На почетокот, културите на некои племенски заедници ѝ пристапувале на фотографијата со страв и резервираност бидејќи постоело верување дека таа има моќ да му ја зароби душата на човекот. Сосема настрана од празното суеверие, често остануваме разоружани пред способноста на некои фотографи да го впијат метафизичкото од светот преполн со пластични и опипливи нешта. Кристина Велковска некако со леснотија вели дека фотографијата за неа претставува „едноставна игра меѓу стварноста и имагинацијата сè со цел да ја славиме убавината“, веројатно сосема несвесна дека играјќи си во тој артистички хаос, „заборавила“ да си ги собере стварните играчки од имагинацијата и нестварните од реалноста. На тој начин ја создала својата аналогна убавина.









