание. Умре пред мене само затоа што мирно протестираше, не претставувајќи никаква закана за израелските војници. Воопшто не очекував такво нешто. Бев шокиран и длабоко трогнат. Тоа ме натера да останам повеќе и да продрам подлабоко во тамошните настани. Ниту еден израелски војник не одговараше за убиството на Басем. И покрај видеото и фотографските материјали од настанот, израелската војска одлучи дека нема доволно докази за гонење на војниците.

Посебен впечаток ми остави твојата фотографија „Tear gas fallafel“ од Хеброн, што прикажува двајца улични продавачи на фалафел, кои и покрај немирите, упорно продолжуваат со својата работа носејќи гас-маски. Како настана таа и што, всушност, раскажува?

Таа фотографија и мене ми е една од омилените, бидејќи одлично го доловува палестинскиот „сумуд“ (sumud е арапски збор што може да се преведе како постојаност, издржливост и упорност): да се издржи наспроти сите тешкотии, често да се плати и повисока цена, и секогаш да се изнајде начин да се живее и покрај очајната ситуација. Хеброн е еден од најголемите палестински градови со околу 200 000 жители. Во стариот дел од градот, кој сега е делумно забранет за Палестинците, живеат околу 500 до 800 израелски доселеници што важат за едни од најидеологизираните и најнасилни доселеници во Западниот Брег. Поради фактот што во Хеброн се наоѓа Пештерата на патријарсите односно Ибрахимовата џамија (според верувањата, тоа е гробот на пророкот Аврам), овој град е многу важен и за Евреите и за муслиманите бидејќи има голема симболика во целиот нивен конфликт. На некој начин, ова место претставува еден микрокосмос што ги прикажува сите отворени прашања меѓу нив на мошне визуелен и јасен начин. Протести на Палестинците во Хеброн има многу често, обично во близина на израелските воени контролни точки и пунктови на улицата Шухада и во делови од стариот град. Израелците прво одговараат со големи количини солзавец и многу гумени куршуми, а кога протестите се поголеми, се користи и вистинска муниција. Штандот со фалафел на фотографијата се наоѓа блиску до местото каде што вообичаено се одвиваат протестите, па продавачите носат гас-маски за да можат нормално да работат и покрај солзавецот. Кога ги фотографирав, ми се случи еден од оние „ова не е можно“ или „ова го има само во Палестина“ – моменти (што е вообичаена шега меѓу странците таму).
После која фотографирана сцена имаше непроспиени ноќи?

Посведочив неколку трагични настани. Двапати фотографирав убиства на Палестинци од израелски војници; многу распарчени и распаднати тела на Палестинци од израелски бомби и гранати летото 2014 за време на војната во Газа; сум ја забележал и ужасната состојба на лицата со посебни потреби во градскиот затвор во Џуба, Јужен Судан; сум сликал жртви на трговија со органи во Бангладеш; прогонот на народот Рохиња во Мјанмар и Курдите во Турција… Сепак, настанот што најмногу ме шокираше беше смртта на четирите дечиња од семејството Бакр, на возраст меѓу 9 и 11 години, во Газа, летото 2014 година. Имено, децата тогаш беа погодени од проектил на израелската војска додека си играле во напуштена колиба на плажа блиску до пристаништето на Газа. Едно од нив беше убиено по истрелувањето на првиот проектил, а другите беа убиени со втор проектил додека бегаа по првата експлозија на плажата. Уште три други дечиња беа повредени, но преживеаја. Во тој период јас престојував во стан на неколку стотини метри од нападот. Кога ги слушнав експлозиите, истрчав накај плажата и ја видов таа сурова и грозоморна сцена. Ниту еден Израелец не одговараше за убиството на четирите деца, а израелската војска ја отфрли одговорноста велејќи оти мислеле дека децата биле членови на вооружените сили на Хамас, кои се подготвувале да ги нападнат, и дека сето тоа е само „трагична несреќа“.

