Биенале е сенешто што се случува со двегодишна фреквенција. Венециското биенале е најголемата меѓународна изложба за уметност и за архитектура. Секоја непарна година уметност, секоја парна архитектура. Започнува во 1895 година како алтернатива на светската изложба, денешно Експо, која тогаш била претежно наменета за промоција на технолошките иновации во периодот на индустриската револуција, но Италијанците, кои тогаш не биле лидери во технологија, решиле да направат еден вид интернационален натпревар на уметностите и културите.

Фото: Никола Узуновски // Детал од Павилјон Италија, Архипелаго
На првото биенале учествувале само неколку држави, или империи, како Англија, Австро-Унгарија, Шпанија, Германија, но полека секоја година бројот на учесници растел, па денес има повеќе од шеесет национални павилјони. Во триесеттите години од минатиот век, Биеналето освен изложбата за ликовни уметности отвора и фестивал за филм, театар и музика, а во осумдесеттите започнува со интернационалната изложба на архитектура.
Биеналето во првите години е само склоп на повеќе национални павилјони, сè до почетокот на војната на идеологиите, откога Мусолини во периодот на Втората светска војна го претвора Биеналето во воена пропаганда.
Во педесеттите години за првпат Биеналето почнува со курирани изложби на тема, за да ги попoлни празните павилјони на државите што немале пари да учествуваат поради рецесијата од војната.
Во шеесет и осмата, Биеналето е окупирано и затворено од левичарските протестанти како критика на елитизацијата на уметноста.
Во осумдесеттите години Биеналето се шири во напуштената воена зона на Венеција, Арсенале, и на многу други локации низ градот. Се приклучуваат и други придружни изложби како колатерални евенти.
Денес Биеналето е најголемата и најкомплексната изложба во светот. Ќе ви требаат три дена да ја видите целата изложба: еден ден за зоната во градините Џардини, еден ден за воената зона Арсенале и еден ден за останатиот дел распространет низ градот. Има шеесетина павилјони, повеќе од сто проекти на курираната изложба FREESPACE и дванаесет колатерални изложби.
Главниот дел од денешното биенале е курираната изложба што ја курира куратор или група куратори одбрани од Комитетот на Биеналето.
Главните куратори имаат период од една година да направат истражување и да одредат тема или тенденција што сметаат дека е најактуелна во последните години и да најдат уметници/архитекти кои од разни аспекти ја обработуваат таа област. Потоа има отворен конкурс за предлагање проекти. Националните павилјони може, но не мора да ја следат главната тематика. Колатералните евенти ја надополнуваат главната изложба со слични тематики. Во текот на Биеналето се одвиваат и многубројни дебати и работилници на одредената тема.

Фото: PALAGANI RAHUL
Оваа година е редот на Биеналето за архитектура, а за главни куратори се избрани Ивон Ферел и Шели Мекнамара ака Grafton Architects, а темата што тие ја одредија е FREESPACE – „Слободен простор“.
Манифестот на изложбата ја акцентира поврзаноста меѓу архитектурата и човекот и сите видови интеракции помеѓу нив.
Биеналето на отворањето доделува награди, кои во минатото биле парични, но денес тоа се само позлатени или посребрени лавови. Во секој случај, тоа е една од најважните награди во светот од овој сектор.
Се доделува и награда за животно дело, со која годинава се закити Кенет Фрамптон, додека Златниот лав за најдобро дело го доби Едуардо Сото де Моура. За најдобар павилјон беше избран швајцарскиот, Сребрен лав за млад/и архитект/и Вилдер, Викик, и Таилеу, Посебни заслуги – Англискиот павилјон, Андра Матин и Раул Меротра.
Сото де Моура доби награда за реновирањето и пренамената на напуштениот манастир Санта Марија дел Боуро во хотел во рурална област.
Швајцарскиот павилјон претстави куќа во која сите архитектонски елементи беа диспропорционални, а посетителите се чувствуваа како во земјата на Алиса. Проектот ги акцентираше нашите односи со архитектурата, отворајќи прашања за класните и за генерациските разлики.

Сото Де Мура // Фото Никола Узуновски

Швајцарија 240
Англискиот павилјон е оставен тотално празен, но над него е дограден привремен „руфтоп“, кој го удвојува слободниот простор и од каде што се пружа прекрасен поглед на лагуната на Венеција.

Павилјонот на Обединетото Кралство
Кинескиот павилјон, кој е секогаш еден од најактуелните, за разлика од претходните години кога се посветуваше на брзиот напредок во нивните мега-градови, оваа година претстави многу софистицирани проекти за оживување и за развој на руралните области.
Нордискиот павилјон – Шведска, Финска, Норвешка – го претстави проектот „Друга несебичност“, Another Generosity, инсталирајќи органски балони што се однесуваат како живи суштества, а бидејќи реагираат на надворешните услови, врнежи, притисок, топлина. Проектот ја акцентира нашата поврзаност со природата, а оваа симбиоза е важен дел од нордиската култура.
Унгарскиот павилјон претстави проект што го документира процесот на адаптација на еден мост во Будимпешта во јавен простор. Мостот стана парк, простор за културни манифестации, школа за јога.
Македонскиот павилјон претстави четири проекти, кои беа можни решенија како да се врати јавниот простор одземен од „Скопје 2014“, Од нив би го одбрал проектот на Мила Димитровска, Владо Данаилов, Гордан Витевски, кои предложија појас од скеле на неколку нивоа, од каде што граѓаните ќе можат да контролираат што се случува со/во кадата.

Кинески павилјон

Нордиски павилјон // Фото Никола Узуновски

Унгарски павилјон / Фото: Никола Узуновски

Македонскиот павилјон / Фото: Никола Узуновски
Од курираната изложба можеме да ги издвоиме макетите на Питер Ѕумтор, кои се исто толку поетични колку и неговата архитектура, како и проектот Менхетн „2050“, план за развој на појас од паркови и јавен простор по периметарот на Менхетн во Њујорк.

Питер Ѕумтор

Менхетн 2050 / Фото: Никола Узуновски
Од делот во Арсенале вредат да се спомнат Рикардо Блумер и студентите од Академиа ди Аркитетура со мобилната инсталација „Ѕид“, која создава архитектура со ѕидови од сапуница.
Франциско и Мануел Ариес Матеус, со проектот „Поле“, макета на објект со остри агли и прекршени површини, кој во внатрешноста крие идилична градина.
Во отворениот простор на Арсенале, најистакнати беа „Клауд Вилиџ“ на Филип Јуан, структури од транспарентна пластика принтана со индустриски робот, кој екструдира и ја лади – солидира пластиката во 3Д-простор, и бамбусовата пергола Бамбус сталактит на Виетнамците Во Тронг Ниа. 
Рикардо Блумер и студентите од Академиа ди Аркитетура

Франциско и Мануел Ариес Матеус, Поле – Field

Во Тронг Ниа, Бамбус Сталактит
Биеналето започна на 26 Мај и ќе биде отворено до 25ти Ноември.

Никола Узуновски

