По обдукцијата на младиот кит што неодамна се насука на брегот на Кабо де Палос во југоисточниот дел на шпанската област Мурсија, слободно може да се каже дека за неговата смрт е одговорно целото човештво.
Во утробата на животното долго десет метри и тешко повеќе од шест тони, пронајдени се речиси 30 килограми отпадоци, вклучувајќи пластични вреќи, облека, рибарски мрежи, јажиња и пластични канти за бензин. Според експертите, китот умрел од перитонитис, како резултат на неможноста да ги свари и да ги исфрли пластичните материјали од својот организам.

Овој случај ја поттикна регионалната влада на Мурсија да започне кампања против фрлањето пластичен отпад во океанот. Генералниот директор за животна средина во регионалната влада на Мурсија, Консуело Росауро, изјави дека во последната деценија, пластичниот отпад во океаните прераснал во најголема закана за водениот животински свет на целата планета. Според неа, многу морски животни заглавуваат во големата количина отпад и во своите организми внесуваат големи количини пластика, што доведува до нивна смрт.
Загинатото животно му припаѓа на загрозениот вид спермокитови, чија посебна карактеристика е тоа што ги имаат најголемите мозоци од кое било суштество на планетата. Спермокитовите претежно се хранат со лигни, а просечниот животен век им е приближно како човечкиот, околу 70 години. Кампањата на регионот Мурсија ќе биде спроведена во соработка со Европската асоцијација за животна средина и со Европскиот фонд за регионален развој, а ќе вклучува акции за подигнување на свеста на јавноста за ова прашање. Во планираните активности е вклучено и 11-дневно чистење на плажите. Собраниот отпад ќе се каталогизира и ќе се подложи на понатамошни анализи, кои треба да го утврдат неговото потекло.
Експертите за животна средина постојано алармираат за количината на отпад во светските океани. Околу 8 милиони тони пластика секоја година го нарушуваат нормалното функционирање на морскиот животински свет. Во последното издание на „Сина Планета“ (Blue Planet, BBC), сер Дејвид Атенбороу предупреди дека океаните се претвораат во „токсична супа“ од индустриски отпад и пластика. Атенбороу раскажува дека при снимањето на „Сина Планета“, екипата наишла на пластика дури и на најоддалечените локации. Тој порачува дека човештвото мора да им се спротивстави на индустриското загадување и на фрлањето отпад за да се зачува животот во океаните.