Сè погласно се зборува за посттрауматскиот стрес со кој се соочуваат фотографите, многу години по својата работа на кризните жаришта и во завојуваните региони. Зошто тоа досега беше табу-тема?
Првата причина што ми паѓа на ум е стравот од губење на понатамошните ангажмани и потребата за докажување колку си силен, не покажувајќи знаци на слабост. Проблемот е во тоа што фоторепортерите во воените зони поминуваат низ истата траума како и војниците, а некои стручњаци сметаат дека за нив е дури и полошо затоа што не се вооружени и не можат да се одбранат себеси. Тоа значи дека имаме исти шанси да добиеме посттрауматско стресно растројство како и војниците. За среќа, денешните фоторепортери, особено оние од поновите генерации, сè поотворено зборуваат за овој проблем и бараат поддршка и помош кога тоа е потребно. Неколку медиуми дури нудат и професионална помош за својот персонал. Посттрауматскиот стрес не го предизвикуваат само ужасните нешта што ги гледате или емоциите што ги чувствувате, туку и тешкотијата и болката да се зборува за нив, бидејќи на тој начин повторно го преживувате она што се случило. Токму поради ова повеќето фоторепортери ретко зборуваат за настаните што ги забележале, бидејќи им се враќаат сеќавањата и емоциите со кои тешко можат да излезат на крај дури и години подоцна. Сепак, да се чува сето тоа внатре во себе и да не се искаже, не е најдобриот начин да се справите со емоциите, напротив, тоа може да ги влоши работите. Сакам да кажам дека безбедноста секогаш треба да биде наш приоритет. Не постои фотографија за која вреди да се умре, па затоа важно е да сте подготвени да се справите со стравот и да останете смирени за да делувате разумно кога ќе се соочите со притисок и опасност. Затоа постојат работилници и тренинзи на кои се вршат подготовки за работа во кризни зони, како и за справување со траумата по враќањето оттаму. И покрај тоа, понекогаш нештата можат да одат во погрешен правец од различни причини што се надвор од наша контрола, па затоа може да се случи и најискусните и најподготвени фоторепортери да бидат повредени или убиени.

Дојде во Македонија среде бурниот период за нашето општество кога се испреплетоа Шарената револуција, мигрантската криза и епилогот со „крвавиот четврток“ на 27 април. Какви се твоите впечатоци од овие настани?
Најпрво, сакам да ја потенцирам болната вистина: по 27 години постоење, Македонија е меѓу најлошите земји за живот во Европа бидејќи се наоѓа меѓу трите држави со најголема корупција, сиромаштија и загадување. Прочитајте го ова повторно и размислете! Главната причина се состои во тоа што од 1991 година досега, секоја владејачка гарнитура сака да стави што повеќе пари во својот џеб, помагајќи им на своите роднини, пријатели и политичка партија, наместо да се грижи за доброто на граѓаните. Нешто мора да се промени, но очигледно е дека Македонија нема моќ тоа да го направи самата, туку потребна ѝ е помош однадвор, односно приклучување кон НАТО и ЕУ. Ниту НАТО ниту ЕУ не се совршени организации и кон нив можат да се упатат многу критики, но сепак, според мене, врз основа на искуството од последните 27 години, тие се единствената опција за Македонија. Шарената револуција, од таа гледна точка, беше едно од најдобрите нешта што ѝ се случија на земјава. Преку неа на ненасилен начин, Македонија се ослободи од корумпираниот и криминален режим што владееше десет години и ја туркаше земјата кон меѓународна изолација, наместо кон ЕУ и НАТО. Таа донесе извесна надеж за иднината на државата, иако тоа сè yште не значи дека Македонија е конечно избавена и просперитетна. Треба уште многу да се направи, ама сега барем постои можност да се оди кон подобро.

Фото: Oren Ziv IFJ
Имајќи предвид дека можеш да подвлечеш паралели меѓу суштински различни работни средини, што е тоа што допрва треба да се направи за развојот на македонската фотографија?
Не само фоторепортерството туку и новинарството воопшто е во многу лоша состојба. Повеќе има партиска и државна пропаганда отколку вистинско и независно новинарство, а тоа е нешто што веднаш мора да се промени. Фоторепортерите и новинарите мора да бидат заштитени од власта, законот и судскиот систем. Нашата работа мора да се почитува, платите мора да бидат повисоки, медиумите не смеат да крадат фотографии и да ги користат без да му платат на авторот (па дури и кога ги преземаат од социјалните мрежи, тие не смеат да се користат за комерцијални цели без дозвола од фотографот). Исто така, потребни ни се и професионални фото-уредници. Од моето искуство како фото-уредник, можам да заклучам дека овде има мал број фото-уредници, или пак нивните задачи ги извршуваат друг вид уредници без познавања од областа на фотографијата за да ги изберат вистинските фотографии што треба да се објават. Има малку галерии фокусирани на фоторепортерството, недостасуваат изложби и работилници. Ако останам во Македонија доволно долго, би сакал да организирам годишни фестивали за фоторепортери и да ги поканам најдобрите светски фотографи што ќе ги споделат своите искуства и знаења со домашните фотографи.

И конечно, што е тоа што те води, која е мисијата на твојата фотографија и каква порака сакаш да испратиш со неа?
Две нешта ме водат: желбата да ја прикажам вистината и да се борам против неправдата. Сакам да сведочам, да му покажам на светот што е она што се случува за да не можат потоа луѓето и политичарите да речат дека не презеле ништо зашто не биле информирани. Мојот идеал е да одиграм улога во правењето мали разлики што ќе доведат до позитивни промени. Не верувам во објективноста на фотографијата или новинарството. Фотографирам затоа што имам нешто да кажам, и според мене, фотографијата е најдобар начин да се пренесе некоја порака бидејќи таа е универзален јазик што сите го разбираат.

Јосип Коцев

